Хуманитарна трка за деца со Даунов синдром

19.03.2018 12:01
Хуманитарна трка за деца со Даунов синдром

Минатата година стотици луѓе ја дадоа својата поддршка за децата со Даунов синдром. Оваа година традицијата продолжува по трет пат. Хуманитарната трка „Да трчаме заедно со децата и за децата со Даунов синдром!“ ќе се одржи во недела, 25 март, со почеток во 11.00 часот во Градскиот парк во Скопје.

Трката е организирана од Мечувалечки клуб Ескрим под мотото „И ние го можеме истото како и сите!“. Со овој настан организаторот сака да ја подигне свеста за Даунов синдром поттикнувајќи ги останатите спортски клубови да ги отворат вратите за децата да се вклучат во спортот и да им се обезбеди еднаков пристап до него како и за сите деца.

За нив спортувањето е од големо значење затоа што преку спортот ја развиваат моториката, координацијата, одржување на баланс и тонусот на мускулите. Сите овие работи се многу важни за нивниот понатамошен самостоен живот. Со спортувањето добиваат можност за социјализација и децата стекнуваат нови пријателства и се развиваат. Инклузијата дава исклучителни резултати во нивниот живот.

Трката ќе започне од Школка во Градски парк и секој кој е заинтересиран да го охрабри и поттикне успехот на децата со Даунов синдром може да се пријави на трката на https://www.smartrace.club/ или да ја посети и поддржи истата со своето присуство.

Собраните средства од самите пријави ќе се искористат за набавка на аудио опрема за Дневниот центар за лица со Даунов Синдром.