1025 hPa
77 %
14 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 08:59
Во неколку продолженија ќе го пренесеме необичниот лирско-филозофски текст.
Барајќи ги траекториите за патувањето на жената низ хоризонтите на морето што сега е плодна житница (Пелагонија – од старогрчкото pelagos, море), обидувајќи се да ги најдеме одговорите на она што сега Е преку она што некогаш било, исправени сме пред ѕидот на кој се исцртуваат, втиснуваат, императивните поимски одредници на политичката, историската, колективната, интимната, па дури и естетската архива на гестови, што тетовирааат едно тело. Tело одредено од безбројните ракописи на културата на едно време, чие раѓање, растење, зреење и стареење не се мери календарски, со датуми, месеци, години, часови. Говориме за вонисториско време, кое тече и се впишува како повеќедимензионален и повеќезначен пејзаж во телото на жената. Тоа тело, фрагментирано, распарчено, најчесто обликувано од потребата и копнежот на другиот, ги прикажува и ги илуминира како интерфејс сите промени на органите кои ја сочинувале околината низ која се движело и се движи, а кои го одредиле неговото постоење како единствено, неповторливо, тивко, кревко, но одлучно, истрајно и силно. Телото на една жена во која вовираат и извираат, се вчитуваат и отчитуваат трагите од парадигмите на моќта, на јазикот, на говорот, на меланхолијата, на љубовта, на стравот, на слободата, на посветеноста, на припаѓањето. Тоа солидарно тело, кое постои од дамнина до денес, ги содржи во себе форматите на битка со интимните и колективните политики на опстојување и на траење. Недофатно тело кое го содржи во себе знаењето за светот во сите негови наличја, достоинствено артикулирајќи ги низ својата интимна анти-историја своите аномалии и тивко но темелно менувајќи ги.
Многукратно ранувано, со обиди некој да го претвори само во протеза за своите големи историски гестови, идеализирано за возвишените потреби на уметноста или брутализирано за обесчовечените, бедни стратегии на војната, флуидното тело на жената, минувајќи низ шумата од општествени знаци и апаратуси, го пронаоѓа во макотрпност, но одлучност, патот по кој никој не сака да се движи. ТАА е нишката низ лавиринтот во кој загубената заедница не можела да го најде излезот без неа. Таков е патот по кој ТАА стигнува до себеси.
ТАА обитува таму каде што секое тело почнува да го бара она што некогаш го изгубило. Не се плаши да тргне во потрага на изгубеното себе во Другиот. Ја боли, но не нејзината рана и нејзиното умирање, туку раната и смртта на заедницата. ТАА е мртва само доколку се усмрти заедницата. И тешко кој може да ја разбере во целата сеопфатност ваквата нејзина раскрилена прегратка. Тешко кој може да ги разбере политиките на пријателството, што ТАА ги воспоставува помеѓу раѓањето и умирањето. ТАА плови низ сопственото анти-време со корабите кои ги гради со својата лирска храброст, станувајќи невидлив кормилар на разумот и угодноста на неугодното во културата, на радоста во тагата, на раѓањето во смртта, на љубовта во омразата, на храброста во кукавичлукот, на говорот во тишината, на здружувањето во раздруженото, на храброста во кукавичлукот, на траењето во миговноста.
ТАА е дијалектика во мирување. Протестира, алармира, се бори, иницира, демонстрира, деконструира. Се деконструира најпрвин себеси, а потоа и сликата за себе, која сака да ѝ ја украде покорувачката моќ, што знае да владее само доколку го обезмоќи другиот. Секоја сегашност е определена со синхроницитетот помеѓу времето што минало и она што доаѓа. Во неа вистината е концентрирана до точка на распрснување. Минатото и сегашноста запаѓаат во одредена констелација заедно, која може да се согледа како низ фотографски објектив.
И затоа, овде, да си споменеме на сите оние кои се обиделе во една точка од потрагата по својот јазик и по својот ракопис, да го кренат гласот, симболички, но и фактички, во една синхрониска, вертикална перспектива, против она што генерално се одредува како белег во однос на жената преку Параграфот 920 од Српскиот граѓански закон од 1844 година, каде што жената се изедначува со „малолетните и малоумните, и со тоа ѝ се одзема правото на слободно и самосвесно дејствување“. Ова се стигмите во Македонија, на Балканот, во 1884 година. Тогаш, политичкиот говор не бил добро артикулиран, не бил систематизиран, ниту бил, софистициран. Не постоеле тие фини алатки на политичката коректност, зад кои денес се затскриваат многуте сѐ уште моќни и сѐ поперфидни „покорувачки“ процеси што ја одредуваат жената како „помошник“, а не како интегрален, двигателен дел од дарот за конституирање на заедницата. И покрај дискриминирачката грубост што им се припишува на дамнешните времиња, сепак не би смееле да го заобиколиме ехото на симболичкото значење на овие одредници кои важат и денес. Тоа ехо го позиционира телото на жената надвор од мислечките, самосвесни, еманципаторски, јавни двигови на слободата, на борбата, на нејзиното форматирање во огништето и надвор од него.
„Стварната слика на минатото нечујно ни се измолкнува. Минатото може да се долови и да се дофати само како слика што силно блеснува во мигот на сознајното толкување и потоа се губи во неповрат... бидејќи со секоја сегашност минатото може да добие нови значења и одново да се спознае себеси“, вели Валтер Бенјамин, во своите Филозофско-историски тези.
И под превезот на оваа епистемолошка парадигма на Бенјамин можеме да воспоставиме мост помеѓу оние општи одредници кои ја артикулираат географијата на движењето на жената низ мапата на нејзината еманципација во котелот на моќта, во нејзината борба со светот и со меланхолијата. Тоа е мапа на која е исцртана напрегнатоста преку која ТАА ја надминува својата декоративна улога и станува политички субјект во општеството.
„Жената е личност и нејзините интегритет и достоинство мораат да се почитуваат. Јас верувам во нејзините интелектуални и творечки способности, коишто можат да дојдат до израз само ако жената биде прифатена како слободна и рамноправна личност. ТАА треба да ја земе во свои раце сопствената судбина и сознаена за своите вредности да тргне во борба за целосна еманципација.
Жената е неделив дел од човековиот бит, таа ги носи сите тешкотии на семејниот живот, таа е мајка, воспитателка, таа е домаќинка, таа е одговорно лице и пред мажот во денешното капиталистичко општество, во кое егзистираат два закона – еден за правата на мажот и другиот за обесправеноста на жената. (...) Во нашата Организација жената учествува еднакво со нас и дава жртви – како и ние, па според тоа треба да се користи со еднакви права. Многу наивно и глупаво е да се мисли дека жената не дава жртви. Ами мажот ѝ, брат ѝ, татко ѝ кога ќе настрадаат и се убиени? Зарем жената тоа безболно го прима?“, јавно се застапува Никола Петров Русински, во периодот помеѓу 1893 и 1903 година. (Весковиќ- Вангели, Вера, Жената во ослободителните борби на Македонија, 1893 -1945,Култура, Скопје, 1990.)
Во светот каде што жената се третира како метафора, како скаменета аналогија, врз чиишто нарации се нижат сегашноста и иднината, имаме потреба да ја истражуваме и согледаме невидливата историја. Нештата кои за нас се невидливи и апстрактни имаат свое амблемско, монограмско значење. И во таквата невидлива историја постои едно тело кое прашува и одлучно бара да му се одреди еднакво просторот на мислење и на дејствување. Нема или-или, туку и-и.
Секоја вистина, секое знаење е дискурзивно произведено и стои во основата на идејата што одредена епоха ја смета за вистинита, што е прифатена како таква од доминантната група. Во таа смисла, вистината е парцијална, но сака да воспостави привид на општоприфатеност и нормалност. Тоа значи дека говорот, како таков, не е важен, туку е важно кој, како, што и од која позиција говори. Затоа, во историјата, во нарацијата за поединецот и за одредена група, велиме дека се воспоставуваат ограничени режими на вистината, што се претставуваат како нормални и според кои се гради целосниот културен, општествен и политички пејзаж.
Врз нив се воспоставуваат културните мемории кои ги обликуваат сегашноста и иднината. Сите системи на вредности, хиерархискиот поредок, обичаите и навиките, што не се проблематизираат и се подразбираат, се плод на метакултурно производство, па токму поради тоа се релативни и променливи. Затоа, историјата треба да се чита не како процес на континуитети, туку како конгломерат од фрагментирани дисконтинуитети со кои владеат различни културни формации, формулирани од одреден доминантен систем на знаење, неспоредлив со оној што му претходи.
Историјата, јасно е, не претендира да биде неутрална, незаинтересирана и објективна или да ги опишува историските настани онака како што се случиле. Не барајте каузалност, не барајте архиварство и темпоралност. Ова е наратив на битката што е во траење, на нештата што веќе се интерпретирани. Наратив што сака да го почне своето патување наспроти етаблираните модели на знаење, да ги преиспита историите на интимните процеси и феномени на еманципација, специфични за една култура, но применливи за културата воопшто, да ги насети разгранувањата во историските процеси на производство/продукција на идентитети.
Исчитувајќи го одново концептот на паметење, на музеолошко архивирање, исцртуваме своевиден интимен, личен антимузеј, кој сакаме да ѝ го посветиме на жената во Македонија. Сонуваме за деконструкција на архивските податоци што се во обид да конструираат поинакво читање на историската зададеност. Замислата за архивата и музејот како опкружување на човековиот свет можат да се согледаат како бескраен лавиринт на паметењето, често има различни наличја и му се измолкнува на обидот за неговото конечно фиксирање. Ја откривме ТАА, која е архива на вербата, љубовта, кошмарот, целомудрието...
ВЕРУВА
Верува во љубовта со ризик. „Љубовта без ризик е како војна без мртви – нема средби, нема случајност“, шепоти ТАА. Жената ризикува. Затоа што ја сознава онтологијата на љубовта. ТАА не копнее по безбедност – ТАА копнее по целосно предавање, по длабоко искуство на другоста од кое љубовта е исткаена. Токму затоа жената ги измислува ризикот и авантурата како одбрана на љубовта од комфорот и сигурноста. Бидејќи тие водат кон нејзината смрт.
А ТАА на смртта ѝ се спротивставува токму со љубовта. Љубовта го ткае нејзиното политичко битие. ТАА раѓа и поттикнува љубов.
Љубовта ѝ е водилка во исцртувањето на мапата во која се промислуваат и се впишуваат стратегиите на слободата. ТАА го мисли светот и себеси преку дискурсот на љубовта.
Историските и антрополошките записи велат дека е посветена домаќинка, дека нејзината улога е да го организира малото општество наречено семејство, но и дека е страствено доследна на револуцијата, дека има визија за своето организирање како потпора, но и како поттикнувач во борбата против неправдата, против поробеноста, дека има лидерски капацитети, дека некогаш е похрабра и од мажот во фронталните битки, дека „културата на тишината“ што ја направила вековна сенка ѝ е предност во комуникацискиот дар умно и мудро да ги артикулира разногласијата што можат да доведат до разединување наместо до обединување. Велат дека одлучно истапува и во заднината и во раководството. Мајка, сопруга, курирка, војвотка, организаторка, агитаторка, учителка, лекарка, партизанка, работничка, активистка...
Процепот, отворот низ кој се стекуваат сите овие нејзини атрибути е ефемерноста на љубовта. Љубовта ѝ овозможува слобода, но и цензура во движењето на мислењето. Тоа е точката во која минатиот и сегашниот миг се спојуваат во една искра на поистоветување, која го запира движењето низ историската хоризонтала, но го засилува разбирањето за внатрешното допирање на идентитетските, културните и политичките нарации.
ТАА ја прекинува историјата и отвора нова историска можност, што го опросторува и го ситуира времето во сегашноста, поинакво од општоприфатениот код. ТАА преку љубовта, слично како и погледот на главата на Медузата, создава нова темпоралност на осаменоста, која се бори за заедницата. Низ калеидоскопот на љубовта, историската перспектива се менува во зависност на актуелните историски мигови, врз кои нејзините илуминации добиваат разни нијанси. Љубовта за неа е единствениот капиџик низ која поројно се нижат приказните, историите, толкувањата. Непрегледна низа на она што е и на она што би можело да биде.
Величествена рана, патека од стотини илјадници чекори, каде што ништо веќе нема да може да биде исто, но сѐ ќе биде. Вонисториската жена, која секогаш гради поинаква историја е со вел од љубов, со крената глава која полека ја слика љубовта, своето друго, својата внатрешна градина, својата храброст, следејќи ја линијата што зад себе остава динамични и бурни бранови.
Љубовта е процес на конституирање на себеси низ другиот. Јас се нурнува низ интимното и колективното друго, низ сопствената проѕирност, која го воспоставува одново како субјект. Благодарејќи на искуството на љубовта Јас се вкоренува и се втемелува во својот флуиден и припаѓачки идентитет. Тоа е таа апологија на љубовта, неретко блиска до верскиот занес, до епифанијата. Во љубовниот занес се крие семето на универзалноста. Во љубовта постои искуство на можен премин од чиста посебност кон универ зална вредност.
Заради љубовта, македонската жена е како авангардната уметност – ексцесна, експериментална, интермедијална. ТАА има тивок утописко-револуционерен концепт за пресврт на општеството и успева во деструкцијата на обичајните, клишеизирани и идеолошки норми да го менува општеството во модерно. Слом на утописки визии и побуни. Аномалија и ексцес во доминантната култура.
Копнеж по израз на специфична, неповторлива и исклучителна индивидуалност и егзистенција, што се препелка од тажење до битка. Индивидуалност со огромна продукција на значења и вредности, која развива еклектички и плурални стратегии на преобразбата. Преку неа се преместуваат и се премостуваат историските текстови и модалитетите на дејствување.
(продолжува)
Текстов се потпира на историски и архивски податоци, усни искази, но не претендира да биде историски запис, туку феноменолошка арматура за социо-културните поставености на жената во овој период.
Текстов е резултат на истражувањето спроведено на територијата на Прилеп, Битола и Крушево, а со фокус на жената, нејзините идентитетски, општествени поставености, клучни внатрешни и надворешни идентитетски одредници и еманципаторски заложби во периодот од 1900 до 1945 година, односно крајот на 19 и првата половина од 20 век. Текстот се потпира на историски и архивски податоци, усни искази, но не претендира да биде историски запис, туку феноменолошка арматура за социо-културните поставености на жената во овој период. Во прибирањето на историската и архивската граѓа еднакво учество земаа Христина Иваноска, Виолета Качакова, Билјана Тануровска-Ќулавковски и Искра Гешоска.
Фотографии: Нан Голдин
Извор: Музеј на женски приказни - Локомотива, New initiative, 2016