Во СЈО преслушале над 500 илјади разговори, 193 илјади биле приватни

20.03.2018 01:19
Во СЈО преслушале над 500 илјади разговори, 193 илјади биле приватни

Класификацијата на разговорите што веќе е направена од СЈО за 85 отсто од разговорите што ги поседуваат, покажува на масовноста на кршењето на човековите права во земјава. Овој податок може да се најде во последниот шести по ред Извештај за работата на СЈО.

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) последните шест месеци – од септември 2017 г. до март 2018 г. ги оценува како потврда за добро извршената работа од формирањето во 2015 година до сега, бидејќи во Судот прифатиле најголем дел од нивните обвиненија и бидејќи се изречени и првите пресуди.

Ова се наведува во последниот, петти шест месечен извештај на Обвинителството (чие официјално име е Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите), кој е објавен согласно законската обврска на оваа институција да ја известува јавноста и Собранието на РМ за својата работа.

Во текот на Извештајниот период од страна на судот се целосно одобрени 15 обвиненија поднесени во месец јуни 2017 година. Во оваа смисла, петтиот извештаен период несомнено претставува потврда на целокупната работа на тимот на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите од неговото започнување со работа и заклучно со поднесувањето на овој Извештај.

СЈО го истакнува и податокот и дека за 11 од обвинетите лица судовите веќе изрекле и пресуди:

Како резултат на одобрувањето на обвиненијата кои претходно ги поднесовме, во извештајниот период започнаа или се закажаа рочиштата за најголем број од поднесените обвиненија. Уште повеќе, овој период веројатно најмногу ќе го одбележат првите донесени пресуди за вкупно 11 обвинети лица, кои претставуваат резултат на квалитетната работа и превземените дејствија во спроведените истраги со кои се обезбедија цврсти докази, се наведува во Извештајот.

Специјалната обвинителка Катица Јанева која раководи со СЈО истакнува уште еден момент како доста важен во овој извештаен период – одлуката на Апелацискиот суд во Скопје да ги прифати прислушкуваните материјали што се во посед на СЈО како докази во постапката:

Ваквото решение го потврдува фактот дека врз основа на законските одредби аудио записите од телефонските разговори се внесени во домашниот правен поредок од кои причини ова Јавно обвинителство има обврска за ефективно и темелно истражување на сериозните повреди и прекршувањата и санкционирање на сторителите во рамки на својата законска надлежност по однос на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Не земајќи ја предвид вака воспоставената судска пракса во текот на извештајниот период во половина од поднесените обвиненија аудио записите беа издвоени од списите на предметите како докази прибавени на незаконит начин и со кршење на правата и слободите на граѓаните. Иако со вака донесените одлуки беа пролонгирани постапките за одобрување на поднесените обвиненија од страна на судот сепак за мене и за мојот тим од исклучително значење е фактот што од страна на Апелациониот суд беа уважени сите жалби вложени од наша страна и беа донесени решенија согласно воспоставената судска пракса – вели Јанева.

 Укажување за нерешениот статус

Јанева наведува дека во изминатите шест месеци СЈО продолжило со предистрагите и истрагите за многу важни предмети за кои не беа подигнати обвиненија до законскиот рок 30 јуни минатата година, како и дека во периодот од септември 2017 година до март 2018 година презело други предмети што биле кај редовното обвинителство.

Заради навистина големиот интерес на јавноста чувствувам обврска да информирам дека во изминатиот период се превземени предистражните предмети од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и тоа предметите познати во јавноста како СКОПЈЕ 2014, АКТОР, предметот за објектот КОСМОС и предметот за ПОПИСОТ на населението во 2011 година. За истите во рамки на законскиот рок од 8 дена се донесени решенија за воспоставување на наша надлежност и истите се припоени или се отворени нови предистражни постапки кои се водат во ова Јавно обвинителство.

Овие бројки и резултатите постигнати досега за Јанева се уште еден доказ за важноста на потребата за законско регулирање на статусот на СЈО во однос на рокот за подигање на обвиненија, односно тој да се продолжи или да се најде друга законска форма.

Сепак и покрај многубројните укажувања од моја страна во извештајниот период не беа обезбедени законски гаранции со кои би се регулирала положбата на ова Јавно обвинителство, а во функција на остварување на надлежностите за кои ова Јавно обвинителство е основано, како и во насока на оневозможување на неказнивост за кривичните дела од надлежност на ова Јавно обвинителство. Воедно, не би смеела да се занемари улогата на ова Јавно обвинителство во борбата против корупцијата и подигнување на степенот на правна сигурност на граѓаните.

Над 200 предистражни постапки

Дека е потребно да се реши статусот на СЈО, кој инаку е регулиран со Законот донесен на 15.09.2015 година, укажува и самата статистика што ја наведува Јанева во Извештајот. Имено во последните 6 месеци СЈО отворило нови 136 предистражни постапки, со што бројот на вкупните предистраги што останале од претходниот период се зголемил на над 200:

Во текот на Извештајниот период заведени се 136 нови предистражни предмети. Од нив 23 предмети се формирани по сопствена иницијатива, а 113 предмети се формирани врз основа на пријави од други подносители. Вклучувајќи ги претходно отворените 99 активни предистражни постапки, во ова Јавно обвинителство во моментот се во работа вкупно 235 предистражни постапки. Од овој број на предистражни постапки решени се вкупно 53 предмети, од кои 48 предмети се формирани врз основа на пријави од други подносители, а 5 предмети формирани по сопствена иницијатива се затворени. Во работа се вкупно 182 предмети од кои 128 се активни предистражни постапки формирани по сопствена иницијатива.

СЈО се осврнува и на истрагите што ги има отворено во овој шестмесечен период:

Во периодот од 15-ти септември 2017 година до 15-ти март 2018 година ова Јавно обвинителство отвори 7 нови истражни постапки, против вкупно 17 физички лица. Доколку се разгледа структурата по кривични дела и во ново отворените истражни постапки во извештајниот период евидентно е дека повторно најголем дел од кривичните дела кои се во работа пред ова Јавно обвинителство се кривични дела од главата XXX од Кривичниот Законик – кривични дела против службената должност. – наведува Јанева.

Огромен број приватни разговори

Гледајќи ги статистичките показатели се забележува дека СЈО има напредок и во обработката на аудио-фајловите од прислушкуваните телефонски разговори. Она што ја покажува големината на незаконитоста што била правена во Македонија, е бројот на снимените разговори, но уште повеќе откако СЈО ги има класифицирано и обработено, бројот на приватните телефонски разговори.

Заклучно со датумот на поднесување на овој Извештај се анализираше содржината на 515 572 аудио фајлови, односно во обработка се 85% од вкупниот број на аудио фајлови со кои располага ова Јавно обвинителство при што се изработени 1784 транскрипти каде што врз основа на преслушаните разговори постои индикација за сторено кривично дело... И во текот на петтиот извештаен период продолжи процесот на одвојување на приватните разговори од разговорите кои се во обработка. Од вкупниот број на анализирани разговори 515 572, издвоени се 193 753 аудио фајлови за кои се утврди дека станува збор за приватни разговори.

Само овој податок покажува колку многу биле кршени основните права на човекот во земјата. Колку многу граѓани биле изложени на незаконско нарушување на нивната приватност, а од тоа пак, секогаш можат да произлезат мотиви кај „прислушкувачот“ за чинење на други кривични дела.

Целиот извештај на СЈО за периодот од 15 септември 2017 г. до 15 март 2018 г. можете да го прочитате тука.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Слика: Мета

Извор: Вистиномер