Сто години феминизам

20.03.2018 01:33
Сто години феминизам

Од принцип одбивам лошо да зборувам за друга жена, дури и ако многу ме навреди. Го чувствувам тоа како обврска затоа што сум свесна за женската ситуација: таа е и моја, ја гледам кај другите и знам дека секоја жена, секој ден мора да вложува огромен исцрпувачки напор. Сиромашни или богати, неуки или образовани, убави или грди, славни или непознати, мажени или немажени, вработени или невработени, со деца или без нив, бунтовни или покорни – сите сме длабоко обележани од начинот на битисување во светот, кој и кога го нарекуваме свој, во корен е отруен од илјадниците година на машка доминација.

Жените живеат во постојани противречности и исцрпувачко ринтање. Целиот свет е кодиран во знакот на машките потреби – дури и нашиот долен веш, сексуалните пракси, мајчинството. Мора да бидеме жени во склад со улогите и моделите што ги усреќуваат мажите, но мора и да им се спротивставиме, да се натпреваруваме со нив на јавни места, додека истовремено ги правиме поголеми и подобри отколку што се и да внимаваме да не ги навредиме.

Една млада драга жена ми кажа: имав проблеми со мажите додека не ја научив вистинската мерка. Научила да не биде премногу убава, премногу паметна, премногу внимателна, премногу независна, премногу великодушна, премногу агресивна, премногу фина. Женското „премногу“ предизвикува насилни машки реакции, а и непријателство од другите жени кои секојдневно меѓусебно се борат за трошките од машката маса. Додека пак, машкото „премногу“ предизвикува општ восхит и носи позиции на моќ.

Така што не само што женската моќ е загушена заради редот и мирот во светот и дома – туку и самите ја гушиме. Дури и денес, по сто години феминизам, не можеме сосема да бидеме она што сме, не припаѓаме на самите себе.

Нашите недостатоци, нашите суровости, нашите злосторства, нашите доблести, нашето задоволство и самиот наш јазик послушно се впишани во машката хиерархија и се казнувани или пофалени во зависност од кодовите кои всушност не ни припаѓаат и затоа нè исцрпуваат. Во таква состојба, лесно е да се стане одвратен самиот на себеси.

За да покажеме што сме и додека работиме за својата независност – немилосрдно се следиме самите себе.
Затоа чувствувам блискост кон сите жени и се препознавам себе и во најдобрите и во најлошите. Ме прашуваат луѓе, дали е можно баш никогаш да не си запознала некоја кучка?

Познавам некои, се разбира: книжевноста е полна со нив како и секојдневниот живот. Но кога сè ќе се собере и одземе – јас сум на нивна страна.

Слика: Andrea Ucini

Извор: The Guardian

 

ОкоБоли главаВицФото