Лоу-фај хип-хоп: музика за сечие уво

20.03.2018 10:36
Лоу-фај хип-хоп: музика за сечие уво

Има една радио станица на Youtube со постојана бројка од 10 000 слушатели со слика од аниме девојка која седи пред биро, навидум изморена и втренчена во купишта работа од нејзина десна страна додека музиката свири во позадина. „Лајв-четот“ (отворениот форум за разговор кој оди во етер) е постојано преокупиран од 4:20 „дувачи“, депресивни 14-годишњаци кои бараат утеха во други 14-годишњаци, како и љубители на музика од целиот свет. Ова се чини како навраќање кон етерот на интернет чет-собите, но оваа станица е нов проект на Chillhop Music, промотор на различни артисти кои сите прават ист вид на краткотрајни синт-вејв инструментали. Музиката се вика лоу-фај хип-хоп и веќе ви има влезено во уво иако не го знаете тоа.

Лоу-фај хип-хопот ги има своите зачетоци во широката DIY (направи сам) музичка сцена од изминатите 20 години. Во однос на потеклото на жанрот, самиот звук произлегува од продукцискиот процес на лоу-фај музиката (односно, музика која е снимена со понизок квалитет од стандардната хај-фај музика). Ова на некој начин по малку го изобличува звукот, како снимката намерно да била пригушена. Многу артисти од 90-те го добиле овој звук користејќи стара опрема за снимање од 70-те, и така го создале хипнагошкиот поп, жанр кој новинарот на Вајр, Џејмс Кинан, го има опишано како музика која се наоѓа некаде „меѓу јаве и сон“. Денес, можете да го најдете овој опоен звук кај артисти како секогаш необичниот Ариел Пинк. Овој пригушен звук потоа се пренаменува од хип-хоп продуценти како Џеј Дила (J Dilla) и Медлиб (Madlib) од Stone’s Throw Records. Оваа издавачка куќа е позната по тоа што постојано создава нови бранови на музика со звукот на стари бранови, па не е ни чудо што нивниот нов вундеркинд Knxwledge постојано преобличува стари џез и соул песни преку методот на сечење (семплување) и изопачување за им се даде нов старовремски звук. Контрадикторен уште од старт, ваквиот вид на музика им фаќа уво на сите слушатели. Тоа е вид на музика кој секогаш се чини како нестварен – како реликвија од минатото со футуристичка обоеност.

Музиката била и сè уште е главно дел од подземната сцена. Повеќето артисти кои создаваат лоу-фај битови започнале со „бампови“ на Adult Swim, односно кратки инсерти од 30 секунди кои се наменети да ја разбијат апсурдноста на програмата на Adult Swim. Ако сте биле како мене и сте останувале до 3 часот наутро за да гледате стари реемитувања на One Piece и Каубој Бибоп за време на Toonami, дефинитивно сте ги сретнале лоу-фај битовите на Flying Lotus и безброј други артисти кои ви влегле во потсвеста без свесно да сфатите колку уживате во нив. Можеби ова е бидејќи сме ранливи суштества по самрак, па така звуците кои се емитуваа за време на тие инсерти резонирале доволно со слушателите за да ја создадат музичката средина која нè опкружува денес.

Денес, лоу-фај хип-хопот има создадено сопствена супкултура во популарната култура на хип-хопот. Ако ги прашате лоу-фај слушателите што гледаат во музиката, ќе ви кажат дека тоа се супер „чил битови“ за учење и релаксација. И да, за обиди за фристајл со петте ваши другари кои се фолираат дека се рапери, додека кружи џоинт кој прави да се чувствувате како да ги имате рецитирачките способности на млад Fabulous. Со семплови од прости џез акорди, најчесто од еден артист чии исечоци се повторуваат врз бујната аниме визуелна естетика, музиката има мултимедијална стилска привлечност.
Освен ова, ако уживате во Soundcloud рапери, веројатно уживате и во лоу-фај хип-хоп битови. Целата култура на лоу-фај хип-хопот е никната преку соработката и трудот на Soundcloud и Bandcamp артисти, зашто сите ги семплуваат истите песни. Многу инструментали кои ќе ги чуете се често различни интерпретации на оригинален „луп“ (звучен исечок од неколку секунди кој постојано се повторува) кој еден артист го семплувал од друг. Популарните артисти како Исаја Рашад и Џ Кол ги користат овие релаксирачки битови за да создадат атмосфера каде зборовите не се надгласени од „808“ басови и константни фусови како во современата трап музика. Наместо ова, зборовите течат со битот; тие се само уште еден пригушен слој врз краткотрајните инструментали. Оваа култура во рамките на современиот хип-хоп очигледно излегува од сенките и движи кон предните редови.

Лоу-фај хип-хопот е важен. Универзалноста на семплувањето му дозволува да најде публика кај секој вид на слушатели. Може да го слушаат сите возрасни групи зашто содржи карактеристики на „собна“ или „музика за во лифт“ (музика која може да тече без да вознемири никој). Совршено се вклопува во каква било позадина, но исто така создава и облачна атмосфера (со облаци од чад се разбира). Згора на ова, жанрот е толку приземен во моментов, што артистите кои се дел од Soundcloud културата волно го споделуваат својот труд и дозволуваат „семплување на семплови“, и така на масите им нудат милиони начини на кои можат да ја слушаат музикава на пристапна и евтина платформа. Во доба на постојано создавање, слушателите можат лесно да станат и создатели на ваков вид музика, навлегувајќи во светот на видео игри, џез и аниме. Музиката очигледно еволуира под влијание на овој нов поджанр, додека рапот на кој сме научени става сè помал нагласок на текстовите, а сè поголем на звукот кој го создава гласот на артистот во комбинација со инструментите. Всушност, сосема спротивното од Мигос и таа страна на жанрот.

Накратко, треба да ја чуете музикава. Можете да почнете од Youtube, каде има многу канали со 24-часовно емитување на лоу-фај хип-хоп битови од артисти како Bluntone, Idealism, и Jinsang. Еден канал, STEEZYASFUCK, е постојан промотор на нови миксови од различни лоу-фај артисти. Само почнете да кликате; сè звучи убаво. Дури и ако не ви се допадне толку еден артист, музиката зафаќа толку малку простор во собата што не мора да се грижите дека ќе ве вознемири. Само опуштете се, земете некоја книга и „искулирајте“ на битови кои веројатно веќе сте ги слушнале без да им го знаете потеклото.

извор: 34st.com