1018 hPa
75 %

6 °C
Скопје - Саб, 15.02.2025 17:59
Нема ништо во животот на Младата Девојка, па ниту во најповлечените зони на нејзината интимност, што би побегнало на отуѓената рефлексивност, кодификација и поглед на Спектаклот. Таа интимност проткаена со стоки е целосно предадена на рекламите, целосно социјализирана, но социјализирана како интимност, односно дел по дел подложена на вештачката Обичност која не ѝ дозволува да се изрази. Кај Младата Девојка најтајното исто така е најјавно.
Младата Девојка е затрупана од своето тело: тоа е нејзиниот свет и нејзиниот затвор.
Физиологијата на Младата Девојка е ударната позиција на нејзината лоша супстанцијалност.
Природно е Младата Девојка и самата да почнува да се поимува според оптиката на голиот живот, потполно приватен и длабоко антиполитичен живот. Оттаму, таа е полоша од Блум.
Женственоста е родена на рушевините од жени.
Младата Девојка ја копнее Младата Девојка. Младата Девојка е идеал на Младата Девојка.
Младата Девојка живее во истиот хоризонт како и Техниката: хоризонтот на апстрактната спиритуализација на светот.
Младата Девојка настојува да ја изрази автореференцијалната ограда околу себе и систематското непознавање на кусокот. Затоа таа е без мана, како што е и без совршенство.
Телото на Младата Девојка нема никаква врска со каков било облик на интимност, таа е само чист знак.
Примитивците се менуваат за да се разликуваат, Младата Девојка за да се прилагоди.
Младата Девојка методично и секогаш одново вложува сè од што е ослободена во чисто заточеништво (на пример, би било добро да се запрашаме што современата жена, еден прилично ужасен вид на Млада Девојка, направила од „слободата“ која ѝ ја донела феминистичката борба?)
Младата Девојка е својство на сопствената програма според која сè треба да уреди.
Младата Девојка значи самопоништување на остатокот кој го конституира Блум.
Сета интимност на Младата Девојка е социјализирана, и тоа е сè.
Сексуалноста е толку поважна за Младата Девојка колку што секој од нејзините сексуални чинови е побезначаен.
Тавтолошкиот карактер на Младата Девојка изискува да не ја засега никаква другост, туку единствено нејзината идеална репрезентација. На тој начин таа своите наводни адресанти ги фрла на ужасната маргина, колку и да се тие слободни глупаво да веруваат дека ним им се обраќа. Така Младата Девојка воспоставува таков простор на моќ што на крај не може да ѝ се пристапи.
Во Спектаклот мажественоста значи само женственост на мажјакот.
Младата Девојка има сексуалност во иста мера во која сета сексуалност ѝ е туѓа.
Газето на Младата Девојка ѝ е доволно да го втемели своето чувство на некомуникабилна сингуларност, а нејзиното тело без органи го зазема местото на себството.
Младата Девојка е таков психолог... Успеала да се направи себеси плитка како објект на психологијата.
Младата Девојка е некој чиешто само битие зависи од метафизичкиот факт на конечноста сведена на едноставното техничко прашање: која е најделотворната крема против брчки? Најтрогателната карактеристика на Младата Девојка без сомнение е тој манијакален напор да ја досегне наизглед дефинитивната непропустливост на времето и просторот, на својата околина и историја, да биде насекаде и секогаш беспрекорна.
Со оглед дека еротизмот ја претставува Младата Девојка во сета недвосмислена позитивност која неизбежно се прилепува на сексуалноста и со оглед дека самата трансгресија презема мирна, одделна и шифрирана норма, сексуалниот чин не е од оние нешта кои, во односите кои се одржуваат со Младата Девојка, дозволуваат да се помести надвор од одредена надворешност, туку, напротив, од оние кои ве зацврстуваат во таа надворешност.
Горчлива е „младоста“ со која Спектаклот ја обдарил Младата Девојка, бидејќи таа „младост“ е она што непрестајно се губи.
Помеѓу Младата Девојка и светот постои стакло. Ништо не ја допира Младата Девојка, Младата Девојка не допира ништо.
Во идентитетот на Младата Девојка ништо не ѝ припаѓа, ниту нејзината женскост ниту нејзината младост. Тоа се само две детерминирани апстракции со кои контролата на изгледот се продлабочува во дисциплината на телото. Таа не ги поседува тие карактеристики, туку атрибутите се тие кои, великодушно позајмени, ја поседуваат неа.
„Сетилноста не е непосредност на шпекулативната филозофија, значи профан елемент, на дофат на рака, лишен од мисли и сам по себе разбирлив“ (Фоербах). Непосредноста е предрефлексивно единство на перцепцијата и репрезентацијата. Оттаму за Младата Девојка непосредноста е Спектаклот, значи неадекватноста на репрезентацијата на перцепцијата и нивната одвоеност. Од тоа следува дека таа никогаш не му пристапува на искуството.
Младата Девојка зборува за здравјето како да зборува за спасение.
Чувството на противречности помеѓу неговата егзистенција како општествено битие и неговата егзистенција како човечко битие кое го раскинува Блум, не ја загрижува Младата Девојка, која не само што не егзистира како човечко битие, туку воопшто и нема чувства.
Младата Девојка е сама својот клучар темничар, заробеничка на телото кое е знак во јазикот составен од тела.
„Длабоко вкоренетиот инстинкт кај жените кој ги наведува да користат парфеми е манифестација на еден биолошки закон. Прва задача на жената е да биде привлечна... не е важно нивото на вашата интелигенција или независност: ако не успевате да влијаете на мажите што ги среќавате, свесно или несвесно, не ја исполнувате својата темелна задача како жена...“ (реклама за парфем од 1920-те во Соединетите Држави)
„Ох, тој култ, таа покорност, тоа робување на младата девојка на имиџот на ученичка, имиџот на модерна девојка! (...) ох, тоа ропство доведено до самоуништување, ох, таа послушност на младата девојка!“ (Гомбрович, Фердидурке)
Младата Девојка својата егзистенција ја сфаќа како проблем на управување кој од неа очекува решение.
Пред да постави однос кон другото, општествен однос или некој облик на симболичка интеграција, Младата Девојка го поставува односот со себе, односно со времето.
Против сите очекувања, Младата Девојка не се грижи за самата себе. Искрено зборувајќи, таа не е егоистична, дури ни егоцентрична, од проста причина што нејзиното себство исто така е и другоста. Она што ја посветува сета своја загриженост на својата тврдокорна, непопустлива побожност всушност е нешто што ѝ е една надворешна стварност: нејзиното „тело“.
Примената на форма-капитал на секоја ствар, а на највпечатлив начин на телото, значи посредување со отуѓениот општествен тоталитет воведено во еден однос дотогаш управуван од непосредноста.
Во Младата Девојка тензијата помеѓу конвенцијата и природата привидно исчезнува со губењето на смислата на тие поими, до таа мера што изгледа дека едниот никогаш не извршува насилство врз другиот.
Слики: Xue Wang
Превод: Стефан Симоновски
Извор: Pour Une Théorie De La Jeune Fille