Зошто протестирањето е добро за децата

21.03.2018 02:47
Зошто протестирањето е добро за децата

Учеството во политичкиот активизам може да биде добро за нашите тинејџери, ова е резултат на новото заедничко истражување на неколку американски научници.

Студијата, објавена во јануари во списанието „Child Development“, покажа дека постарите адолесценти и младите возрасни кои гласале, волонтирале или се вклучиле во активизам, на крајот имале подобар успех, напредувале во училиштето и имале повисоки приходи отколку оние кои не се мобилизирале за политички или социјални промени.

Со следење на речиси 10.000 млади луѓе со широк спектар на етнички, расни и економски потекла, научниците од Медицинскиот факултет во Вејк Форест, Универзитетот Фордам и Универзитетот во Масачусетс ги истражувале долготрајните импликации на младинскиот политички и социјален ангажман. Неверојатно, тие откриле дека граѓанската активност е поврзана со подобри академски и финансиски резултати, без оглед на претходниот успех во основно или средно училиште и нивото на образованието на родителите, два фактори кои досега вообичаено се поврзуваа со подоцнежниот успех.

Се разбира, корелацијата не докажува причинско-последична врска, сепак, оваа студија ги открива придобивките од граѓанскиот ангажман.

Во светло на овие наоди, Париса Балард, една од авторите на студијата и доцент на одделот за семејна медицина и медицина на заедницата од Медицинскиот факултет во Вејк Форест, вели дека „значајните можности за волонтирање или вклученоста во активистичка работа може да го промени начинот на кој младите размислуваат за себе или за своите можности во иднина".

По убиството на 17 ученици и наставници во Паркленд, Флорида, тинејџерите од целата земја планираат да ги напуштат своите училишни згради на 14 март, во 10 часот и 17 минути, како протестен акт во знак на почит за жртвите и барање на контрола на оружјето.

Учеството во само еден настан - без разлика дали овој или некој друг што се совпаѓа со политичката наклонетост на детето - не може само по себе да ја смени траекторијата на развојот на адолесцентот. Но, авторите на студијата сугерираат дека позитивните и долготрајни резултати може да имаат ефект ако организираниот граѓански ангажман им помага на младите да се мотивираат и да ја зголемат вербата во својата лична ефикасност, да се поврзат преку социјалните мрежи или да ги негуваат професионалните вештини.

И навистина, тинејџерите што го преживееја пукањето во средното училиште „Marjory Stoneman Douglas“ веќе прават разлика: гувернерот Рик Скот од Флорида, ним им ја припиша заслугата за новите инспиративни закони за контрола на оружјето што ги потпиша минатата недела.

За тинејџерите кои имаат намера да учествуваат во маршот на државните училишта, оваа иста студија има интересна забелешка: сите форми на политичка и социјална акција не даваат исти придобивки за младите луѓе. Додека за оние што гласаат и волонтираат може да се предвидат помалку случаи на депресија и попаметни здравствени избори, тоа не важи кога е во прашање активизмот.

Според д-р. Балард, активизмот, обично е поинакво социјално искуство од другите форми на граѓански ангажман. Додека броењето гласачки ливчиња и волонтирањето на изборите, односно работењето социјално корисни работи, што уживаат широка културна поддршка и се задоволувачки безбедни, активизмот има тенденција да биде поконтроверзен. Активизмот може да ја зајакне личноста. Но, исто така, може да се доживее како тешко и стресно искуство.

Според истражувањето, кај младите кои се ангажирале во активизам - дефинирани од истражувачите како учесници на марш или протест, тоа подоцна во нивниот живот резултирало со позитивни придобивки во вид на подобро образование и поголеми приходи. Но, за разлика од оние кои само гласале или волонтирале, оние што биле активисти, на возраст меѓу 24 и 32 години имале тенденција кон постапки високо ризични по здравјето, како што се: јадење брза храна, пушење цигари, користење на марихуана или пиење алкохол.

Авторите на студијата предлагаат две можни објаснувања за ова.
Прво, активистите, историски, често биле членови на контракултурни групи каде што ризикот можеби веќе бил норма. Второ, активистите би можеле да бидат обесхрабрени од бавното темпо на општествените промени и да се свртат кон лошите здравствени навики за да ја намалат својата фрустрација.

„Можеме да им помогнеме на младите луѓе да ги претворат своите очекувања за големи идеи во мали победи", вели д -р Балард. „Очекувањата не би требало да бидат моментално менување на федералната политика, туку да се добие простор во медиумите и да се подигне свеста".

Според д-р Балард, возрасните, исто така, можат да им помогнат на тинејџерите да почувствуваат дека нивниот активизам има ефект, ако повеќе ги насочат кон поврзување: „поврзувањето со другите, поврзувањето со причината и поврзување со она што веќе се случува".

Додека повеќето тинејџери се премногу млади да ги изразат своите мислења преку гласање, учеството на собири и маршеви е начинот да се слушнат нивните гласови. Оние кои сакаат да се приклучат кон активностите за ставање крај на училишните престрелки, може да се потрудат да го запознаат движењето водено од ученици и студенти, „Марш за нашите животи“ и да се информираат за протестите закажани за 24 март, сабота, кога за учениците е неработен ден.

Се разбира, одлуката за тоа дали да се поддржи или да не се одобри активизмот на тинејџерот е лична како и сите други во семејниот живот. Некои возрасни ќе ги поддржат учениците кои сакаат да учествуваат на некој марш, додека други ќе се спротивстават, грижејќи се за можните опасности, безбедноста, отсуствувањето од часови или дисциплинските последици заради учеството. Додека некои училишта се заканија дека ќе ги суспендираат учениците кои учествуваат на протести, правниците велат дека учениците имаат право да протестираат, освен ако се работи за насилни или друг вид на проблематични настани.

Исто така, десетици колеџи и универзитети изјавија дека какви било дисциплински мерки против студенти и ученици што учествувале на протести, нема да влијаат врз нивните одлуки за прием на студентот или оценките.

Гледајќи го проблемот од перспектива на социјалните науки, возрасните треба да ги негуваат напорите на адолесцентите да ги катализираат политичките и општествените промени, бидејќи граѓанскиот ангажман може да им помогне на тинејџерите да созреат. Америка има долга историја на придобивки од активизмот на младите луѓе; добро е да се знае дека и младите имаат корист од тоа.

Слики: Mary Henderson

Извор: The New York Times

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото