Овој пат изгледа дека Фејсбук навистина ќе го наебе!

21.03.2018 14:46
Овој пат изгледа дека Фејсбук навистина ќе го наебе!

Сè појасно станува дека Фејсбук се нема досега соочено со ваков скандал. Откритијата од викендов за неодговорното споделување на кориснички податоци во понеделникот доведоа до брз пад на вредноста на акциите на Фејсбук на берзата, а сè погласни се и повиците за регулација на социјалните мрежи.

Во последните неколку дена, повеќе извори известија различни делови од приказната: Фејсбук знаеле уште од 2015-та дека Кембриџ Аналитика, компанија за „копање“ податоци ангажирана од изборната кампања на Претседателот Трамп, непрописно се здобила со личните податоци на 50 милиони корисници на Фејсбук – и социјалниот гигант не направил ништо околу тоа. Во објава на блог во петокот, Фејсбук изјавија дека ги суспендирале профилите на Кембриџ Аналитика и матичната компанија, СЦЛ, додека ја истражат наводната несогласност на компаниите да ги избришат непрописно прибавените податоци.

Подробностите на случајов се релативно сложени, но најважното нешто кое треба да се сфати е дека Фејсбук собира огромни количини податоци од своите корисници, и има изгубено контрола врз овие податоци. Кога дознале, ги замолиле одговорните сторители да ветат дека ќе ги избришат податоците. Сега Фејсбук тврди дека Кембриџ Аналитика и СЦЛ можеби не го исполниле ветувањето. И што и да правите, велат извршните органи на Фејсбук, не го нарекувајте ова „престап“.

Па по толку години ветувања од големците на Фејсбук дека безбедно ги користат нашите податоци и нè насочуваат кон соодветен маркетинг, трето лице наводно ја злоупотребила довербата на Фејсбук. Порано, компанијата се справуваше со вакви скандали со мешавина на целосно негирање и ветувања дека ќе се сменат, додека во главно си го одржуваа своето статус-кво – а престапната црвена линија се оддалечуваше сè подалеку. Во понеделникот, рани показатели на берзата покажаа дека браната почнала да протекува.

Утрото во понеделникот, Ројтерс известија дека акциите на Фејсбук паднале повеќе од 4% во претпазарното тргување. Овој пад продолжи во текот на денот. Ова влијаеше и на падот на акциите на други индекси на берзата како Dow и Nasdaq. А аналитичарите ги предупредуваат инвеститорите да не купуваат акции додека се паднати цените.

Вистина е дека Фејсбук има надминато слични ситуации преку игнорирање на проблемите или ветување дека ќе го исправат алгоритмот и ќе спроведат нови услови за употреба. Но овој пат, некако е поинаку.

Законодавците низ цел свет гласно повикаа на регулации, сослушувања и истраги за инцидентот што се случи последниве денови, а сè повеќе им се придружуваат. Пратеникот од Њу Џерси, Френк Палон инсистираше во понеделникот дека „Комитетот за енергија и трговија мора да одржи сослушувања што поскоро“. Ова инсистирање се случи откако сенаторот на Минесота Ејми Клобушар побара од Марк Зукерберг лично да се појави и да даде исказ пред Судскиот комитет на Сенатот на САД.

Згора на ова, експертите велат дека случајов може лесно да се смета за прекршување на наредбата за согласност на Федералната комисија за трговија (FTC), со која се разреши претходен случај поврзан со приватност од 2011 г. Ако истражителите на FTC решат да покренат постапка против Фејсбук, можат да извлечат „трилиони долари“ од компанијата во казни.

Премиерката на Британија, Тереза Меј, излезе со изјава во понеделникот искажувајќи ја нејзината загриженост во однос на веста, а пратеникот во Британскиот парламент Демијан Колинс беше поконкретен, велејќи дека „некој мора да преземе одговорност за ова. Време е Марк Зукерберг да престане да се крие позади неговиот профил на Фејсбук“.

Во минатото, Зукерберг обично се соочувал со вакви контроверзии преку долги есеи на неговата лична Фејсбук страна и ветувал дека ќе се подобрат. Но за сега, извршниот директор останува нем во врска со оваа контроверзија.

Финансискиот раст на Фејсбук е во постојана нагорна линија во последниве години, но при крајот на јануари, годинава, компанијата извести дека луѓето поминуваат помалку време на платформата и дека Фејсбук се соочува со првиот пад на дневни корисници на платформата. Како што расте јавната свест за инцидентов, неизбежно ќе расте и јавниот сомнеж кон Фејсбук. Сепак, колку други вакви „не-престапи“ се случиле во минатото?

Но Фејсбук, и неговите инвеститори, најмногу треба да се плашат од законодавците. Одолжени истраги и рочишта можат негативно да влијаат врз акциите на Фејсбук, како што расте неизвесноста. Веројатно ќе бидат оставени сами на себе во борбата со Вашингтон, зашто технолошката индустрија ќе бара жртвено јагне за да се искупи за своите гревови. А политичарите низ цел свет се соочуваат со раст на популистички сентименти кои ги потпалуваат надворешни чинители преку Фејсбук – со други зборови, имаат причина за борба.

Сите мега-корпорации од технолошката индустрија имаат направено престапи за кои треба да одговараат, но Фејсбук е релативно уникатен во начинот на кој се користи платформата, и крајно личните информации кои ги собира.

Кристофер Вајли, вработен во Кембриџ Аналитикс, укажувачот на овој случај, изјави во интервју со Гардијан дека тој „го направил оружјето за психолошка војна на Стив Банон“. Иако можеби Вајли го направил оружјето за психолошка војна, сè појасно станува дека Марк Зукерберг го снабдил со железото, куршумите и метата.

извор: gizmodo.com

 


 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото