Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (12) - Леви-Брил, Бонхефер, Фиделиус, Солженицин, Делез и Гатари

21.03.2018 15:46
Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (12) - Леви-Брил, Бонхефер, Фиделиус, Солженицин, Делез и Гатари

ЛИСЈЕН ЛЕВИ-БРИЛ

„Не мисли, не промислува, не сака кога мора да расудува... впрочем, лесно се лишува од тоа. Слаба страна му се големите слики и покомплексните врзувања на нештата, но тој доста вешто ги избегнува или ги сведува на клишеа, притоа покажувајќи восхитувачка упорност во вербалното чукање празна слама... Тој, вистина, може да биде добронамерен, мил, верен, храбар, трпелив, може да има застрашувачка моќ на помнење-набројување-трупање... Но, способноста за воочување и расчленување на стварните појави чемрее некаде во длабочината на неговата дремлива свест. Љубител е на случајни слики и метафори и голем мајстор е на нивното спојување со општите, тврди стереотипи на коишто им робува. Неговата концептуална постапка, токму затоа, често потсетува на прокрустовско втерување на мошне хировити предрасуди во крути и тврди калапи... Впрочем, тој ионака е мистик, но емотивната метафизика во неговиот духовен живот е случајна, арбитрарна и без меморија, некаков тип на метафизика-за-на-лице-место...“

Зборуваме за интелектуалниот профил на просечниот македонски владател? Или за еден типичен балкански „народњачки интелектуалец“, член на МАНУ, да речеме?! Горните зборови (на ова место послободно собрани) се констатации на Лисјен Леви-Брил, еден необичен филозоф од првите децении на 20-иот век. Со горните зборови тој се обидувал да ги толкува особеностите на нешто што тој го нарекувал „примитивен менталитет“ или „примитивна душа“, сакајќи да го разбере функционирањето на „пониските општествени механизми“, на „етнолошките култури“ и егзотичните заедници.

Леви-Брил во Вила Шашка

ДИТРИХ БОНХЕФЕР

Дитрих Бонхефер вели дека глупоста помалку е психолошки, а повеќе социолошки проблем: „Таа е посебна форма на дејствување на историските ситуации кај човекот, психолошка нуспојава на одредени надворешни прилики. Просто речено, моќта на едните има потреба од глупоста на другите. Тоа што глупакот често е тврдоглав, не смее да нè наведе на помислата дека тој е самостоен. Токму во разговорот чувствуваме дека воопшто немаме работа со него лично, туку со фразите и паролите кои завладееле со него. Тој е во некое прогонство, тој е заслепен, злоставуван во неговото сопствено суштество. Така станувајќи безволен инструмент, глупакот ќе биде способен за зло и во исто време неспособен да го препознае злото. Тука лежи опасноста од ѓаволската злоупотреба. Така луѓето засекогаш ќе можат да бидат осудувани на пропаст.“

Мало чело, големо начело

ПЕТР ФИДЕЛИУС

Зошто поединецот во (пост)тоталитарно општество прифаќа да биде будала? Чешкиот филолог Петр Фиделиус (Карел Палек) пред повеќе од триесет години правеше проникливи анализи за однесувањето на поединецот во тоталитарен систем. Неверојатно колку Чехословакот од седумдесеттите години личи на Македонецот од 2013 година: „Биолошкиот ритам и потребата да го остават на раат поставуваат стапица и го контролираат поединецот, а животот како таков му се наметнува како врвна вредност сè додека не дојде дотаму веќе ништо да не гледа освен денешниот ден.“ „Човек може да му се подреди на тоталитарното мислење, а притоа да го сочува своето скептично ’што се однесува до менè и да одбие врз себе да ги прими официјалните бамборења; дури и ако не мисли како власта, доволно е себе да си забрани да мисли поинаку, па да падне во околната празнотија и да потоне во интелектуална кома.“

Но, Фиделиус предупредува: „Човек којшто живее во лага прави нешто полошо отколку што е ’незборувањето на вистината’; тој всушност прави сè за да го обесмисли секој обид воопшто да се зборува за вистината.“

Владеење на глупоста

АЛЕКСАНДАР СОЛЖЕНИЦИН

Како еден сеуште незомбифициран човек да се постави среде ова колективно самоубивање?! Ќе спомнам два принципа, две методи на соочување со злото. Првата се нарекува „Принципот на Солженицин“, наречена според рускиот писател и дисидент Александар Солженицин. Во својот говор при доделувањето на Нобеловата награда Солженицин својот принцип го формулира вака: „Едноставниот чекор на храбриот човек е да не учествува во лагата, да не ги поддржува лажните чинови! Нека лагата влезе во светот, дури и нека завладее со него - но не со моја помош!“ „Принципот на Солженицин“, значи, се сосредоточува на значењето на сопствениот морален интегритет. Злото постои, тоа го знаеме, но какви и да се последиците од моето одбивање да учествувам во него - јас одбивам да учествувам во него. Притисоците да го прифатиме „помалото зло“, да сме свесни за опасните консеквенци од одбивањето да се учествува, да бидеме „практични и прагматични“, можат да го збришат нашиот морален идентитет, т.е. во најбуквална смисла да го уништат нашиот сопствен интегритет.

Ultimi barbarorum!

ДЕЛЕЗ и ГАТАРИ

За денес ќе завршам со соодветните согледувања на Делез и Гатари од книгата „Што е филозофија?“: „Срамот што сме луѓе не го чувствуваме само во екстремните ситуации опишани од Примо Леви, туку и во безначајните околности, пред нискоста и вулгарноста на егзистенцијата одомаќена во демократиите, пред ширењето на тие начини на егзистенција и мислења-за-пазарот, пред вредностите, идеалите и мненијата на нашата епоха. Грдотијата на животните можности што ни се понудени доаѓа однатре. Ние не постоиме надвор од својата епоха; напротив, со неа постојано склопуваме срамни компромиси. Тоа чувство на срам е најсилниот мотив на филозофијата.“

За срамот, вината и одговорноста

Слики: Jorge Santos

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото