Патот, павилјонот

22.03.2018 01:15
Патот, павилјонот

Беше рано утро кога се спушти од автопатот на магистралата, а потоа зад свиокот здогледа девојка со кренат палец. Стоеше пред некоја крчма, крај патот, која што нудеше јагнешко, паркинг и ноќевање, но сега не беше отворена. Се чекаше сезоната, беше само средина на април. Пластичните столови беа врзани под тремот, прекриени со проѕирна церада полна дождовница и изгниено цвеќе.

Девојката ја крева торбата од под правливиот олеандер и му приоѓа на спуштениот прозорец од автомобилот. Утрата се уште свежи, ѝ се наежила кожата на вратот. Има многу куса коса и многу долги кркми, носи јакничка од тенка кожа и пругаво здолниште до колена. Здолништето се виори. И прамените коса ѝ се лепат за лицето додека зборува. Има голема уста.

– Павилјонот под хотел Борак, на капалиштето?

– Ќе ми објасниш, влези, си смрзнала.

Трга од предното седиште некои хартии, до половина изеден сендвич Монтана и конзервите Ред бул кои се тркалаа по подот.

– Сори, аутото е лом. Долго патувам.

– Па, можам и јас да возам, ако не ти е глупо. Не, без зафрканција, ако си многу уморен. Мене не ми е проблем, жими сè, еднаш возев комбе до Брно без застанување, ос- вен два пати кога морав да мочкам, може беа и три, не знам. Еј, да не те замарам, а? Како се викаш?


Го спушти седиштето и лежеше, панорамско разгледување на брегот – ги заменија местата. Таа возеше, менуваше станици на радиото, пееше и зборуваше, зборуваше... Боже, како таа жена зборуваше, и колку. Да не беше убава, ќе мислеше дека е луда.

Рече дека се вика Зринка, објасни и зошто, по некоја тетка која била речиси светица, а умрела млада, но таа не е светица, хаха, ни во лудило, иако во суштина е добра девојка, а и не мисли да умре млада, ни на крај памет не ѝ паѓа, сака да се вљуби во пензионерски дом, некаде во шумичка крај море, тоа би бил океј крај.

Треба да го заврши факултетот, прекинала со правото на прва година, не прашај, римското право ја дотепало, па социологија и руски, тоа баш и не ѝ лежело, сега е на втора година од историја на уметноста, ја сака ренесансата, Ко- кошка и Отон Глиха, знае дека тоа нема многу врска едно со друго, ама така ѝ се допаѓа, таа е искрена, можеби и премногу, луѓето тоа не го ценат. Можеби ќе има мала галерија или ќе биде концептуална уметница, веќе има некои интересни идеи, дај кажи ми како ти се чини...

Рацете ѝ се малечки, зглобовите на прстите јазлести, има некој прстен кој ги менува боите во зависност од расположението, вели, сега е виолетов, зашто е немирна и се плаши. Тој павилјон е всушност од полубратот на мајка ѝ, тој бил некаков скулптор, но тука веќе никој не доаѓа, порано имало изложби, дружења, таа тука лете спие, има помошно легло и вреќа, би можел и ти да преспиеш, ако не ти се брза... всушност, подобро не, чека некого... имаш ли уште некој Ред бул, запали ми цигара. Еј, баш си згоден, имаш убави образи, колку си висок?


Вози во чорапи, големите округли влечки ги пикна под седиштето. Како оди во тоа? Понекогаш при возењето го спушта сенилото и се погледнува во замачканото огледалце. Кога од сенилото испаѓаат автокарти, таа не се вознемирува. Ги фаќа рабовите на усните со палецот и показалецот и ги развлекува надолу, па широко се клешти, нагоре.

Еден стоматолог, инаку познаник, вчера ѝ ги застругал очниците, била горда на своите очници, кои се истовремено и двојки, а тоа инаку се вика, како се вика де – хиподонција на горните латерални секачи, да, без врска, а слатко било, како вампирка. Тоа го има една од сестрите Аркет. Будала, забар... А со што се бавиш ти во животот и каде патуваш? У, фак, виде ли како оној дебил во бемвето ми влета во ножици, џизс! Човече! Ти само дремеш, разведри се! Веруваш ли во судбина?

Зринка верува во судбина, не го зачуди. Едната жолта доколенка спадна и откри убав лист на ногата. Дали забележа дека ја гледа? Црни веѓи, носот малку свиен, мекост во вдлабнатината на тилот... Наскоро ќе свртат кон хотелот Борак, па потоа може и пеш до капалиштето, кон павилјонот. Затоа е многу важно сега, додека сè уште може, да му ја раскаже приказната за судбината. Таквите приказни, не биди скептичен, можат да ти го сменат животот.

 
Се работи за нејзе и за тој тип Дерил, Англичанец. Тој ѝ ја истрижал косата. Била до овде, го сече со показалецот грбот под лопатката. Ја научил да скока на глава, важно е да се ослободиш, немој да мислиш, скокни, колку повеќе се плашиш, толку побргу ќе се повредиш. Важно е да се ослободиш. Биди храбра! Јас сум Дерилов производ, тврди Зринка, ваква каква што сум сега, слободно на мене би можело да пишува Дерилова, како некоја марка, бренд, разбираш?! Ме научи разни работи, за оние работи разни работи. Таа се смее, блескаат постечените очници. O my goodness…

Свртува покрај големата плоча со натпис Хотел Борак и го сопира автомобилот. Мора тоа да му го раскаже, зашто, гледаш, современата технологија ти овозможува да влијаеш на иднината, својата, директно. Точно да ја одредиш својата судбина!

 

Еве, таа предминатото лето, кога лудо се вљубила во Дерил, си пратила себеси мејл во иднината, знаеш за тој сајт? А не?! Кај живееш бе ти?! Па, воглавно, го одредиле денешниот датум, 16 април 2006, тогаш е неговиот роденден.

Таа напишала и со клик на send ѝ пратила на денешната Зринка:

Драга Зринка,
не заборавај дека денеска треба да се најдеш со Дерил во павилјонот и да му го честиташ роденденот! Понеси подарок!

Тогашниот Дерил себеси си напишал и си пратил во иднината, на шеснаесет априлскиот, во две илјади и шестата, Дерил:

Darill,
Your love is waiting for you in the pavillon, hurry up, she’s got a present for you!

– Гледај, тука е подарокот – се врти и извлекува од торбата свиток со сјајна лента.

– Па, му се јави ли барем?

– Ма неее, не разбираш, јас го немам неговиот број, мејл, адресата... Таков беше договорот. Тој мораше да расчисти некои работи во животот и така. И јас сега сум сепак позрела отколку пред две години. Од денеска ќе бидеме заедно, долго, мислам... зошто не засекогаш!? Засекогаш е океј.

Долу, под хотелот, се протегаше шеталиштето покрај старото капалиште. Југото имаше исфрлено алги и камења на брегот. Некој човек беспомошно гледаше во чун, веројатно свој, како се прпелка во брановите, во сидриштето. Помисли дека луѓето од внатрешноста не знаат ништо за животот крај море. За таа страшно бавна тага, која останува зад цврсто спуштените капаци на летото. Одеднаш се затвора и одеднаш се отвора живот кој чучи зад блиндираната врата, зад завесата на сцената. А потоа: оперета.

 

Го замисли Дерил кој утрината, во својот posh стан, можеби куќа, semi-detached, како во читанката по англиски јазик, ги кренал ролетните кон backyard-от, заклучил дека денот е пак облачен и дека би требало да се посее нова тревичка и да се исплеват ружите, а потоа со кафе или чај, подобро чај, кој му го сварила жена му (сигурен е дека Дерил има жена која често му се обраќа со darling), во домашна наметка со извезен монограм на градите, го отворил laptop-от и ја прочитал стигнатата пошта. Потоа darling Дерил се поместил од масата, отпил голтка чај и благо се насмевнал. Целиот ден бил малку растресен, можеби дури во еден миг размислувал да му рече на таксистот да го вози на Хитроу, на авион, но потоа му се јавиле од работа дека веќе доцни со проектот и тој воздивнал и засекогаш го навлекол капакот врз она лето кога за малку, ех за малку, ќе ја загубеше главата.

 

Зринка уште преде за судбината, за љубовта, го повлекува чорапот до коленото, а гранките на ветрот, надвор, роморат цинично: таа шашава девојка ќе шета сама по ова капалиште во ново пругасто здолниште и ќе влезе во напуштеноста на правливиот павилјон полн со мртви бубачки и долгоноги пајаци. Ќе се пикне во вреќата од која ќе ѕирка само кратко потстрижената глава и, можеби, ќе умре од страв. Ако се плаши од пајаци. Или од самотија. А можеби само кусо ќе поседи на клупичката на која Дерил еднаш ѝ го грицкал увото и шепотел колку е важно, исклучително важно, да се ослободи, да биде храбра... Потоа повторно ќе излезе на патот, од другата страна на магистралата, и ќе го крене палецот.

 

– Одам јас. Беше добро момче! Вози полека! – го бакна во горната усна, ја префрли торбата преку рамото, па по патеката под хотелот во оние гломазни огромни влечки.

 

– Па збогум... – помисли тој – Инаку, јас сум Иван, висок 180 см, не се бавам со ништо важно, не патувам никаде посебно. Можеби би можела да ми правиш друштво...

 

Здолништето и кожната јакничка и торбата и мекоста во вдлабнатината на тилот заминаа зад боровите, кон павилјонот.

Иван го сврте клучот и во рикверц се качи кон магистралата.

 

Возеше зад некој камион со градежен материјал. На радио спикерите неуморно зборуваа, како никому да не му е до песна. Кога конечно го престигна тој здодевен камион, од задното седиште на подот падна, замотан во сјајна лента, подарокот за Дерил.

 

Слики: Jorge Santos

Превод: Игор Исаковски

Извор: Оља Савичевиќ Иванчевиќ, Да се насмее пес; Блесок, 2009.

ОкоБоли главаВицФото