Убиство на девојка jа шокираше Германија

22.03.2018 02:39
Убиство на девојка на шокираше Германија

Се случило помеѓу рафтовите со шампон и органска храна за бебиња. Тинејџер ѝ се приближил на поранешната девојка во локалната бакалница, извадил кујнски нож и ја забодел во срцето.

Убиството во Кандел на југозападот од Германија, на 27 декември, го трауматизираше градот со вкупно 10 000 жители, не само зашто жртвата и напаѓачот имале по 15 години и учеле во локалното училиште туку и затоа што момчето е Авганистанец, а девојката Германка.

Откако Германија ги отвори своите граници за повеќе од еден милион мигранти пред две години, епизодите како нападот на Божиќниот панаѓур во Берлин или новогодишните силувања во Келн предизвикаа чувство на несигурност.

Но, случајот на двајцата тинејџери – Абдула Д. и Миа В. – допре посебен нерв зашто убиството се случи во мирна провинција, а двајцата беа многу млади. Убиството стана национална вест и повторно ги засили стравовите дека Германија е сè помалку безбедна земја.

Нешто се смени во Германија. Не толку одамна, логистичките предизвици и трошоците за интеграција на нови мигранти беа главна тема на дебатите. Деновиве, сè поголемото несогласување со политиката на канцеларката Ангела Меркел кон мигрантите достигна нов степен.

„Се плашам“, вели 24 годишната Јана Вајгел од Кандел.

Се интензивираа повиците за брза депортација на оние на кои – како осомничениот – им е ускратен азилот.

Прелиминарниот договор за коалициска влада помеѓу конзервативците на Меркел и малку полибералните социјалдемократи, најавен во јануари подразбира и ограничување од 220 000 бегалци годишно и ограничување на бројот членови од семејствата кои можат да им се придружат.

Дури и во толерантниот, левичарски Кандел се промени расположението. Многумина лично го доживеаја убиството. Пред Миа да раскине со Абдула, нејзиното семејство го прифатило, вели Вајгер, како што Германија прифати стотици илјади бегалци.

Чувството на несигурност е потенцирано во студијата која покажа дека бројот злосторства во Долна Саксонија пораснал за повеќе од 10 проценти во последните две години. Порастот на стапката на криминал им се припишува на бегалците. Авторите на студијата велат дека злосторствата во кои учествуваат мигранти се пријавуваат двапати почесто.

Помалку се зборува за другото откритие дека севкупната стапка на насилни злосторства, вклучувајќи убиства и силувања, е под нивото од 2007 година.

„Парадокс е што Германија и натаму е безбедна земја, побезбедна од пред неколку години“, вели Кристијан Фајфер, криминолог и коавтор на извештајот.

Пред убиството на Миа, „немало проблеми“, вели градоначалникот на Кандел, Гинтер Тилебергер.

Маја Матијас (53) работи во пекара и има зет од Хрватска. „Немам проблеми со странците“, вели. „Но секогаш постои чувството на страв: уште што може да се случи?“

Покрај стравот, убиството предизвика и гнев.

„Германските пензионери кои вредно работеа 45 години добиваат помалку од бегалците“, вели 64 годишниот Кнол Педе.

Таквите приказни го загрижуваат Тилебергер. Бенефициите кои ги добиваат мигрантите воопшто не се толку големи, вели, и дека многу мигранти не можат да работат додека се во процес на аплицирање за азил. Но, „Германците се чувствуваат запоставено“, додава.

„Мораме да се разбудиме“, рече Тилебергер, инаку гласовите на левицата ќе отидат кај десницата.

Неговиот поранешен колега во локалната управа, Хајко Вилдберг, сега е член на националистичката партија АфД од Берлин. За него, убиството на Миа било „пресвртница“.

После убиството, АфД организираше марш.

Извор: The New York Times