Затворено, вршиме попис!

22.03.2018 13:21
Затворено, вршиме попис!

Еден мој прониклив пријател вчера ми пишува: „По оваа прес-конфренција на СЈО, барем едно е јасно, дека вонредни избори годинава нема да има.“
Се разбира, тој причината ја наоѓа во отворената истрага околу пропаднатиот попис во 2011 година.

Со време, може да се испостави дека токму оваа истрага ќе има најзначаен политички габарит за македонската политичка реалност. За очекивање е дека, низ доказите кои допрва ќе се прибавуваат, а како резултат на одредени телефонски разговори меѓу Груевски, Ахмети и други лица, со кои располага СЈО, ќе се дознае многу повеќе за криминално-политичката „сијамска“ симбиоза меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ во разнебитувањето (и) на македонската демократија (покрај државниот буџет, ако тоа не е едно и исто!) во изминатите десетина години.

Додуша, нам и без овој случај на СЈО ни е одамна јасно дека речиси и да не постои криминален или политички проект, провокација и позначајно поткопување на македонскиот мултиетнички демократски модел што не се правени без „братски“ договор помеѓу Грујо и Али, па надолу. Но, заедничката согласност од политички причини – ако тоа го докаже СЈО – да не се попише населението, во ситуација кога македонските националисти сите овие години ни ги полнат ушите дека бројот на етничките Албанци во државава не е повеќе од 10-15 отсто, а албанските националисти не разговараат за помалку од 30-35 отсто, е таа взаемна националистичка согласност за криење на оваа базична вистина од јавноста е навистина политички криминал од врвен маштаб! Башка трите милиони евра потрошени пари во ветер…

Но, истрагата има и една подлабока порака, којашто Јанева не одбегна да ја спомене на последната прес-конференција, за „мисијата“ на Прибе во реставрацијата на македонската правна и демократска држава: дека, имено, државата не се руши само како резултат на крадење јавни пари, макар и со индустриски димензии; туку уште повеќе и како резултат на „пљачкосувањето“ на јавната доверба во политиката и во самата демократија, како резултат на валканите договори во врвовите на власта за семожни злоупотреби на моќта.

Затоа, кога и за оваа истрага ќе ги чујам реакциите на оној кривично-правен очајник Груевски (хаштаг: „25 години“) дека тој нема врска со ништо во изминатата декада од своето владеење, бидејќи за сè наводно одлучувале независни државни тела и комисии со своите суверени законски овластувања – ми доаѓа да повратам, ем од смеење, ем од гадење! Црн Грујо, подвижна морално-политичка преваро!

Еден од ефектите на оваа нова истрага на СЈО е и рушењето на пропагандистичките манипулации дека Јанева работи „по нарачка“ на Заев и СДСМ, бидејќи една од клучните последици на истрагата е внесувањето немир и нестабилност кај ДУИ, главниот коалиционен партнер на Заев, во време кога тоа, не е тешко да се претпостави, нему најмалку му одговара. Сега ќе биде потребен и дополнителен политички „бејби-ситинг“ за Ахмети, иако агендата на Заев е исполнета со многу други проблеми.

Плус и храброста на Јанева, во време кога се бара продолжување на мандатот на СЈО и донесување на чифт важни закони за негова уште попродуктивна работа, да се „чачкаш“ и со мнозинството во Собранието, не може а да не се оцени или како бескомпромисна професионалност за респект – или како, токму, итар потез што ќе ги обезбеди бараните работи, бидејќи нивното одбивање може да се толкува како ризична одмазда од страна на политичарите.

Добро, но каква врска има оваа истрага со евентуалното откажување на размислувањата за можни предвремени избори годинава, како што констатира мојот пријател од почетокот на текстов?

Па, генералната порака од оваа истрага би можела да биде дека ставањето на партиските и личните, пред државните интереси во Македонија, почнува да има своја не само политичка, туку и правна цена. Повелете, седнете, па сметајте.

Слики: Свирачиња

Извор: Цивилмедиа

ОкоБоли главаВицФото