Со фотографии против сексуалното злоставување во јавен простор

23.03.2018 01:13
Со фотографии против сексуалното злоставување во јавен простор

Во серијата на искрени и едноставни портрети, обединети во проектот „Cheer Up Luv“, обичните жени се среќаваат со објективот на фотографката Елајз Хеч (Elize Hatch). Портретите се придружени со приказни од секојдневниот живот во кои портретираните жени зборуваат за ситуациите во кои доживеале улично вознемирување или сексуално злоставување.

„Кога имав околу 14 години, се сеќавам дека една вечер се спуштав по скалите кон станицата на метрото. Едно момче, на околу 25-26 години, се качуваше на скалите во моја насока и во моментот кога се најде блиску до мене, ја вовлече раката под моето здолниште. Целата ситуација не траеше повеќе од 20 секунди, но имав чувство дека трае цела вечност. Кога го погледнав, ми се насмеа. Мислам дека оваа приказна никогаш не сум ја раскажала“, пишува под фотографијата на Оливија.

Дорина, пак, се потсетува на ситуацијата во која еден маж пред сопствената ќерка ѝ рекол дека „сака да ја проба нејзината чоколада“.

Лулу, фотографирана среде ливада, со фотографката го споделила искуството доживеано на тринаесет години.
„Кога имав 13 години, патував со воз среде бел ден. Во возот влезе пијан маж, кој цело време викаше нешто за „кучките“ во вагонот. Ми пријде и седна покрај мене, ми ја допираше ногата и ме испитуваше зошто не сум расположена за забава, внесувајќи ми се во лице. Сите нè гледаа, но никој не реагираше, ниту со збор.“

Оливија, Дорина и Лулу се само неколку од девојките и жените фотографирани во склоп на овој проект, а чии стории се неверојатно слични.

„Cheer Up Luv“ е новинарско–фотографски проект, кој Хач го започнала во јануари минатата година. Целта на проектот е да ги документира искуствата на сексуално вознемирување и злоставување во јавност, без оглед за колку мали или големи доживувања станува збор. Жените претставени во рамки на проектот делат широк распон искуства: од ситуации во кои некој викал по нив, преку физички напад, до заедничката последица на тие ситуации – понижувањето.

Секое внесување во базата на „Cheer Up Luv“ е слично и содржи фотографија и текст во кој се кажуваат често многу познати стории за вознемирување во јавни простори. Во текот на процесот проектов го врати тој простор, трансформирајќи го од место на вознемирување во фотографски агол во кој жените можат да бидат видени и слушнати.

Неодамна, во интервју за „Jezebel“, Хеч рече дека темите што биле мотивација за „Cheer Up Luv“ се „константен фактор во мојот живот“, но да дејствува ја поттикнало нејзиното сопствено искуство кога „еден чуден маж помина покрај мене и ми рече да се ‘орасположам’. Тоа навистина ми пречеше, вели Хеч со, за ваквите случаи, вообичаена огорченост. Набрзо таа почнала да разговара со своите пријателки за сексуалното вознемирување како да е тоа најнормална работа на светот. Хеч одлучила да го започне проектот дури откако неколку машки пријатели „изразија неверување“. „Сфатив дека проблемот не е само во злоставувањето, туку и во недостатокот на освестеност“, вели таа.

Целиот проект го започнала прашувајќи ги девојките и жените кои добро ги познавала дали би сакале да бидат фотографирани и да го споделат тоа што го доживеале. „Се изненадив кога сите што ги прашав ми одговорија потврдно и сакаа да придонесат за проектот“, објаснува Хеч. Вели дека откако проектот бил претставен во неколку држави привлекол голем број девојки и жени кои ѝ се јавуваат со желба да бидат фотографирани и да ги споделат своите искуства.

Локацијата на која ги слика портретите зависи од приказната што ѝ ја кажуваат жените, а секогаш станува збор за јавни простори – автобуси, станици, улици или ресторани – зашто нејзината идеја е „да го прикаже секојдневниот живот и трагичната нормализација на злоставувањето“.

Земајќи ја предвид природата на овој проект, Хеч вели дека е исклучително важно фотографираните жени да „бидат опуштени и да се чувствуваат пријатно... Сакам да ја покажам силата наместо ранливоста“. Финалната фотографија е резултат на трудот вложен зад сцената. „Пред да започнеме со фотографирањето со жените сакам да поминам извесно време, да разговарам и подобро да се запознаеме“, вели Хеч. Резултат се колаборативните портрети изникнати од визуелната и интимна емпатија и преобликувани во визуелно преземање на јавниот простор.

Иако Хеч го започнала овој проект пред #MeToo да стане светски познато и прифатено движење, забележала дека тоа предизвикало константен прилив на сè поголем број жени кои контактираат со неа за да ги споделат своите искуства и да бидат фотографирани. Меѓутоа, таа додава дека #MeToo не ја изменил уметничката цел на нејзиниот проект. Таа сè уште сака да ги сподели приказните и фотографиите на жените, но сега е посвесна за тоа дека допира до поширока публика и предизвикува вистински промени.

Хеч признава дека свеста за сексуалното злоставување и неговото неограничено постоење во јавниот простор, од улиците и рестораните до работните места, сè уште е на почеток.

Има уште многу работа и уште многу треба да се направи по прашањето на сексуалното вознемирување, ова е само првата фаза: освестувањето. Сега и во иднина таа свест треба да се користи, практикува и да се учи“, потенцира таа.

Во таа смисла, Хеч го гледа „Cheer Up Luv“ како проект со потенцијално бескраен број субјекти и стории. „Проектот ќе трае сè додека постојат жени што сакаат да му се приклучат“, заклучува таа.

Слики: Elize Hatch

Извор: Jezebel

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Фотографија
Општество / Активизам / Фотографија
Активизам / Фотографија
Активизам / Фотографија
Активизам / Фотографија
Активизам / Фотографија

ОкоБоли главаВицФото