Многумина млади во Македонија се болни од мечти за директорување, менаџирање и великоординирање

23.03.2018 00:22
Многумина млади во Македонија се болни од мечти за директорување, менаџирање и великоординирање

Многумина експонирани млади во Македонија се хронично болни од мечти за директорување, менаџирање, великоординирање и слични себепроекции на кои суетата се лепи ко на муволовки (оние лепливи ленти што висат од таван), без притоа да имаат функционална културна и општествена писменост, ниту, пак, желба и ниет да го полнат отпразниот бардак на својата личност со повеќе и нови увиди во релјефот на стварноста. Наместо да ја одржуваат жедта за што повеќе стандардна и нестандардна ука, а општествениот ангажман да го свртат, пред сè, како остен во ребрата на сопствената интелектуална игнорантност и инерност, тие се тртат на лансирната рампа на големите кариери (неретко се турнати натаму од родителите). Покрај ова, тешко страдаат и од една грозна мешавина од проекташки конфромизам и непроникливост (поточно речено: глупавост/босост) што црното огледало на медиумската присутност ја маскира. Неспособни се да се понесат со најобични предизвици од секојдневието, го одбираат семинарот (сексот) пред школата (книгата/менторството), под чест им е да пробаат груба и ненаместена работа (нивниот карактер е премногу „префинет“ и болежлив за тоа), го љубат лесното (лесната пара, лесното знаење, лесниот успех), не ги штедат од пизма и презир „непрефинетите“ врсници што се дрзнуваат да го доведат во прашање нивниот непоткрепен авторитет. Кога тие млади продаваат приказни во кои иднината им припаѓа на младите, тие, всушност, зборуваат за „младинските политики“ како инструмент за создавање еквиваленција меѓу иднината и сегашноста. Жестоко ја бранат инертноста на воспоставените модели (интервенциите што ги заговараат се козметички), бидејќи поголемите потреси би можеле да го загрозат нивното паразитство на општествените проблеми; воедно, бидејќи дотаму знаат, а ги мрзи да дознаат повеќе. Се претставуваат како млади и стари, наизменично, со цел да го одбранат својот „кристален свет“.

Слики: Jorge Santos

ОкоБоли главаВицФото