Ловицата

23.03.2018 13:30
Ловицата

Од страв кон Ловицата градот се затвораше како око. Само мојот прозорец беше отворен, зашто како странец, не бев упатена. Наутро, кутрите деца ги чистеа флеките од покривите. Сега дождовната темна глава се спушти на починка над куполата на амбасадата.

На месечината ѝ паѓаа пердуви светлина, како да се митари. Наутро од натстрешниците капеше розевкаста пена. Реа на крзно проникна низ прозорецот. Отидов да го затворам, но застанав таму и цврсто го држев работ на рамката. Ги затворив очите пред потерната жега. Низ цел град луѓето се засолнуваа во визбите или под кревет. На миг се појавија две деца и во своето маало само тие ја задржаа страста за чудовишта откако пораснаа.

Само тие. Зошто е тоа така? Тато ни кажуваше приказни за чување стада камили. Нè плашеше кога ќе направеше звук како лав. Лавот не звучеше како некој лав од филм или игра или такво нешто. Имаше гладен цвилеж. Лав-тенор беше тоа.

Гласот на таа што демнеше ѝ беше изненадно висок и тенок. Како прашање. Низ цел град луѓето си ги криеја главите. Лисјата пред мојот прозорец се смалија и почнаа да чадат. Тие во егзил и тие со несоница го чувствуваат истото: дека тие се единствените.

Се чувствувам како да се претворам во разгоренава личност. Сама свој надзорник, како балерина или монах. Среќни ли се монасите? Не, не ги интересира таа категорија на чувства. Но мене треба да ме интересира. Американка сум.

Ловицата оставаше темни дамки каде и да помине. Оставаше линија. Наутро, вработените во хотелот ќе ме најдеа онесвестена, залепена за подот. Сопственикот ќе липа, зашто ништо вакво не му се случило во установата, ништо. Не ли сум го прочитала куќниот ред на масичката?

Разгореноста се познава околу устата. Ги собирам усните кога размислувам. Татко ни исто правеше.

Наутро вработените ќе ми ја наполнеа кадата. Тогаш Ловицата ќе се наведнеше пред мојот прозорец, но не беше таму за да јаде. Беше таму како сведок.

***

Софија Саматар е американска авторка од сомалиско потекло, ги има напишано романите Странец во Олондрија и Крилати истории и збирките разкази Кревко и Портрети на чудовишта. Нејзините дела ја имаат добиено наградата Вилијам Л. Крафорд, наградата Џон В. Камбел, Британската награда за фантазија и Светската награда за фантазија. Живее во Вирџинија.

Слика: Дел Саматар


Превод: Борислав Јарчевски

ОкоБоли главаВицФото