Се прави ревизија на проектот „Скопје 2014“

24.03.2018 02:25
Се прави ревизија на проектот „Скопје 2014“

И покрај тоа што проектот „Скопје 2014“ е целосно реализиран, Општина Центар сè уште може да направи многу повеќе во однос на ова чувствително прашање што досега никогаш не е докрај расчистено. Неопходна е детална и функционална ревизија со надлежните институци и веќе формираната комсија при Министерството за култура, како на целиот проект, така и на постапките за поставување на сите градби поединечно.

Ќе се спроведе функционална ревизија и врз начинот на реализација на спорните и секогаш интересни детални урбанистички планови што овозможија „Скопје 2014“ да биде најпознат архитектонски феномен во регионот. Поради тоа што станува збор за проект од јавен интерес, Општина Центар ќе ја објави целата документација за „Скопје 2014“.

Надлежните инспекциски служби на Општината ќе излезат на терен и ќе извршат детална контрола за тоа како се спроведени урбанистичките планови. Во исто време ќе се формира работна група од засегнати професионалци од различни области што ќе ја спроведат функционалната ревизија на самиот проект, земајќи ги предвид наодите од веќе спроведената ревизија во 2014 година.

[Извор:Изборна програма на СДСМ „Живот за Центар! За сите“(стр.20 )]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ за време на предизборната кампања за локалните избори кои се одржаа на 15. октомври 2017 година вети „функционална ревизија на проектот „Скопје 2014“ “ . Ова ветување е дел од клучните проекти во изборната програма: „Живот во Центар! За сите“ (стр.20), и неговата реализација е во тек.

На 23 ноември 2017 година , набрзо по доаѓањето на градоначалничката функција Богдановиќ на средба со новинарите информираше дека Општина Центар врши комплетна ревизија и проверка на неколку објекти и споменици од проектот „Скопје 2014“. Меѓу нив се споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, за кој се проверува дали има одобрение за градба, Мајка Тереза, Градската куќа заедно со хотелот кој се гради и мостот „Око“.

До последен милиметар ќе се испитува што и како е градено, како е продавано дел од земјиштето. Во комисијата се вклучуваат и правници и урбанисти и стручни лица за јавни набавки. До некои сознанија ќе дојдеме многу брзо, до крајот на годината, а некои, кои што ќе се комплексни, ќе почнат по Нова Година. Досега, сѐ ова одеше бавно бидејќи сѐ она што се доставуваше како сознание или изготвена ревизија од општина Центар, во обвинителството се оставаше во фиока. Сега се надевам работите ќе одат многу побрзо и поефикасно, рече Богданов.

Информација дека Општина Центар прави комплетна ревизија на овој проект е објавена и на веб-страницата на Општината.

Инаку, како што беше соопштено, оваа ревизија Општина Центар ја прави во соработка со ОЈО, МВР и СЈО.

Пред еден месец (22.02.2018 г.) со налог од Градежниот инспекторат на Општина Центар, по извршениот увид и утврдената фактичка состојба дека немало решение за поставување, споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето е отстранет од пред Врховниот суд.

Наредниот ден (23.03.2018) Алфа телевизија повикувајќи се на изјава од професорот Мирослав Грчев, кој е дел од Работната група која го анализира проектот „Скопје 2014“, информираше дека следни на листата за дислокација се споменикот „Воин на коњ“ на плоштадот Македонија, порта „Македонија“, споменикот „Мајка Тереза“ чија градба е веќе стопирана и споменикот на „Филип Втори“.

ИЗВОРИ:
Предизборна програма на Саша Богдановиќ – „Живот во Центар! За сите“(стр.20) [Пристапено на 22.03.2018]
Тајм.мк (10.10.2017): (ВИДЕО) Богдановиќ: Ревизија и одговорност за „Скопје 2014“ [Пристапено на 22.03.2018]
А1 ОН (10.10.2017): (ВИДЕО) Богдановиќ: Ревизија и одговорност за „Скопје 2014“ [Пристапено на 22.03.2018]
Тајм.мк (23.11.2017) Богдановиќ најави дека до последен милиметар ќе се испитува што и како е градено од проектот “Скопје 2014“ [Пристапено на 22.03.2018]
МКД (23.11.2017): Богдановиќ најави дека до последен милиметар ќе се испитува што и како е градено од проектот “Скопје 2014“ [Пристапено на 22.03.2018]
Веб-страница на Општина Центар (23.11.2017): Богдановиќ: До последен милиметар ќе се испитува што и како е градено од проектот “Скопје 2014“
Мета (22.02.2018): Споменикот на Ќосето отстранет од пред Врховен суд [Пристапено на 22.03.2018]
Алфа ТВ (23.02.2018): Власта го брише „Скопје-2014“- по ,,Ќосето” следни се ,,Воинот на коњ”, ,,Порта Македонија”, ,,Филип Втори”. [Пристапено на 22.03.2018]


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Фотографија: Мета

Извор: Вистиномер

ОкоБоли главаВицФото