Киркегардовата формула за инвентаризација на злосторот

24.03.2018 16:36
Киркегардовата формула за инвентаризација на злосторот

Еден кус цитат на деветнаестовековниот дански филозоф Сорен Киркегард, кој со безмалку математичка точност ја опишува состојбата на свест што на човека може да му го обезбеди „правото на сопствен избор“ – а со тоа и моќта на сопственото менување – може успешно да се употреби и во расветлувањето на поствмровскиот статус кво, во кој последните месеци се дави македонското општество. Цитатот гласи:

„Соочи се со фактите за тоа што си, зашто самиот тој увид го обезбедува менувањето на тоа што си“. Всушност, Киркегардовата формула за самоменувањето е применлива во сите општествено-историски ситуации во кои царува лагата како „официјална вистина“, кога револуциите и промените настануваат како последица од еманципацијата на вистината за сопственото општество.

И падот на режимот на ВМРО беше инициран од „бомбите“, што не беа ништо друго отколку детонации на гнасната вистина за режимот и за целото општество што беше окупирано од неговата партиска држава. Така што, вистината за Македонија – како со блиц осветлувана од експлозивните прасоци на перверзните аудиоснимки, беше всушност само ветување за еден многу поопсежен и подлабок проект на општествена катарза што требаше да се случи по падот на режимот и воспоставувањето на нова, демократска и реформска власт.



Соочување со фактите

Но, за да се спроведе таа катарза, тоа темелно прочистување од длабоката корупција, како и реформирањето на декапацитираните институции на државата – да не ја спомнувам најтешката операција на декретенизација на културата! – за да се спроведат реформите, велам, повторно е неопходна „Киркегардовата формула“, повторно и уште долго време мораме да се соочуваме со фактите за тоа што сме, за да го обезбедиме менувањето и реформирањето на она во што се претворивме во изминатата деценија. И, тука, во исполнувањето на основниот услов за сопственото реформирање потфрливме сите ние – долгогодишните учесници во македонската транзициска сапунска опера; сите ние, но најмногу од сите – новата власт, што требаше да го носи барјакот на промените! Испадна дека наместо да ја одгледуваме тешката метода на истражување и соочување со грдата вистина за себеси, и педантно и строго да ја испишеме црната книга на состојбите и злосторите што се направени во последната деценија, за да го овозможиме враќањето на нормалноста, ние го избравме обратниот – и многу полесниот! – опортунистички пат на нормализација на затекнатата состојба! Наместо да ја измериме и обнародиме вистината за нашата несреќа, ние ја прифативме каква што ја затекнавме, како објективност и нормалност со која треба да се помириме, или како идентитет што е историски предодреден. Идентитет на кретени, на кој сега треба да бидеме и горди!?

Меѓутоа, на прашањата за тоа колкави и какви се штетите од децениското владеење на партиско-полициската мафија на ВМРО, мора да се најде одговор: тоа ни го должи новата власт, а тоа најмногу си го должиме и самите на себеси. Жален факт е дека до сега не ни е испорачан ниту еден релевантен и систематизиран одговор на многу суштествени прашања, од кои практично зависи природата и насоката на нашето посакувано менување на подобро.



Попис на штетите

Еве некои од нив: Колкав е вкупниот број на државни и јавни службеници што во редовен работен однос ги прими режимот на ВМРО; колкава е бројката на оние што ги вработи со договори за дело; колку од нив беа или станаа членови на партијата што ги вработи, и, колкава е превработеноста во државните органи, а колкава е кадровската атрофија на образовните и здравствените институции? Колку закони и подзаконски акти се донесени во последната деценија со цел да се обезбеди владеењето на ВМРО и да се криминализира законодавството во полза на владејачката партија-бизнис-држава-мафија? Колку и кои измени на закони и прописи се донесени со цел да се изведе тотална пререгулација на сите текови на животот, што на граѓанинот или на претприемачот му се непремостлива пречка без да го плати мафијашкиот „пицо“?

Колку стотици или илјади непотребни, а некои и перверзни овластувања, лиценци, согласности и позитивни мислења се воведени како норма за вршење на професиите, со цел секој граѓанин да се заплетка во пајаковата мрежа на партиско-државната контрола? Колку милиони квадратни метри градежно земјиште е откраднато од Република Македонија во полза на партиската мафија, со сенишни решенија на државните органи? Колку милиони квадратни метри земјоделско земјиште е отуѓено од Република Македонија со криминални и ѓоа „законски“ постапки? Колку милиони евра од Буџетот на РМ се ненаменски потрошени на кретенизација на населението? Колку милиони евра се потрошени на заглупувањето на нашите деца и млади, со пропагандно псевдоисториско вмровско ѓубре, со малоумни учебници и со хендикепирани преводи? Итн., итн.

За да се одговори на овие, и на уште многу други слични животоважни прашања, не е потребно да се направи „невозможното“: да се пронајде „каменот на мудроста“, да се реши „квадратурата на кругот“ или некоја друга мистификација. Потребно е да се направи една елементарна и незаобиколлива процедура кога се презема власта, или претпријатие, или кога се купува имот, половно возило… практично, кога се презема што и да е! Потребно е да се направи инвентаризација на владата, министерствата, институциите, јавните претпријатија, општините…. потребно е да се направи попис на добрата, средствата, луѓето, парите, долговите и злосторите. Како воопшто мислиме да правиме реформи, кога не сме направиле опис и попис на работите што треба да ги реформираме, не сме ги попишале и опишале злосторите и штетите што ѝ се нанесени на Мајката Татковина?! За да се направи оваа инвентаризација сè уште не е доцна, но еден ден бездруго ќе стане.

Слики: Свирачиња
Извор. Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото