Македонска Топ-Шоп политика!

26.03.2018 13:19
Македонска Топ-Шоп политика!

Ха-ха-ха-ха-ха… Уште не можам да се сопрам од смеење на веста дека Чедомир Саздовски станал член на Централниот одбор на СДСМ… Ха-ха-ха-ха-ха… Ајде што мислам дека е некоректно кон Либерално-демократската партија што и Жерновски станал член на ЦО на СДСМ, но ова со Саздовски е врв на непристојноста што само СДСМ може да ја приреди!
Но, како што велат во македонската Топ-Шоп политика, тоа не е сè! Има уште, со попуст и на 36 рати…

Прво, моите извори ми велат дека за ова значајно морално-политичко кадровско „подновување“ на ЦО на СДСМ немало никаква дискусија на највисокото партиско тело на социјалдемократите (порка, порка мизерија!). Второ, веста за тоа во јавноста први ја соопштија интернет порталите на ВМРО-ДПМНЕ, Курир и Прес24, што е една неверојатна нијанса која говори повеќе и од скандалите на самата седница на ЦО на СДСМ. Трето, Заев им соопштил на своите сопартијци дека не планира избори до 2020 година, освен ако „не се случело чудо“ (на пример, СДСМ да си го исправи моралниот ’рбет…). И, четврто, членовите на ЦО биле информирани од својот претседател (иако, не разбрав дали тоа било „меѓу редови“ или директно?!) дека и со Ѕинго се преговара за влез во коалицијата на власт! Мислам дека преговорите се малку „запнати“ околу тоа дали Ѕинго да го добие Министерството за земјоделие или она за здравство, но не е исклучено столетната легенда на македонската параспур-политика на крајот да заврши со свои министри и во двете министерства што ги преговара! Сепак, како и да биде, наскоро таа вест очекувајте триумфално да ви ја соопштат Ивона и Латас од насмеаниот екран на ТВ Сител!

Ха-ха-ха-ха-ха… Хи-хи-хи-хи-хи… Хе-хе-хе-хе-хе…

Значи, бидејќи Амдија Бајрама го кооптираа и со официјално поздравување со Заев пред камерите во Собрание; бидејќи сега и Стевчо Јакимовски, од заобиколница, се враќа на власт во коалицијата на СДСМ (па, да ве потсетам, за него Заев не објави ни една „бомба“, така?); бидејќи со ДУИ си продолжија каде што застана ВМРО-ДПМНЕ; бидејќи Љубе Бошковски и „Чича“ Милетиќ се советници на Заев; навистина би било коректно да се замоли и Груевски за средба и, да се види, ако човекот не е многу навреден поради „цимањето“ по судови, дали и тој би сакал да се приклучи кон коалицијата на СДСМ? Мислам, фер би било – плус Калиопи ја добивате „гратис“ како главна атракција на следната предизборна кампања на СДСМ!

А потоа, сите заедно, со 110 гласа за, да изгласаат нов закон со кој се укинува СЈО – и среќни да одјаваат кон зајдисонцето!

(…мала пауза… бришам солзи од смеење…)

Вчера, до доцна попладне, да ме прашавте дали Бранко Црвенковски има шанси да се врати во македонската политика, веројатно ќе ве погледав како некоја даска да ви фали во главата. Денеска, пак, си пребројувам самиот колку талпи мене ми фалат во главата…

Ајде, дечки, фајронт, испијте што имате, гасите цигари, затвораме кафеана, разлаз! Ја испивме цела Македонија, до последна капка!

Слики: Свирачиња

Извор; Цивилмедиа

Слични содржини

Општество / Став

ОкоБоли главаВицФото