Фрагменти на љубовниот говор (4)

26.03.2018 15:54
Фрагменти на љубовниот говор (4)


COMPRENDRE / СФАЌАЊЕ
Што мислам за љубовта? ‒ Заправо, за неа не мислам ништо. Би сакал да знам што е таа, но бидејќи сум во нејзе, ја гледам како постоење, а не како суштина. Она што сакам да го осознам (љубовта) е самиот материјал со кој се користам за да говорам (љубовен говор ‒ le discours amoureux). Размислувањето секако ми е дозволено, но бидејќи размислувањето веднаш е вовлечено во повторувањето на истото за сликите, тоа никогаш не прераснува во рефлексивност: исклучен од логиката (која подразбира јазици кои сите се еден надвор од друг) не можам да тврдам дека исправно мислам. Иако за љубовта би можел да зборувам цела година, нема место за надежта дека ќе го фатам нејзиниот поим, освен „за опаш“: низ блесоци, формули, неочекувани изрази, разлеани низ големото течение на Имагинарното: јас сум на лошото место на љубовта, на нејзиното заслепувачко место: „Најмрачното место“, вели една кинеска пословица, „секогаш е под светилката“.

Репресија: сакам да анализирам, да знам, да изразам со некој друг јазик, различен од мојот; сакам себеси да си го претставам своето бунило, сакам „да го погледнам в лице“ она што ме раздвојува, што ме пресечува. Сфатете ја својата лудост: тоа беше Зевсова заповед кон Аполон, за лицата на раздвоените андрогини (раздвоени како јајце, како овошка) да ги сврти накај резот (стомакот) „за погледот кон нивната раздвоеност да ги направи помалку дрски“. Да се сфати ‒ не значи ли тоа да се подели сликата, да се растури јас, тој арогантен орган на незнаењето?

Сакам да го променам системот: не веќе да демаскирам, не веќе да интерпретирам, туку самата свест да ја преточам во дрога со помош на која ќе стигнам до совршена визија на стварноста, до големиот јасен сон, до пророчката љубов.

CONNIVENCE / ДОСЛУХ

Оној/онаа со кој/која, всушност, можам да зборувам за саканото суштество е оној/онаа кој/која тоа суштество го сака исто колку и јас, исто како јас: мојот симетричен лик, мојот соперник, мојот противник (соперништвото е прашање на местото). Тогаш најпосле можам другиот да го разберам со некој кој разбира; доаѓа до извесна еднаквост на знаењата, некакво уживање поради вклученоста; во тоа толкување, објектот не е ни оддалечен ни расцепен; останува внатре во двојниот дискурс, наедно заштитетен од него. Едновремено се поклопувам со Сликата и со тоа друго огледало кое го одразува она што сум (на лицето на соперникот го читам својот страв, својата завист). Неуморното бамборење, лишено од секоја љубомора, за таа отсутна страна чија објективна природа ја засилуваат два погледа кои тежнеат кон истото: се впуштаме во строг, успешен експеримент, бидејќи двата посматрачи и двете посматрања се извршуваат во исти услови: објектот е докажан: откривам дека сум во право (да бидеш среќен, да бидеш повреден, да бидеш вознемирен).

Етимологија
Дослух: connivere: истовремено значи: намигнувам, трепкам со окото, ги затворам очите.

Тоа нè доведува до следниот парадокс: токму саканато суштество е тоа коешто, во тој троен однос, станува речиси одвишно. Тоа се гледа во извесната забуна. Кога саканиот објект се жали на мојот соперник, го ничкосува, и самиот не знам како да одговорам на таа жалба: во некоја рака, „благородно“ е да не ја искористам довербата што навидум ми користи ‒ како да „јакне“ мојата положба; додека, од друга страна, сум внимателен: знам дека ја заземам истата положба како мојот соперник, та кога затоа секоја психологија, секоја вредност ќе се укине, ништо не може да спречи еден ден и самиот да бидам објект на ничкосување. А понекогаш и јас самиот, пред други, го фалам својот соперник (за да се покажам „великодушен“?), на што саканато суштество малку чудно (за да ми ласка?) се буни.

Љубомората е равенка со три променливи (неодредливи) члена: еден е секогаш љубоморен на две особи во исто време: јас сум љубоморен на оној што го сакам и на оној што него го сака. Odiosamato (како што Италијаните велат за „соперник“) исто така е некој што го сакам: тој ме интересира, ме копка, ме привикува (да се види Вечниот маж од Достоевски).

CONTACTS / ДОПИРИ

Случајно, прстот на Вертер го допира прстот на Шарлота, а под масата им се допираат нозете. Вертер би можел да го превозмогне значењето на тие случајности: би можел телесно да се сосредоточи на овие малецки подрачја на допирот и да ужива во тоа делче на неподвижниот прст или стапало, фетишистички, не берејќи гајле за одговорот (како и Бог ‒ и тоа е неговата етимологија ‒ Фетишот не дава одговори). Но Вертер заправо не е перверзен, тој е заљубен: тој создава смисла, секогаш, сегде, од ништо, и од таа смисла трепери: тој е врз жарта на смислата. Секој допир за заљубениот поставува прашање врз одговорот: од кожата се бара да одговори.

На подрачјето на заљубениот нема acting out: нема нагони, можеби дури ни задоволство ‒ ништо освен знаци, налудничавата активност на живиот збор (parole): да се установи, во секоја украдена пригода, систем (парадигма) на барања и одговори.

Слики: Marion Fayolle
Избор и превод: П. В.
Barthes Roland, Fragments d'un discours amoureux, 1977.

 

ОкоБоли главаВицФото