Најтемната мрежа: поглед во грдиот свет на илегалните онлајн пазари

27.03.2018 14:11
Најтемната мрежа: поглед во грдиот свет на илегалните онлајн пазари

Интригирачки е концептот: замислата дека под интернетот постои темен близнак кој дише и расте. Место каде се продава дрога; каде платени убијци ги огласуваат услугите; каде може да се најде материјал за секој сексуален нагон.

Најтемната мрежа (Darkest Web) дава поглед кон ова подземје познато како дарквеб (темна мрежа), а австралиската авторка Ајлин Ормзби ви е туристички водич.

Ова е втората книга на Ормзби, чија прва книга Пат на свилата (Silk Road) се задлабочува во пазарот на темната мрежа, според истражување и личните искуства на Ормзби како дел од таа заедница. Новава книга нуди поширок поглед за што друго се случува таму, освен продажба на дрога.

Тоа што ве вовлекува во Најтемната мрежа не се злобните, некогаш грозни детали, но справувањето на Ормзби со три сè поинтензивни наративни делови. Во книгата која е поделена во секции, читателот се запознава со неколку клучни ликови во светот на темната мрежа на секое ниво: ‘Темна’ е за пазарите кои се појавиле откако сопственикот на Silk Road беше уапсен при крајот на 2013 (подоцна беше осуден доживотно); ‘Потемна’ ја следи приказната на еден човек кој е решен да си ја убие жената но не сфаќа дека вебсајтот за платени убијци кој го нашол е измама; и ‘Најтемна’ го води читателот низ кошмарниот свет на заедниците на „детска порнографија“.

Вистински умирања се опишани во книгава, а и самата Ормзби добила закани за насилство кога известуваше за темната мрежа на на нејзиниот блог, All Things Vice.

Па што ја натерало адвокатката од Лондон да си ја напушти работата и да се спријатели со луѓе на такви места? „Работев во Лондон во Magic Circle правна фирма за 1-проценташите кога удри глобалната финансиска криза,“ вели за Гардијан Австралија. „Па тоа доста ме освести и ме заинтересира за Биткоин.“

Биткоин е најпознатата криптовалута, за чиј развој беше потребно проширувањето на пазари на темната мрежа. Криптовалутите беа „создадени за да им осигураат на луѓе... сопствена валута“ дури и ако паднат големите банки, објаснува таа; Биткоин исто така им дозволува на две личности да префрлаат пари без да си го знаат идентитетот, со што се овозможува продажбата на дрога и други илегални работи.

Silk Road пазарот, најпознат за продажбата на дрога, беше воден со речиси утопистичка филозофија. „Замислата беше дека луѓето имаат право да одлучуваат што ставаат во нивните тела и да ги купат тие нешта ако сакаат, сè додека не повредуваат никој друг,“ вели Ормзби. „Но откако падна Silk Road падна, следните пазари ги раководат побескрупулозни луѓе, луѓе кои веројатно би продале сè само за да направат пари.“ Украдени идентитети и оружја, за почеток.

Книгата можеби истражува лажна страна за платени убијци, Besa Mafia, но завршува со вистинска смрт, и Ормзби вели дека ова ги менува работите. Стивен Олвин, од Минесота, САД, потрошил илјадници долари и неколку месеци барајќи платен убиец кој ќе ја убие жена му, Алис – кога не дошол платениот убиец, тој сам го сторил делото и пробал да направи да изгледа како самоубиство. Ормзби некое време ја истражувала страната и почнала да ги предупредува властите за луѓе од цел свет кои плаќаат голема сума пари за да убијат некого. „[Надлежните органи] беа главно незаинтересирани. Викаат, ‘е добро де, лажна страна, што е битно’ и не ни кажуваат дали спроведуваат истрага или не.“

Дали надлежните само ја потценуваат решеноста на муштеријата да убие? Или просто не знаат како да се справат со тоа? „По малку од двете,“ одговара Ормзби.

Кога Ормзби извести дека Besa Mafia е измама, добила закани, а понекогаш добивала по 20 или повеќе имејлови дневно. Сопственикот на страната, познат како Јура, заработувал стотици илјади долари и таа му го загрозила бизнисот. „Навистина се сметаше за Робин Худ на темната мрежа, со тоа што им ги крадеше парите на луѓе кои би најмиле ‘вистински’ убијци.

Ормзби се справува со третата секција – за експлоатација на деца – со јасност и почит. На крајот, дури и во секцијава дава надеж. „Страшно е и тажно, но за разлика од меѓународните органи кои се справуваат со мрежите на трговија со дрога – кои се расцепкани и сите сакаат да си земат парче – меѓународните органи кои работат на детска порнографија соработуваат премногу добро. И цело време работат посветено. Сè подобри стануваат во пронаоѓањето на овие луѓе.“

Покрај сето црнило, Ормзби има најдено и некои не толку темни места на темната мрежа во кои може да се учествува, како заедница каде „луѓе се собираат и дискутираат околу разните пазари на темната мрежа“ и „мала психоделична заедница“ која е „како сончев зрак и виножито на црната мрежа,“ се шегува. „Навистина е убаво местенце со многу среќни луѓе.“

извор: theguardian.com

 

 

Слични содржини

Технологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото