Хелсиншки: Ранливите групи на граѓани се најголеми жртви на дискриминација

27.03.2018 13:15
Хелсиншки комитет: Ранливите групи на граѓани се најголеми жртви на дискриминацијата

Ромите, лицата со физичка и интелектуална попреченост, жените од малцинските етнички заедници, жените од руралните средини и луѓето од ЛГБТ заедницата се најголеми жртви на дискриминација, истакна извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска.

Таа го презентираше извештајот за обезбедена правна помош на социјално ранливите и маргинализирани групи на лица во рамки на проектот „Поддршка од граѓанско општество кон политиките за социјална кохезија и различностите“. Во дел од случаите, посочи таа, костатирале повеќекратна дискриминација.

„Има зголемување на бројот на претставки, што значи е подигната свеста на ранливите групи за нивните права и за тоа каде може да се обратат за да ја добијат потребната заштита“, вели Пировска.

Комитетот документирал 64 барања за бесплатна правна помош во случаи на дискриминација и прекршување на права на таргетираните ранливи групи. Најголем број од случаите – 57 се однесуваат на барања за правна помош за заштита од дискриминација, а во седум од случаите граѓаните побарале заштита за прекршување на право.

„Во 47 од документираните случаи граѓаните сметаат дека биле дискриминирани врз една дискриминаторска основа, додека во осум случаи беше констатирано дека станува збор за дискриминација врз повеќе основи, најчесто тоа се пол и род (14 случаи), пол, род и возраст, пол, род, верско убедување и сл. Тринаесет случаи се однесуваат на дискриминација врз основа на физичка и интелектуална попреченост. Има зголемен тренд и на пријавување на случаи на дискриминација врз основа на религија и верско убедување, чиј број изнесува девет“, покажува нивното искуство.

Проектниот координатор и правен советник во Хелсиншкиот комитет, Неда Чаловска Димовска истакна дека има еден до два случаи годишно на лица со попреченост кои се обратиле до Комисијата за заштита од дискриминација и Народниот правобранител.

„За година и пол добивме повеќе од 20 претставки за дискриминација или прекршување на права кои се однесуваат на системски проблеми со кои се соочуваат лицата со попреченост. Главната пречка за тие да побараат помош или поддршка од институциите е физичката непристапност. Дел од нашите препораки се да се обезбеди физичка пристапност за да можат да ги уживаат сопствените права и да бараат заштита од органите’, рече Чаловска Димовска.

Области во кои забележале најмногу дискриминација се работните односи, потоа е образованието, здравствената заштита и пристапот до добра и услуги.

„Ние бараме законите за спречување и заштита од дискриминација и за бесплатна правна помош да овозможи олеснување на трошоците односно граѓаните да можат да поведат судска постапка без да плаќаат судски трошоци“, рече Чаловска Димовска.

Посочи дека имале претставки од Роми ученици во средно училиште дека во средните училиша има класови кои се само ромски, македонски и албански и додаде дека тоа е сериозен проблем и треба да се донесе соодветна програма за да се реши. Од Хелсиншки комитет предлагаат сегрегацијата да биде ставена и како посебен облик на дискриминација во измените на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Извештајот со податоците кои се однесуваат на периодот август 2016 – јануари 2018 година, е објавен во брошура на македонски, албански и англиски јазик.