Рецензија: Исток Улчар - Zrcalo Sveta

27.03.2018 18:59
Рецензија: Исток Улчар - Zrcalo Sveta

Zrcalo Sveta на Исток Ј. Улчар, младиот поет кој сега стапнува и во музичките води, е едно исклучително издание за македонската музичка сцена, особено по реткоста на жанрот како дарк-амбиент колаж, кој исто така црпи влијание и од метамузичноста на современата електронска продукција, било да е хип-хопот или де-факто електрониката.

Албумот потсетува на посталожените дарк-амбиент и дрон артисти како Library Tapes, Julian Neto, Kreng итн. кои бегаат од ритмичкиот темел на музиката и го заменуваат со еден издолжен, зашеметувачки шум кој всушност го сочинува амбиентот во музичка смисла.

Кај Улчар овој амбиент е попратен со препознатливи мелодии од глобалната музичка сцена од поопскурни музички артисти како Bohren & Der Club of Gore, како и од популарните, меѓу кои: ZAZ, Лејди Гага, Ханс Цимер, Продиџи кои ненаметливо се вклопуваат во матните води на темниот амбиент до степен на заземање на нов идентитет како дел од музичкото дело. Ако семплувањето подразбира земање на еден звучен исечок и изменување на истиот до степен на непрепознатливост, тогаш не би можело да се каже дека албумов користи семплови, туку само исечоци, кои се просто земени и комбинирани во еден колаж кој сепак најпосле не звучи нескладен, и покрај еклектичноста на избраните исечоци.

Во целост, ЕП-во остава впечаток на постмодерна меланхолија, на апокалиптичен звучен канвас на кој одвреме-навреме се појавуваат одеци на модерниот свет, тука прикажан во руини.

„Почетниот хаос на слепецот“ е соодветна воведна трака за изданието, која ги содржи гореспоменатите елементи и го остава тој впечаток. Во “Bagatelle for Yvonne” се зголемува паранојата во сè поблиските бодежи на посебните парчиња на колажот кои пробуваат, но не успеваат да го одвлечат вниманието од фиксацијата на црното и на шумот, а веќе третата песна се чини како можеби непотребно интермецо под името “Sendepause”, кое можеби наговестува некаква промена во текот на непрекинатиот звучен спектар. Сепак, промената не е револуционерна, туку регресивна (исто инуендо, друго паковање), навраќајќи се кон темната подлога на зерцалото, во четвртата “Музыка из Мертвого дома”, која се приближува кон совршено монотониот и сталожен меланхоличен еквилибриум со кој се одликуваат поистакнатите дела од овој жанр, без да одземаат до толку внимание одеците од претходните песни. “The Name of Action” придвижува кон подеконструктивните, постмодерни тенденции на Улчар, во вметнување на најпознатиот „ту-би-ор-нат-ту-би“ говор на Хамлет. За песнава би можело да се каже дека се обидува да сопостави модерно и старо, меланхолијата и егзистенцијалната горчина која не е само својствена за современава доба, туку очигледно (упатува песната) и за добите кои се граѓа на (сега и) нашава западна традиција, каква и да е. Сепак од звучна гледна точка, песната се чини некако нескладна, трошна и предвидлива, можеби презадоцнета во ерава на доцен постмодернизам, во која толку лесно воочливата алузија се чини како дел од статус-квото, дел од конструкцијата, а не динамитот кој треба да ја срамни со земја. А и самиот избор на изведба на овој говор, кој и да е актерот што ја изведува, е благоречено немилозвучна. На македонски речено – чкрипи на уши.

Сè на сè, Zrcalo Sveta е солидно издание, сосема изненадувачко за сончевово јужнобалканско поднебје, можеби засенето од глобалниот западен левијатан, не само во секојдневието, туку очигледно и на културен план. А ова дело ги покажува раните, сечениците во тој навидум неповредлив левијатан и човечкиот (или кучешкиот) лик зад него.

ЕП-то бесплатно може да го симнете овде.

 

ОкоБоли главаВицФото