Како познавањето на различни култури ги тресе темелите на психологијата

28.03.2018 13:26
Како познавањето на различни култури ги тресе темелите на психологијата

Психологијата како академска дисциплина е развиена главно во Северна Америка и Европа. Некои би кажале дека таа има постигнато огромни успеси во разбирањето на погонот зад човечкото однесување и менталните процеси, за кои одамна се смета дека се универзални. Но во последните децении научниците почнаа да се сомневаат во пристапов, предложувајќи дека многу психолошки феномени ги предизвикува културата во која живееме.

Јасно е дека луѓето се слични на многу начини – имаме иста физиологија и исти општи потреби, како храна, безбедност, сексуалност. Па какво влијание може да има културата врз најосновните аспекти на нашата психа, како перцепцијата, когницијата и личноста? Да ги разгледаме досегашните докази.

Експерименталните психолози обично го проучуваат однесувањето на мали групи на луѓе, со претпоставката дека пронајдоците можат да се генерализираат за поширокото население. Ако населението се смета за хомогено, тогаш може да се направат вакви претпоставки од случаен примерок на луѓе.

Сепак, ова не точно. Психолозите долго време непропорционално се потпираат на додипломски студенти за да ги спроведат студиите, само зашто тие им се секогаш при рака на истражувачите на универзитетите. Што е подраматично, повеќе од 90% од учесниците во психолошките студии доаѓаат од западни, едуцирани, индустријализирани, богати и демократски земји. Јасно е дека овие земји ниту нудат случаен примерок ниту ја претставуваат човечката популација.

Начини на размислување

Размислете кои од овие два предмети припаѓаат во група: панда, мајмун, банана. Анкетираните од западните земји рутински ги избираат пандата и мајмунот, бидејќи двете се животни. Ова е пример за аналитички начин на размислување, во кој предметите се поимаат независно од нивниот контекст.

Спротивно од ова, учесниците од источните земји често ќе го изберат мајмунот и бананата бидејќи овие нешта припаѓаат во иста средина и имаат взаемен однос (мајмуните јадат банани). Ова е холистички начин на размислување, во кој предметот и контекстот се поимаат како меѓусебно поврзани.

Во една класична демонстрација на културни разлики во начините на размислување, на учесниците од Јапонија и САД им биле прикажани низа анимирани сцени. Секоја сцена, од околу 20 секунди, покажува различни водни суштества, вегетација и камења во подводна средина. Во последователната задача со сеќавање, и двете групи еднакво ги запомниле важните предмети, поголемите риби. Но јапонските учесници биле подобри од американците во запомнување на информациите во позадина, како бојата на водата. Ова е така зашто холистичкото размислување се фокусира на позадината и контекстот како и на тоа што е претставено во преден план.

Ова јасно покажува како културните разлики можат да влијаат врз нешто толку клучно како меморија – и секоја теорија што ја опишува мора да го има ова предвид. Понатамошни студии покажуваат дека културните разлики во начините на размислување влијаат врз когницијата – меморија, внимание, перцепција, расудување и како зборуваме и размислуваме.

Себство

Ако ви кажат да се опишете, што би рекле? Би се опишале себеси во однос на лични карактеристики – како интелигентни или смешни – или би се опишале преку афинитети, како „сакам пица“? Или можеби би се опишале преку општествени врски, како „родител“? Социјалните психолози долго сметаат дека луѓето најчесто се опишуваат себеси и другите во однос на стабилни лични карактеристики.

Сепак, начинот на кој луѓето се опишуваат се чини културно ограничен. Индивидуите во западните општества поверојатно се гледаат себеси како слободни, автономни и уникатни личности, со збир на постојани карактеристики. Но на многу други места во светот, луѓето се опишуваат себеси главно како дел од различни општествени врски и во силна поврзаност со други луѓе. Ова почесто се гледа во Азија, Африка и Латинска Америка. Разликите се општоприсутни, и поврзани се со разлики во општествените врски, мотивација и воспитување.

Разликата во себепоимањето е покажана дури и на ниво на мозокот. Во студија со fMRI снимки на мозокот, на кинеските и американските учесници им биле покажани различни придавки и ги прашале до кој степен се пронаоѓаат во нив. Исто така ги прашале до кој степен ја претставуваат нивната мајка (мајките не биле во студијата), додека им ги снимале мозоците.

Кај американските учесници, разликата во активноста во „медијалниот префронтален кортекс“ (област од мозокот обично поврзана со претстава на себството) била очигледна кога тие размислувале за себеси наспроти за мајка си. Но кај кинеските учесници едвај имало разлика кога размислувале за себе и за мајката, наведувајќи дека претставата на себството е во голем дел поврзано со таа на близок роднина.

Ментално здравје

Уште една област која првично била доминирана од студии врз западни испитаници е областа на ментално здравје. Сепак, културата може да влијае на тоа како го разбираме менталното здравје на повеќе начини. Поради присуството на културни разлики во однесувањето, рамката (која се темели врз препознавање на девијантни или однесувања надвор од нормата) не е завршена. Тоа што можеби се смета за нормално во една култура (скромност) може да се смета за девијација од нормата во друга (социјална фобија).

Потоа, препознаени се број синдроми специфични за една култура. Тие што страдаат од Коро се мажи (претежно во Азија) кои лажно се убедени дека гениталиите им се собираат и дека ќе им исчезнат. Хикикомори (главно јапонска појава) е нарушување кое опишува повлечени индивидуи кои се повлекуваат од социјалниот живот. Понатаму, синдромот на „урок“ (најчест во медитеранските земји) е убеденост дека зависта или злокобниот поглед ќе му наштети на тој кон кој е насочено.

Постоењето на вакви културно зависни синдроми е признаено и од Светската здравствена организација и од Американската психијатриска асоцијација, и некои од овие синдроми се вклучени во соодветните класификации на ментални заболувања.

Очигледно, културата има огромно влијание врз тоа како се гледаме себеси и како не гледаат другите – и ова е само површината. Областа позната како „меѓукултурна психологија“ сè повеќе се изучува на универзитети низ цел свет. Прашањето е до кој степен ќе придонесе ова кон психологијата како напредувачка дисциплина – некои ја гледаат како дополнителна гранка додека други ја гледаат како клучен и централен дел од формирањето на теории.

Со повеќе истражувања, можеби ќе откриеме дека културните разлики влијаат врз уште повеќе области на човечко однесување кои претходно се сметале за универзални. Но само ако ги знаеме овие влијанија ќе можеме да го препознаеме главните карактеристики на човечкиот ум кои се присутни кај сите.

извор: theconversation.com

 

ОкоБоли главаВицФото