Нацијата како фасада

28.03.2018 16:17
Нацијата како фасада

Пред девет години беше тепањето на скопскиот Плоштад. Низ делови од пет текстови од тоа време, потсетуваме на некои актери во СК014.

 28.03.2009.

Дури неодамна дознавме што бил влогот и зошто реакцијата на власта беше толку ирационална и насилничка; за тајниот проект „Скопје 2014“, како што неодамна призна десната рака на премиерот, Мартин Протоѓер, пари од буџетот се одвојуваат уште од 2006 година. Во тоа интервју за „Утрински весник“ (од 13.02.2010.) Протоѓер вели дека е замислено проектот да трае од 2006 до 2014 и во тој период за него да се одвојува по половина процент од буџетот секоја година (девет години, значи, по 20 до 30 милиони евра годишно; некои владини извори подоцна зборуваа не за половина процент од буџетот туку за цел еден процент; а завршувањето на проектот го проектираа не во 2014 туку во 2018).

Ние што излеговме да се буниме против изградбата на верски објекти на плоштадот, на 28 март минатата година, поим немавме за проектот „Скопје 2014“. Како што поим немаа и сите други граѓани во земјава, освен Груевски, Протоѓер и евентуално уште некој. Не е јасно зашто е таен проектот за радикално менување на центарот на главниот град. Инаку, делумно е јасно дека тој проект е дел од исто така тајниот (кровен?) проект наречен антиквизација (никогаш консекветно изложен, ако не ги сметаме бизарните истрчувања на владината новинарска Тупаница која уште пред две години занесено ни објаснуваше што сè владата ќе преименува и изгради во антички дух, за инает на Грците). Антиквизацијата, пак, е единствената стратегија (а, велам, и таа е полутајна и никогаш јасно изложена) што власта ја применува во однос на најважното македонско политичко прашање: проблемот со Грција околу името.
И покрај многуте отворени дилеми, се чини дека сè повеќе граѓани сфаќаат дека проектот „Скопје 2014“ е катастрофален, на речиси сите рамништа (економски, политички, законски, урбанистички, естетски, меѓунационални итн.). Тие мислења не продираат во „бункерот“, т.е. сеуште се третираат како „непријателска пропаганда“ на „соросоидите, предавниците и збирштините од геј и атеисти“. Ионака максимално нараснатите ровови меѓу граѓаните (кои Груевски неуморно ги копа од првиот ден на владеењето, и тука навистина е совршено доследен) изминатава година, значи, дополнително се проширија (антички против словенски, верници против атеисти, христијани против муслимани, педери и лезбејки против здравата заедница од маж и жена итн.). Тешко е да се претпостави зашто Груевски толку длабоко инсистира да го подели македонскиот народ, по сите шевови и речиси до степен на граѓанска војна (оти толку грубото игнорирање на буквално сите мислења и постапки кои излегуваат од гравитационото поле на партијата, не може да се нарече поинаку освен соголено насилство).
28 МАРТ 2009.

Она што ги спојува Поповска и Груевски е сфаќањето на нацијата како фасада

Лиле Поповска, пратеничката, пред еден месец во „Дневник“ објави еден од најглупавите текстови што во поново време се појавиле во македонскиот печат. Глупоста и вулгарноста на тој текст не се примарни причини зошто ќе се позанимаваме со него. Текстот е пример за идиотизмот на владејачката политичка гарнитура, но е и индикатор за вкусот и знаењето на една лажна македонска елита поради која земјава се наоѓа во веројатно најбезнадежниот период во својата современа историја; еден од најупадливите симптоми на таа „елита“ - чијшто прототип претставува пратеничката Поповска - е умислата дека на сељачиштата од ВМРО им треба троа покултивирана фасада и малку позамиени предводници.

Во тој контекст, Поповска во својот текст зборува за архитектурата и туризмот. Дали лудачки обидувајќи се да го релативизира сосема поместениот (лудачки) проект „Скопје 2014“, или со намера да го препороди македонскиот туризам (преку архитектурата), Поповска е полетна и прецизна во маркирањето: „Нејзиното Височество - Архитектурата, е дел од Светото Тројство во туризмот, покрај храната и музиката. Зашто, тие три елементи го создаваат специфичниот амбиент во една средина, без кој нема туристичка приказна, ни туризам.“

Реченицава глат влегува во антологијата на најголемите глупости изречени кога било на оваа почва. Храната, музиката и архитектурата се светото тројство на туризмот?!
ТУРИЗАМ И АРХИТЕКТУРА

Културните идеолози на груевизмот: Паско Кузман, Вангел Божиновски, Бранислав Саркањац, Ацо Станковски...

Зошто барок?! Не верувам дека во Македонија постои човек кој може да даде кохерентен и логичен одговор на тоа прашање. Иако барокот во меѓувреме кај нас стана дел од закони, уредби, препораки, градежни планови... Еден од идеолозите на власта неодамна рече дека барокот бил Европа, дека ренесансата била тогашна антиквизација на Европа и дека е сосема логично што ние, петсто години културно блокирани од Турците, сега продолжуваме таму каде што Европа била во 16 век... Звучи лудо?! Звучи како избладано од зоната на самракот. Затоа велам дека во најмала рака е чудно зашто власта инсистира Скопје во 21 век да се гради во барок стил. А како воопшто нашата власт го сфаќа барок стилот - и тоа тешко може некој да го разбере. Веројатно затоа и молчат историчарите на уметноста. Оставаат со културните политики да се занимаваат дубиозните фигури на Паско Кузман, Вангел Божиновски и Ацо Станковски, културните идеолози на груевизмот. (...)

Интересно е што сегашниве процеси на неконтролираната неолиберална приватизација некои теоретичари ги поврзуваат со настанувањето на барокот, т.е. со кризата на европската ренесанса. Откако рационалноста, луцидноста и страсниот реализам на „новото човештво“ на ренесансата ќе го изгубат подемот, тогаш настапува барокот кој при создавањето на убавото мора да употреби многу посилни средства: хиперболи и фалсификати. Како што велат Хард и Негри во книгата „Мноштво“, зад трансформациите на стиловите и модата се случува подлабока историска драма: кризата на првите поразвиени мануфактури, стрмоглавиот пад на продуктивноста на трудот и, најважно, рефеудализација на земјоделството со конечна приватизација на заедничките добра. Денешните приватизации одново имаат таков барокен, неофеудален израз. Политички гледано, барокот ја зацврстува власта на феудалците и на црквата; впрочем, во нашата антиквизација (чудно, „постмодерно“, според Станковски и Саркањац, поврзана со „барокизацијата“ на нацијата) за македонската црква е предвидено маркантно место; меѓу другото, не запира изградбата на цркви и крстови (се разбира, барабар со изградбата на џамии, зашто и муслиманите во нашата земја изгледа дека го живеат својот величествен 16 век).

Интересна е и една друга тенденција кај некои од апологетите на забеганата власт: антимодернизмот. Со огромна омраза груевистите зборуваат за модернизацијата на Скопје по земјотресот, за безличниот интернационален стил и за отсуството на јасни народни и национални симболи. Се разбира дека тврдењата за анационалниот и аморфен македонски модернизам - се бладања на идиоти и политикантски сплеткароши. Македонскиот модернизам, па и во архитектурата, често содржеше недвосмислени национални обележја, но искажани многу повоздржано и поелегантно од сегашното дивеење на распојасаниот и демагошки национализам...

Инаку, главната антимодернистичка сила во 20 век беше Католичката црква; Папата Пие Х уште во 1911 го повика свештенството да го заштитува христијанството од влијанијата на модерниот свет.
БАРОКОТ НА ТАСМАНИСКАТА ПЕШТЕРА

Не нè уништува македонството туку неговата сакрална транфигурација

Не можете да создадете праведно општество со неправедни средства. Не можете да создадете слободно општество со ропски средства. Нас не нè потчинува државата туку нејзината сакрална транфигурација.
Жак Елил

Токму така: нас не нè уништува македонството туку неговата сакрална транфигурација. Проектот „Скопје 2014“ е школски пример за таа непродуктивна и автодеструктивна сакрализација на националниот идентитет. Примерот е школски зашто произлегува од добро познатите тоталитаристички матрици на владеењето. На пример,според младиот теоретичар Среќко Хорват, тоталитарната архитектура има три главни функции: симболичка, театрална и дидактичка. Кога Мусолини ги реновирал и конзервирал старите римски споменици, тоа го правел за да ја востоличи новата симболика на фашизмот како поредок кој се потпира на илјадагодишна традиција. Мусолини не само што се обидувал да ги сочува знаците на славното минато, туку на некој начин тие остатоци ги музеализирал и театрализирал за да ја легитимира сопствената власт. Истото го правел и Хитлер, прогласувајќи го како нацистичка идеологија Светото Римско Царство на германската нација (Heileges Romisches Reich Deutscher Nation било официјалното име на Германија до 1806 година). Истото тоталитарно разбирање на културата го прави и „преродбата“: десетиците споменици и „антички“ згради што преку ноќ никнуваат низ Скопје имаат единствена цел: сакрална трансфигурација на нацијата. Т.е. нејзино мумифицирање, балсамирање и положување во пирамидата. Македонството под груевизмот се претвора во саркофаг. Зборот зборува самиот: сарко фаг, ждерење на месо, уништување на животот.
САКРАЛНА ТРАНСФИГУРАЦИЈА

Што да се прави со објектите од СК014?!

Што да се прави со незавршените и непоставените објекти од „Скопје 2014“?! Тоа е едно од најтешките политички прашања во моментов, особено зашто на проектот крај не му се гледа, дури ни во некаква минимална смисла. (...)

А можеби на бизарноста и градежното лудило на груевизмот треба да се одговори исто толку екстравагантно и лудо? Еден сатиричен расказ на Пандалф Вулкански ме натера да размислувам за сполијацијата како решение за „Скопје 2014“. Зборот сполијација значи вградување на одломки од постара градба или споменик во нов објект. Најпознатиот пример на сполијација се случува под закрилата на Француската револуција, кога бунтовниците го рушат злогласниот затвор Бастиља и потоа од остатоците на затворот создаваат мноштво мали „Бастиљи“, суштински создадени од истата супстанца на „споменикот-мајка“.

Сполијацијата, значи, е неодвоива од прашањето на рецепцијата на наследството и секогаш е поврзана со разорувањето и со обновата по разорувањето. Како што пишува Амра Хаџимухамедовиќ во мошне интересниот текст, „Град Разград, за сполијацијата како алтернативна реконструкција“, во некои случаи сполијацијата може да биде дефинирана како некаков вид алтернатива за реконструкцијата, а во некои случаи е нејзина спротивност.
Еден од најнеобичните случаи на сполијација во дваесеттиот век е Hearst Castle во Сен Симон во Калифорнија. Тој објект го нарачал славниот новински магнат Вилијам Херст во 1919 година (и Херст и неговиот замок ни се познати од култниот филм на Орсон Велс, „Граѓанинот Кејн“). Во раскошните градби, базени и градини на „замокот“ биле вградувани одломки од стари европски градби, коишто Херст ги купувал од трговците со сполии низ цела Европа - готички дрвени плафони од Теруел во Шпанија, готичка камена фасадна пластика од Шпанија, фасади од влезен трем на антички римски храм, италијански барелјефи од 17 век итн.
СПОЛИЈАЦИЈА

Слики: Свирачиња

 

ОкоБоли главаВицФото