Експлоататори со човечко лице

30.08.2010 12:21
Експлоататори со човечко лице

Кога Бил Гејтс и Ворен Бафет, вториот и третиот најбогат човек на планетава, ги повикаа американските милијардери половина од своето богатство да дадат во добротворни цели, светските медиуми со воодушевување ја поздравија великодушноста на овие познати филантропи. На повикот веднаш се одзваа 40 нивни сонародници, меѓу кои и телевизискиот могул Тед Тарнер, холивудскиот режисер Џорџ Лукас и градоначалникот на Њујорк, Мајкл Блумберг.

Гејтс и Бафет, кои лани беа тешки 53, односно 47 милијарди долари, објавија дека целта на акцијата Giving Pledge е „да се помогне во решавањето на горките проблеми“, нагласувајќи дека акцијата „не вклучува давање пари, ниту пружање поддршка на одредена група цели и организации“, па така, ни на фондацијата Бил и Мелинда Гејтс. И покрај тоа, логично е дека Гејтс парите ќе и’ ги донира на својата фондација, а се знае дека и Бафет е еден од нејзините донатори, па може да се заклучи дека фондацијата на Гејтсови е на добар пат да воспостави монопол на глобалниот филантропски пазар.

Идеите на Карнеги

За новиот вид филантропија, наречен филантрокапитализам, веќе неколку години се расправа на Светските економски форуми. Класичното донирање постепено му го отстапува местото на т.н. социјално претприемаштво, кое подразбира претворање на филантропијата во бизнис, односно „преземање на ризикот во име на социјалниот напредок“, како што тоа го дефинираше еден од теоретичарите на филантрокапитализмот и уредник во списанието The Economist, Метју Бишоп. Според него и според филантрокапиталистите, но и според светските политичари како Бил Клинтон и Тони Блер, државата, за разлика од приватниот сектор, е „безнадежна“ кога се работи за иновациите, па оваа „револуционерна преобразба“ на филантропијата се состои од примената на бизнис постулатите, како инвестирањето, ефективноста, јасно дефинираните цели и мерливите и брзи резултати.

Како што напоменуваат некои аналитичари, Гејтс и Бафет се обидуваат да ја воскреснат идејата на американскиот индустријалец и филантроп од 19-от век, Ендрју Карнеги, кој во есејот „Евангелие според богатството“ заклучува дека една од најголемите грижи на упокоениот богаташ е можноста дека децата ќе му го потрошат богатството, додека ни постоечките фондации не можат да гарантирааат дека парите ќе се потрошат онака како што сака донаторот. Поради тоа Карнеги предлага богатите, бидејќи имаат смисла за управување со капиталот, сами да ги насочат своите пари „назад во општеството“. Ендрју Карнеги, чија компанија Carnegie Steel е позната и по еден од најкрвавиите штрајкови во американската историја, своите пари ги вложи во образовни институции, истражувачки центри и библиотеки.

На негова линија е и најавата на сопственикот на ланецот парфимерии DM, Götz Werner, кој ја цитираше максимата на Карнеги дека не е срамно да се живее богат, но е срамно да се умре богат. Затоа реши да им го одземе наследството на своите деца и милијарда евра вредната компанија да и’ ја подари на неименувана добротворна организација. Воодушевените медиуми овој чин го нарекоа врв на „капитализмот со човечко лице“, кој се состои од тоа милијардерот на своите работници да им дава плата од илјадници евра и подарок-пакети со производите од сопствената компанија.

Кај Вернер и останатите ’филантропи’ се работи за обид на исчистување на совеста на капиталистите кои си го присвоиле вишокот труд, кој треба да им припадне на работниците, па сега, откако го дехуманизирале истиот труд, се обидуваат да се прикажат себе си како хуманисти, исто како што и великаните на ММФ и Светската банка станаа најголемите критичари на неолибералниот систем“, вели Славко Кулиќ од Економскиот институт во Загреб.

Дека се работи за експоатација сведочи и примерот на Ворен Бафет, чиј подем на инвестициската компанија Berkshire Hathaway беше проследен со отпуштање на илјадници работници.

Како што напоменува Роберт Реих, политолог од американскиот универзитет Беркли, оваа иницијатива наместо воодушевување би требало да предизвика загриженост, бидејќи покажува колку многу пари се сконцентрирани во рацете на мал број луѓе. И Реих потсетува на 19-от век во САД, кога семејствата на индустријалците како Вандербилт, Карнеги и Рокфелер ја контролирале целата економија и имале толку многу што можеле да донираат и да останат богати. Денес такви монополи постојат во областите од финансиите и информациските науки, но опасноста од филантрокапитализмот не е само во фактот дека се обидува да го легитимира системот кој произведува толкава нееднаквост што му е потребна филантропија, туку и во тоа што неговите носители се обидуваат да ја приватизираат и комерцијализираат социјалната функција, која и’ припаѓа на државата.

Добротворството е нездраво за државата

Според Мајкл Едвардс, поранешен советник на Светската банка и автор на неколку книги со критики за филантрокапитализмот, ваквото добротворство е нездраво за демократијата бидејќи граѓанското општество, за воопшто да функционира, мора да биде силно и независно, но ако бизнисот го „колонизира“, повеќе нема да постои никој кој би поставувал прашања за капитализмот и социјалната правда. Вмешувањето на пазарот во сите аспекти на човечкото општество, смета Едвардс, доведува до ерозија на старите традиции за колективни акции, демократска одговорност и солидарност, а претворањето на јавните добра, како здравјето и образованието, во упориште на приватните интереси, неминовно ќе доведе до создавање монопол и нееднаквост во тие области.

Како што напоменува Geoff Mulgan, директор на лондонската фондација Young, филантрокапитализмот идеолошки не е ни на трагата на класичната теорија на слободниот пазар, бидејќи таа претпоставува дека консументот сам одлучува што е најдобро за него, додека филантрокапиталистите претпоставуваат дека тие знаат што е најдобро за луѓето, а нивното огромно богатство им дава моќ да насочуваат цели индустрии и притоа да навлезат во социјалната функција на државата. Тоа најдобро се гледа од фактот дека американскиот буџет секоја година губи околу 60 милијарди долари од данок кои тамошните милијардери ги донираат во добротворни цели. Но она што филантрокапиталистите го немаат е демократскиот легитимитет да одлучуваат за прашањата од социјалната сфера, а со самото тоа тешко е и да се повикаат на одговорност ако нивните постапки доведат до штетни последици.

Мајкл Едвардс смета дека долгорочните цели, како општествената трансформација, ниту се мерливи со термините за максимизација на профитот, ниту филантропијата некогаш ќе се занимава со самите предизвикувачи на нееднаквоста, како неправедната дистрибуција на земјиштето и сопственоста, бидејќи таквиот систем овозможува создавање огромно богатство. Geoff Mulgan, пак, напоменува дека не постојат докази дека фиилантропијата воопшто ќе доведе до битни општествени трансформации. Освен тоа, за разлика од христијанската традиција, според која добротворството не се рекламира на сите страни, филантрокапитализмот е мотивиран и преку „додворувањето на јавноста со лажен хуманизам, па поради тоа не треба да се велича“.

Доларите на Гејтс ги дестабилизираат здравствените системи

Американскиот весник Los Angeles Times во 2007 г. пишуваше за тоа дека фондацијата Бил и Мелинда Гејтс вложуваат во компаниите кои ги предизвикуваат токму оние здравствени проблеми против кои се бори фондацијата. Децата во јужноафриканското училиште во Мурбанк страдаа од респираторни проблеми поврзани со рафинериите на компаниите Бритиш петролеум и Англо Американ, чии акционери се Гејтсови. Истата година списанието Foreign Affairs пишуваше дека организациите како фондацијата на Гејтс ги дестабилизираат здравствените системи на сиромашните земји, бидејќи сосредоточувањето на специфичните проблеми, како сидата, ги одвлекува ресурсите од основните цели на јавното здравство – преживувањето на родилките и искоренувањето на детските болести. Тезата ја потврди и Арата Кочи од СЗО, велејќи дека многу пари водат кон создавање монопол кој ги истиснува помалите играчи и интелектуалниот натпревар, бидејќи преживеаните организации се „потопуваат во доларите на Гејтс“ и стануваат зависни од нив, а со тоа и некритични.

Извор: novossti.com

Илустрации: Marek Haiduk

ОкоБоли главаВицФото