Младата девојка како техника на себството (2)

29.03.2018 14:02
Младата девојка како техника на себството (2)

Младата Девојка е како капитализмот, домашните слуги и едноклеточните животни: знае да се прилагоди и се гордее со тоа.

Наспроти традиционалните општества кои го препознавале постоењето на одвратните нешта и ги изложувале како такви, Младата Девојка го порекнува нивното постоење и ги прикрива.

Младата Девојка „сака“, „мрази“, но никогаш не презира. За тоа би било потребно да почне со презирање на себеси.

Изгледот на Младата Девојка е самата Младата Девојка; помеѓу нив нема остаток.

Како и сите робови, Младата Девојка верува дека е многу повеќе надгледувана отколку што навистина е.

Младата Девојка е жива апстракција која не може да има пол. Единствено од гледиштето на Биомоќта и Спектаклот може да се воспостави врска помеѓу нејзината „женскост“ и женскиот пол.

На отсутноста од самата себе не ѝ противречи ниедна од „грижите“ за кои се чини дека Младата Девојка си ги подарува себеси.

Младата Девојка е како дома само во односите на чиста надворешност.

Младата Девојка никогаш не е доволно пластична за својот вкус.

Младата Девојка не сака брчки, брчките не се прилагодуваат, брчките се писмо на животот, животот не е прилагодлив. Младата Девојка се плаши од брчки, впрочем, како и од секој вистински израз.

Младата Девојка исклучително е вулгарна.

Младата Девојка нема ништо посебно, во тоа се состои нејзината „убавина“.

Наместо самосвесност, Младата Девојка има само нејасно чувство на живот.

Така разделени, љубовта и пичката на Младата Девојка станале две празни апстракции.

За Младата Девојка голиот живот сè уште е функција на навика.

Младата Девојка живее заробена од сопствената „убавина“.

Младата Девојка не сака, таа се сака себеси како сака.

Младата Девојка не оди толку далеку да бара непостојаните конвенции на кои им се потчинува да имаат некаква смисла.

Младата Девојка ја сфаќа секоја врска според моделот на договор, поточно, отповиклив договор кој може да биде повлечен во секој момент, зависно од интересите на договорените страни. Тоа е вид на пазарење кое почива на диференцијалната вредност на странките на пазарот на заведување, при кое, на крајот, е нужно некој да ја собере дивидендата.

Младата Девојка секојдневно се произведува како таква, преку манијакалната репродукција на доминантниот етос.

Една голема мултинационална козметичка компанија неодамна лансираше кампања за крема против брчки наречена Éthique (етика). Тоа истовремено значеше дека нема ништо толку етично како што е размачкувањето гомна насекаде по себе кога ќе се разбудиш за да се прилагодиш на категоричниот императив на младоста, како и дека не може да постои друг етос од оној на Младата Девојка.

Убавината е начин на разоткривање на Младата Девојка во Спектаклот. Оттаму, таа е и генерички производ кој во себе ја содржи сета апстракција на она што е принудено да се обраќа кон одреден сегмент од сексуалниот пазар во кој сè меѓусебно си личи.

Капитализмот навистина создаде богатство затоа што го пронајде онаму каде што претходно не се гледало. Така, на пример, ги создаде убавината, здравјето или младоста како богатства, значи како својства кои те поседуваат.

Младата Девојка никогаш не е сосема задоволна со своето потчинување на стоковата метафизика, на послушноста на целото свое битие и, видливо, на целото свое тело на нормите на Спектаклот. Оттука доаѓа нејзината потреба да го истакнува.

Младата Девојка го потврдува физиолошкиот дострел на стоковата семиократија.

Убавината на Младата Девојка е произведена. Таа дури не се стеснува да каже: „убавината не паѓа од небо“, значи таа е производ на труд.

 Младата Девојка се мие, сака да е чиста, чиста од светот.

Младата Девојка попрво станува ствар која мириса отколку човек кој страда.

Младата Девојка тежнее кон пластична перфекција во сите облици, особено во сопствениот.

Младата Девојка не се задоволува со верувањето дека сексуалноста постои, таа се колне дека ја сретнала. Нови богови, нови празноверија.

Од вежби за мускулите преку липосукција до креми против брчки, насекаде кај Младата Девојка истата страст да го занемарува своето тело, како и од него да прави апстракција.

Колкав и да е нејзиниот нарцизам, Младата Девојка не се сака себеси; таа ја сака својата слика, значи нешто што не ѝ е само туѓо и надворешно туку и што ја поседува и опседнува. Младата Девојка живее под тиранијата на тој неблагодарен господар.

Младата Девојка пред сè е една точка на гледиште на минувањето на времето, но точка на гледиште која се материјализирала.

Слики: Xue Wang
Превод: Стефан Симоновски
Извор: Pour Une Théorie De La Jeune Fille

 

 

ОкоБоли главаВицФото