Роботи-музичари

30.03.2018 12:59
Роботи-музичари

Нашето општество се чини дека движи кон насоката на ефикасност и корисност. Па не е ни чудо што ваквото размислување полека се шири и низ уметностите, како и музиката, со можност за отпор. Јазот меѓу електронската и акустичната музика изгледа како да се намалува, со тоа што институциите нудат повеќе курсеви кои се задлабочуваат во мистериите на електронската музика. Сè уште постои отпор од страна на класичните музичари, композитори и обожаватели кои можеби се загрижени за автентичноста на музиката произлезена од вакви технолошко зависни практики. Во полето на поп-музиката, артифициелната интелигенција и алгоритмичките системи се два аспекти на музичка технологија кои обрнуваат внимание на загриженоста произлезена од овој став на отпор.

Jukedeck е платформа за креирање песни која му дозволува на корисникот да создаде сопствена персонализирана песна која се базира на неколку клучни зборови. Ко-основачот и главниот оперативен директор Патрик Стобс вели дека софтверот главно се користи како алатка за пишување на песни, а не за да ги замени луѓето. Тоа што го засега обичниот човек е дека софтверот е идеален за создавање на сопствена музика за аматерски филмови, слајдшоу-а, или музика за учење/работа. А за современиот класичен композитор, предноста се гледа кога ќе ги ангажираат да напишат генерична музика за трговски центар, или музика за лифт, или реклама, зашто ова ретко се смета за интересна работа и обично служи како финансиска поткрепа. Сепак, вели Стобс, софтверот е предобро приспособен кон корисникот, па навистина може да ги замени музичарите и композиторите кои заработуваат од овие неперсонални музички изработки.


Z-Machines, бенд од три роботи

Том Џенкинсон, подобро познат како британскиот артист Squarepusher, работи на проект составен целосно од роботи: Март – гитарист со 78 прсти, Ашура – тапанар со 22 раце и Космо – ласерски сајзерист за кого го има напишано неговото ново ЕП. Исто така, Џенкинсон ги користи овие музички апарати како алатки а не соработници. Иако „бендот“ има постигнато некаков успех во Јапонија, дали бездушната изведба на механичката група ќе се прослави останува под знак прашалник. Џенкинсон, кој стои зад музиката, вели дека треба да се направат понатамошни приспособувања пред групата да стане вистинска закана за живите музичари. А прашањето останува, дали ова би било доволно за да се создаде некое генијално емотивно дело какво би чуле од бенд од 100% живи музичари.


Shimon Robotic

Технологијата која недостасува кај претходните примери, можеби е присутна кај Shimon, робот-музичар создаден од д-р Гил Вајнберг, директорот на Технолошкиот центар за музичка технологија во Џорџија, пред речиси 10 години. Роботот има каталог од над 5000 дела, претежно од класичен и џез репертоар, од кои црпи инспирација кога „компонира“ на лице место. Како претходните два примери, и можеби заради маркетинг, Вајнберг вели дека го измислил Shimon за да го „подобри“ компонирањето на музика, а не целосно да го замени. Самостојноста на роботот е впечатлива, и ова можеби е најзастрашувачкиот примерок во светот на музичката технологија за конзервативните класични музичари и композитори. Од прв поглед, се чини дека Shimon има потенцијал некој ден да го замени музичарот/композиторот на различни платформи. По самата природа е создаден да еволуира. Импровизаторот/композиторот во суштина е филтер на повеќе различни музички влијанија, искуства и впечатоци кои се комбинираат во музичкиот производ. Вајнберг го има симулирано умот на композиторот и го има инсталирано во созревачки, но сè уште примитивен робот. Сепак, и покрај очигледните музички способности, прашање е дали ваква машина ќе може да го замени тоа кое го познаваме толку малку – човечкиот мозок.

Композицискиот процес е сложен. Се прават непресметливи одлуки кога се пишува, од почетната идеја до најмалата измена за време на проба. Современите класични композитори се прочуени по својата прецизност, внимателност и си го штитат уметничкиот идентитет и компониран материјал. Па иако овие нови пронајдоци имаат корист, можеби нема да бидат привлечни за највештите дејци кои претпочитаат контрола, не корисност. Згора на ова, овие музички машини се стилски ограничени во нијансите на звук и степенот на носење на одлуки. Некои би рекле дека современата музика веќе се одрази со бесчовечност, но ова е можеби повеќе прашање на вкус, зашто сè уште постои, и веројатно секогаш ќе постои публика која ќе ги сака емоционално сложените, интелектуални музички дела кои содржат деликатни елементи како текстура и тембр, покрај вообичаените мелодии и хармонии. Па кој може да каже какви пронајдоци ќе има во поглед на музичка нијанса, и во човечкиот, и во АИ светот, и покрај тоа што музиката на современиот композитор секогаш била во маргините и веројатно ќе остане таму. Има ли причина за загриженост?

„Артифициелната интелигенција и алгоритмичките структури играат важна улога, не во компонирањето на музика туку во процесирање на постоечка музика“ вели Ен Винберг, концертна пијанистка и кандидат за доктор на науки на Универзитетот Лејден. CodeKlavier-от на Винберг и Нориега користи машинско учење за да ги препознае музичките гестови на пијанистката и да ги претвори во програмски функции за електронска музика или други дигитални уметнички форми. На овој начин, можеме да видиме како музиката ја оснажува технологијата, што може да ги успокои музичарите и композиторите кои сметаат дека занаетот им е загрозен. Овие технолошки пронајдоци во уметностите треба да се гледаат како можности, а не пречки. Да цитирам еден човек: “the times, they are a’changin” (се менуваат времињава). Иако можеби поминато е времето кога сме ја препознавале промената и можеби живееме во постојана фаза на промени. И можеби ова е поентата – иако АИ и комплексните алгоритми овозможуваат користење на крајно напредни алатки, ќе можат ли овие алатки некогаш вистински да го заменат човечкиот дух – тоа што е научно немерливо? За сега, личниот интимен квалитет на интеракцијата меѓу композиторот, музичарот и слушателот не може да се замени со ниеден апарат создаден од човекот. Важно е да се напомене и приврзаноста што човек ја чувствува кога ќе ја доживее интерактивната врска со предмет како инструмент или систем. Најпосле, технологијата и музичката уметност што ја сведочиме денес не би постоела без човечки создател.

извор: primephonic.com

 

ОкоБоли главаВицФото