Во Јапонија и натаму се молчи за силувањата

31.03.2018 14:52
Во Јапонија и натаму се молчи за силувањата

Беше петок навечер кога еден од најпознатите телевизиски новинари во Јапонија ја покани Шиори Ито на пијалак. Нејзиното стажирање во една медиумска куќа во Токио било при крај и таа се распрашувала за можноста да стажира во неговата телевизија.

Се сретнале во еден бар и потоа отишле на вечера. Последното на коешто се сеќавала, како што подоцна кажала во полиција, е дека ѝ било лошо и дека отишла во тоалетот каде што се онесвестила. На крајот на вечерта, тврди таа, тој ја однел во неговата хотелска соба и ја силувал додека била онесвестена.

Новинарот Норијуки Јамагучи, шеф на на вашингтонското биро на TBS и биограф на премиерот Шинзо Абе, ги демантираше обвинувањата и по истрагата, случајот е затворен и обвинувањата се прогласени за неосновани. Тогаш Шиори Ито одлучила да направи нешто што жените во Јапонија речиси никогаш не го прават: јавно да проговори.

На конференцијата за новинари, во мај минатата година и во книгата објавена во октомври 2017 година, таа раскажала дека полицијата ги набавила снимките од хотелските камери на кои се гледа како Јамагучи, онесвестена ја носи низ хотелското лоби. Полицијата го пронашла и го испитала таксистот кој потврдил дека била без свест. Полицијата соопштила дека ќе го уапси Јамагучи, но потоа одеднаш се повлекла. На некое друго место, нејзините обвинувања би предизвикале гнев кај јавноста.

Додека Америка ја тресат случаите на сексуално вознемирување во Капитол хил, Холивуд, Силиконската долина и некои од најголемите медиуми, во Јапонија случајот на Ито привлекол само површно внимание.
Нејзината сторија е добар пример дека сексуалното насилство останува тема која во Јапонија се избегнува.

Таму, ретко која жена пријавува силување, а и кога ќе го стори тоа, обвинетите речиси никогаш не се лишуваат од слобода или кривично се гонат.

На хартија, Јапонија може да се пофали со релативно ниска стапка на сексуални напади. Според истражувањето спроведено во 2014 година, една од 15 жени преживеала силување, додека во Америка секоја петта жена била силувана. Научниците предупредуваат дека Јапонките сексот без согласност многу ретко ќе го опишат како силување, што не е случај со жените на запад. Јапонските закони кои се занимаваат со проблемот на силувањето, не се занимаваат со согласноста, а силување на љубовен состанок им е туѓ концепт.

Наместо тоа, силувањето во манга стриповите и во порнографијата честопати е претставено како продолжување на сексуалното задоволство, во култура во која тој материјал многу често е важен сегмент од сексуалното образование.

Полицијата и судовите прилично тесно го дефинираат силувањето и работат само на случаите каде што постојат знаци на физичко напаѓање и самоодбрана, додека случаите кога жртвата или напаѓачот биле под дејство на алкохол едноставно не се истражуваат.

Дури и ако некој силувач биде осуден, често не оди во затвор, секој десетти добива условна казна.
„Активистите од многу скоро ја започнаа кампањата ‘Не значи Не’, вели Мира Миура, професорка по политички науки на Универзитетот во Токио. „Мислам дека тоа значи дека јапонските мажи го користат овој недостиг на свест за значењето на согласноста".

Од анкетираните жени кои пријавиле силување, според едно изтражување, повеќе од две третини потврдиле дека никогаш тоа не го кажале, дури ни пријател или член на семејството. И едвај 4 отсто рекле дека отишле во полиција. Наспроти овие податоци, во САД, околу една третина од силувањата се пријавени во полицијата.

„Предрасудите кон жените се длабоко вкоренети и сериозни. Луѓето не ја сфаќаат сериозно штетата што ја предизвикува сексуалното насилство“, вели Томое Јатагава, предавач на родови закони на Универзитетот Васеда.

28-годишната Шиори Ито поднела граѓанска тужба против 51 – годишниот Јамагучи. Тој демантира дека извршил силување. „Немаше никаков сексуален напад. Таа ноќ немаше никаква кривична активност“, изјавил Јамагучи.

Во 2016 година, јапонскиот парламент ги усвоил првите промени на законите кои се однесуваат на сексуални кривични дела, проширувајќи ја дефиницијата на силување на нален и орален секс и ги вклучи мажите како потенцијални жртви. Зголемена е и минималната казна за овој вид кривични дела. Но, во законот и натаму не се спомeнува согласноста и натаму судиите можат да даваат условни казни.

Обвинувањата против Јамагучи не влијале на неговата позиција во TBS, но минатата година тој поднел оставка под притисок на телевизиската мрежа заради еден спорен напис. И понатаму работи како новинар во Јапонија.

Книгата за нејзиниот случај, што минатата година ја објави Шиори Ито, доби многу малку внимание во мејнстрим медиумите.

Изоко Мочизуки, еден од ретките новинари што го истражуваа случајот на Ито, вели дека таа се соочува со отпор од страна на машките колеги во нејзината редакција, од кои некои ја отфрлиле приказната, бидејќи Ито веднаш по настанот не отишла во болница.

„Медиумите во Јапонија и досега не беа многу заинтересирани да зборуваат за сексуалните напади“, вели таа.

Шиори Ито, пак дека токму затоа сака да зборува.
„Сè уште чувствувам дека треба да бидам силна и да продолжам да зборувам, зошто што ова не е во ред".

 

Слики: Yung Cheng Lin

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото