Пијанистот за кој музиката е политичка

02.04.2018 02:18
Пијанистот за кој музиката е политичка

Беше 9 ноември 2016 година, еден ден откако Доналд Трамп беше избран за претседател на Соединетите америкнаски држави. Пијанистот Игор Левит излезе на сцената во Палатата на убавите уметности, арт деко убавица позната како Бозар, за да го свири Бетовен. Но, пред тоа сакаше нешто да каже.

Со тоа што кажа: „Заврши времето на останувањето во мојата зона на комфор“, 30 – годишниот Левит направи нешто што не би било невообичаено на други концерти, но е реткост на концертите на класична музика: директно ѝ се обратил на публиката и без колебање застанал на една страна од политичката контроверза.

„Најголемата економска сила на светот, вчера за свој претседател и врховен командант избра лицемер, опортунист, бесен и опасен човек“, рекол Левит во својот говор, го критикувал Брегзит и подемот на десницата во Франција и Германија. Неговиот говор предизвика контоверзи меѓу публиката, која го напаѓала или бранела.

„Мислам дека никој не треба да ја користи концертната сала како место за политички изјави“, неодамна изјавил. „Но тој ден за мене и за сите нас беше многу трауматичен: ноќта кога Трамп беше избран за претседател.“

Неговата потентна мешавина на уметност и политичка искреност доби ветер во грб на 3 јануари кога му беше доделена уметничката награда „Гилмор“, една од најпрестижните и најнеобичните награди во сферата на класичната музика. Се доделува на пијанистите секои четири години, а бидејќи не станува збор за натпревар, музичарите не ни знаат дека се во конкуренција.

Во денешно време не е лесно да се стане познат како концертен пијанист. Но, Леви успеа да се пробие благодарение на комбинацијата од неговата изведба и храброста, како што беше случајот во 2015 година кога соработувал со уметницата Марина Абрамовиќ, на извонредната поставка на варијациите „Голдберг“ од Бах во Њујорк. На неодамнешното снимање за „Сони класик“, смело отсвирел три сета варијации: „Годберзите„ од Бах, „Diabelise“ од Бетовен и композицијата од Фредерик Рзевски што ја сакаше чилеанската левица „Соединет народ никогаш нема да биде поразен“.

Левит е роден во Нижи Новогород, Русија. Мајка му била пијанистка, татко му бил инжинер. Семејстовото се преселило во Германија кога имал само осум години. Живееле во Хановер, каде што неговата мајка предава на факултетот за музичка уметност.

Левит секогаш сериозно му пристапувал на своето музицирање, но дури во последните години пронашол „некој вид внатрешна слобода“. Истовремено со развивањето на неговите политички уверувања, обликувани од свеста дека е еврејски имигрант.


Извор: The New York Times