Финалисти за наградата „Радослав Путар“ за 2018 година

02.04.2018 12:18
Финалисти за наградата „Радослав Путар“ за 2018 година

 

Уметниците Џилдо Бавчевиќ (Gildo Bavčević), Давор Коњикушиќ (Davor Konjikušić), Ана Кузманиќ (Ana Kuzmanić) и Кристина Мариќ (Kristina Marić), се избрани за финалето на наградата „Радослав Путар“ за 2018 година, што секоја година се доделува за најдобар млад ликовен уметник во Хрватска, и се состои од двомесечен резиденцијален престој во Њујорк и самостојна изложба во Загреб.

Изложбата на финалистите ќе биде отворена на 7 јуни во Музејот на модерна и современа уметност во Риека, каде што жирито, по индивидуални интервјуа со финалистите, ќе го/ја избере добитникот/чката на наградата „Путар“ за 2018 година, соопшти Институтот за современа уметност во Загреб, кој го организира доделувањето на оваа престижна награда.

Џилдо Бавчевиќ, Европа спие, 2017, видео

Финалистот Џилдо Бавчевиќ, роден во 1979 година во Сплит, е мултимедијален уметник (перформанс, видео, филм, уметнички акции, мултимедијални инсталации, аудио проекти, снимање и дизајн на звук), автор на бројни перформанси, видео перформанси, видео инсталации, кратки филмови, како и звук за три долгометражни филмови. Покрај самостојни изложби, активно учествува и на бројни групни изложби и фестивали во Хрватска и во странство. Член е на Хрватската заедница на самостојни уметници, Хрватското здружение на ликовни уметници во Сплит и Хрватската музичка унија. Живее и работи во Сплит.

Давор Коњикушиќ, Автопат, 2017, фото-колаж

Давор Коњикушиќ, роден во 1979 година во Зеница, дипломирал фотографија на Академијата за драмски уметности во Загреб, каде што ги завршил и додипломските студии по кинематографија и магистрирал фотографија. Во своите дела тој ја користи фотографијата како примарен медиум за артикулирање на уметничкиот концепт, истражувајќи ги односите помеѓу јавното и приватното, интимното и и социо-политичкото. Во својата уметничка практика, Коњикушиќ ја комбинира фотографијата со текст, архиви, најдени објекти и видео. Се интересира за улогата на фотографскиот медиум во воспоставувањето односи на моќ и контрола. Живее и работи во Загреб.


Ана Кузманиќ, Поздрави од најубавиот град на светот, 2017, инсталација

Ана Кузманиќ, родена во 1980 година во Сплит, завршила постдипломски студии на уметноста на Колеџот за уметност во Единбург, а претходно се здобива со звање академски сликар на Академијата за ликовни уметности во Загреб. Нејзината работа се фокусира на теми инспирирани од секојдневниот живот и е обележана со различните општествени улоги во него. Преку уметноста ги испитува односите и го бара потенцијалот за промена. Како метод на истражување и како алатка за афирмација, го користи дијалогот на можните учесници и општествените односи, како и за симулација на поинакви стварности.


Кристина Мариќ, Дуел, 2016, интерактивна компјутерска инсталација

Кристина Мариќ, родена во 1990 година во Ѓаково, дипломирала во 2015 година на Ликовната академија во Осиек, а во 2013 година била на уметничка резиденција Art Quarter Budapest во Будимпешта. Членува во Хрватското друштво на ликовните уметници Осиек. Во 2017 година ја има освоено наградата Red Carpet Art за млади уметници. Работи како асистент на Катедрата за медиумска култура на Одделот за културни студии на Универзитетот Јосип Јурај Штросмаер во Осиек, како и на Уметничката академија во Осиек, на Одделот за ликовни уметности.

Добитникот на наградата, освен престојот во Residency Unlimited, добива и самостојна изложба во Институтот за современа уметност во Загреб, како и место во жирито за наградата „Радослав Путар“ за 2019 година.

Оваа година стручното жири се состои од уметникот Матеј Кнежевиќ (Matej Knežević), добитник на „Радослав Путар“ за 2017 година, кураторката Ирена Бориќ (Irena Borić) од Марибор/Загреб, избрани врз основа на отворен повик за членови на жирито до 40-годишна возраст, потоа уметникот и директор на Галерија P74 во Љубљана, Тадеј Погачар (Tadej Pogačar), кураторката од Музејот на ликовни уметности во Осиек, Валентина Радош (Valentina Radoš), како и кураторот на Галеријата Galženica во Велика Горица, Клаудио Шетфанчиќ (Klaudio Štefančić).

Наградата „Радослав Путар“ се доделува од 2002 година и е дел од меѓународната мрежа YVAA (Young Visual Artists Awards).


По првите 15 години, во конкуренцијата за наградата „Радослав Путар“ воведени се неколку новитети, па сега добитникот има продолжен, двомесечен престој во Њујорк, во организација на Residency Unlimited, а подигната е и старосната граница за учесниците, и можат да се пријават сите уметници до 40 години. Работилниците за заинтересираните кандидати се одржаз и годинава во дури пет термини во Загреб, како и он-лајн за кандидати надвор од Загреб, а оваа година беше отворен и повик за едно место за членство во жирито - за куратори до 40-годишна возраст.

Во соработка со Институтот за современа уметност во Загреб, беа објавени и две книги со текстови „Radoslav Putar: Kritike, studije i zapisi 1961-1987“.

Наградата „Радослав Путар“ ја востанови Институтот за современа уметност во соработка со своите партнери.

Конкурсот и доделувањето на наградата оваа година се овозможени од страна на Канцеларијата за образование, култура и спорт на градот Загреб, Хрватското Министерство за култура, Одделението за култура на Град Риека, како и Trust For Mutual Understanding во Њујорк и Институтот за современа уметност во Загреб, во соработка со ММСУ во Риека и Residency Unlimited во Њујорк.

Фотографии: веб-страници на уметниците
Извор: SEE.cult.org

 

Слични содржини

Европа / Балкан / Уметност
Балкан / Уметност
Балкан / Уметност / Карикатури
Јавни простори / Балкан / Уметност
Балкан / Уметност / Филм / Око

ОкоБоли главаВицФото