Пет минути слава за корнишон поетот

02.04.2018 18:07
Пет минути слава за корнишон поетот

 Скандалот почна откако на фејсбук беше објавена принтскрин слика од „стиховите“ на (сега знаеме) Aлександар Блажевски од село Јанковец, Ресенско преполни со сексизам и албанофобија како дел од песните од збирката поезија „Млади поети“, публикација издадена од Агенцијата за млади и спорт. Социјалните мрежи зовреа. 

„Поетот“ има 41 година и поради возраста не одговарал на критериумите на конкурсот на кој возрасната граница била 29 години, па му рекол (или само го известил) на својот сограѓанин Даниел Пиљаковски дека ќе учества под негово име... Публикацијата е испечатена во мега тираж од 5000 примероци, многу невообичаен за дебитантска поезија, всушност за каква било поезија, и проза. Се делел со весникот „Нова Македонија“. И медиумите овој викенд експресно реагираа, го најдоа Пиљаровски кој е потпишан на повраќаниците, но само за да каже дека тој не е нивен автор, бидејќи „не знае два збора да сврзе“.

„Ниту пишувам поезија, ниту знам два збора да сврзам. Човекот што аплицирал во мое име го сторил тоа бидејќи во конкурсот имало ограничување на возраста. Пред неколку месеци само ме извести дека ќе објавува песни, но не знаев ни какви песни ниту за што станува збор. Не знаев ниту дека станува збор за конкурс од државна институција, ниту дека ќе се издава книга. Кога го видов моето име по медиумите, навистина се збунив, особено кога ги прочитав песните кои се полни со говор на омраза“, вели Даниел Пиљаковски.

Вистинскиот „поет“ е Блажевски, кој во своите изјави по медиумите се жали дека не можел да ги издаде своите песни зашто само со врски одело...сега може да се соочи со тужба за лажно претставување (иако тој – о, жална Македонијо - се споредува со Рацин) и уште поважно, треба да одговара за ширење на говор на омраза.

А содржината? Говор на омраза, дискриминација, сексизам. Дали е потребна натамошна анализа на песните „Партиски вработена“ и „Моите соседи“?

„Пушела кај координаторот“…„Му го дркала на директорот“. „Велат дека го примила корнишонот на премиерот!“ Корнишонот?! (од песната „Партиски вработена“)

И делови од втората песна „Моите соседи“:

„Агим е шофер, Бурим е шнајдер, Ветон е швајсер, Дардан е шверцер…“. Што сака да каже поетот?

„Начинот на кој се конструира машкоста во мнозинските заедници – мажите од мнозинските заедници се воспитувани дека (под услов да ги исполнат социјалните и академски очекувања) „ним им следува“ вработување/статус и жена како трофеј, па ако во животот не го добијат „следувањето“, секако дека виновни се „другите“ (Албанците – забележливо е како Албанците се само мажи во „поезијата“ и жените, што секако се, нели курви). Како дополнување, и мажите од малцинските заедници се воспитуваат дека им следува жена како трофеј, но исто им се пренесува порака дека за статус надвор од својата група ќе биде потешко да се изборат.

Конечно, она што отворено го кажува стихотворбичката многумина кај нас во себе го мислат, иако не би се осмелиле да го кажат надвор од затворени, блиски кругови, што барем покажува дека формално сме развиле свест и препознаваме дискриминација.

За крај, многу ми е мило што во Македонија многу е полесно да ти објават повраќаници во збирка со тираж од 5000 и така да се добијат петте минути национална слава, отколку што е да се купи полуавтоматско оружје“, анализира за Окно Ана Василева, активистка за женски права.

Корнишон поетот си ги доживеа своите 5 минути слава и треба да се соочи со последиците од содржината на тоа што го напишал под туѓо име.

Директорот на Агенцијата за млади спорт Дарко Каевски рече дека примероците на збирката се повлечени и дека ќе ја надоместат штетата, а дополнително ќе се утврдува одговорноста за овој пропуст. Но оставка не дава.

„Како директор чувствувам морална одговорност, но уште повеќе професионална одговорност да се расветли случајот и точно да се детектира вината. Како уредник сум потпишан на изданието бидејќи и во изминатите четири конкурси директорот бил тој што по функција е уредник на таа збирка“, рече Каевски на прес-конференција.

Медиумите ова го окарактеризираа како невиден резил.

„Агенцијата за спорт и млади финансирала збирка поезија со скандалозна содржина, директорот Дарко Каевски се потпишал како уредник, а сега тврдат дека не знаеле за содржината. Кај си играат директори, децава си играат и уредници...“

Тој вели дека немал увид во содржината и дека не знаел какви песни ќе бидат објавени. Според него, за селектирањето на содржината била одговорна комисијата во состав: претседател Јовица Ивановски и членови Николина Андова Шопова и Тихомир Јанчовски. Каевски вели дека комисијата, освен што ги избрала трите песни за награда, требало во извештајот да ги изнесе сите забелешки, но таму пишувало дека немаат забелешки.

Членовите на комисијата, во медиумите и на своите фејсбук профили одлучно негираат дека имале каква било врска со изборот на песни во книгата.

„Изземањето од одговорност на сите формални структури и поединц(к)и врзани со уредувањето на збирката што впрочем е огледало и на нашиот колективен став кон јавните, заеднички добра, и преземање одговорност во редовни, а и кризни состојби – „не е моја работа“, никој/а не е виновен и истовремено сите се виновни, а бродот си тоне. Уште поилустративен е позајмениот идентитет – до толку се нема свест за одговорност“, вели Василева.

Како ќе заврши оваа траги-комедија на апсурдот, со многу сериозни елементи?

„За некого можеби ова е минорен случај, за некого ќе служи за потсмев, но мене лично ми отвора низа прашања за начинот на кој функционираат нашите подзаборавени институции, низ кои може да се протне буквално сè, од криминал, до поезија. Агенцијата за млади и спорт е една од тие институции, секогаш оставена во рацете на некој што сега станал полнолетен, само затоа што во зборот го содржи „млади“.

Поезијата во случајов ни ја долови дупката низ која можеш да се протнеш поради отсуство на процедури, отстуство на стандарди и пред се отсуство на контрола, поради луѓе кои од школска клупа седнуваат во директорско столче. И додека е вака, ќе читаме грда поезија со кинески тираж, ќе гледаме како се фрлаат народни пари, понекогаш ќе се смееме, понекогаш ќе истражуваме, понекогаш ќе се буниме, понекогаш и ќе снемуваме волја, но никогаш нема да се исправиме, додека институциите не се исправат. Блажевски ни е само мал пример за сето ова“, го резимира случајот новинарката Мери Јордановска на својот фб профил.

 


 

Слични содржини

Општество / Култура / Настан
Општество / Фотографија / Култура / Уметност
Култура / Настан
Општество / Активизам / Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото