Кенија го укинува ритуалното обрежување на девојките

03.04.2018 00:15
Кенија го укинува ритуалното обрежување на девојките

Кога прв пат стигнала сезоната на обрежувањеза нив, Наис Ленг’ете и нејзината постара сестра побегнале и цела ноќ ја поминале криејќи се на едно дрво. Вториот пат нејзината сестра одбила да се крие. За Масаи семејствата обрежувањето е церемонија која ја симболизира трансформацијата од девојче во жена и ги означува девојките како потенцијални невести.

Но, за осумгодишната Наис сето тоа повеќе личело на закана: постарите жени ќе ја држат и ќе ѝ го исечат клиторисот. Многу ќе крвари, повеќето девојчиња се онесвестуваат, а некои и умреле. Па сепак, нејзината сестра се согласила.

„Се обидов да ја убедам да побегнеме за да сочуваме нешто вредно. Но, не можев да ѝ помогнам“, се потсетува сега 27- годишната Ленг’ете.

Таа никогаш не го заборавила страдањето на нејзината постара сестра и како што растела сè повеќе била убедена дека мора да ги заштити другите Масаи девојчиња. Таа покренала програма со кој оди од село во село, заедно со постарите и други девојки за да иницира поинаков ритуал на созревање и премин во моминство кој не вклучува обрежување на девојчињата. За седум години им помогнала на 15 000 девојчиња да го избегнат обрежувањето.

Нејзината активност и работењето на ова поле е во склад со националните, но и светските трендови. Во последните 30 години, стапката на обрежување на жените е помала за 30 отсто. Во Кенија таа стапка е двојно повисока. Во 211 година, Кенија забрани сечење на женските гениталии, а во 2104 година била формирана специјална единици која ги истражува ритуалните обрежувања.

Меѓутоа, законите донесени во главниот град, немаат многу влијние по селата.
Во земјата на Масаите, обичаите ги наметнуваат старешините, а обрежувањето е еден од најважните ритуали. Се верува дека жената не е жена ако не е иечена, што значи дека мажите не можат да се оженат со неа.

Кристин Нанјала, која ја води единицата што ги истражува обрежувањата вели: „Некои мажи од руралните средини нè прашуваат: Како да ја викаме жената што е возразна, омажена и има деца, а не е обрежана. Тие немаат име за таква жена“.

„Во селото имаат погрдно име за мене, тоа е многу лош збор во нашиот локален јазик и значи срам за целото семејство“, кажува Наис Ленг’ете.

Токму тој срам ги терал семејствата да ги обрежуваат своите ќерки и внуки на возраст од 8 или 9 години.
Дедото и старателот на Наис Ленг’ете, по нејзиното второ бегство од обрежување побарал да му ги објасни нејзините причини. Таа му кажала дека нема да се обрежува и по цена да биде бездомничка. „Кога сфати дека сакам засекогаш да побегнам од него, тој рече: Ќе ја оставиме на мир, кога ќе сака, ќе ни каже“, се сеќава таа.
Нејзиниот дедо бил старешина, па неговиот збор бил закон.

Но, заедницата ја отфрлила. „Семејствата не им дозволуваа на своите ќерки да се играат со мене“, вели Ленг’ете.
По обрежувањето, на 12-годишна возраст нејзината сестра била отпишана од училиште и се омажила за постар маж кој бил силеџија. Родила три деца на многу млада возраст.

Ленг’ете била прва девојка од нејзиното село која отишла во средно училиште и забележала дека помладите Масаи девојки ѝ се восхитуваат на нејзината униформа. Им кажала дека имала можност да избира затоа што не дала да ѝ ги исечат гениталиите и набрзо некои од тие девојки решиле да се скријат во нејзината куќа за да ја одбегнат церемонијата на обрежувањето.
Заради тоа што им помогнала, повторно морала да се крие. „Тие сакаа да ме тепаат“, раскажува таа мислејќи на помладите мажи од селото. Потоа го променила пристапот.

Се ценкала со постарите. Традиционално, на жените не им е дозволено да им се обраќаат на старешините. Наис Ленг’ете сфатила дека има шанса кога ја испратиле на работилница за сексуално здравје на адлесцентите. Им рекла на старешините дека со нив ќе сподели сè што ќе научи таму. Тие ѝ дозволиле да им се обраќа на момчињата, но ниту едно не сакало да ја сослуша.

Толку била упорна што на крај старците им наредиле на помладите момчиња да седат со неа и да ја слушаат, но само тројца мажи се согласиле да разговараат со неа. Со тек на време, нивниот број се зголемил како и бројот на темите за разговор: од превенција од ХИВ, тинејџерските бремености, прераното стапување во брак, и конечно обрежувањето на девојчињата.

По четири години убедување и разговори, старешините се согласиле да го напуштат ритуалното обрежување и заедно со Ленг’ете испланирале поинаква церемонија за девојките.

Следната година бројот на девојчиња во училиштата драстично се зголемил. Нејзината кампања се проширила и во соседните села и конечно стигнала до седиштето на моќта кај Масаите, собранието на старци, кое се состанува во подножјето на планината Килиминџаро. Наис Ленг’ете била првата Масаи жена што му се обратила на ова собрание.

Во 2014 година, Кенија го променила уставот кој важи за повеќе од милион и половина Масаи што живеат во оваа држава и во Танзанија и тие се откажаа од обрежувањето.

„Обрежувањето беше погрешно“, вели Ленг’ете. „Сите други работи како благословите, облекувањето на традиционалните носии, танцувањето...сето тоа е многу убаво. Но, сè што е лошо, што носи болка, што им ги ускратува соништата на нашите девојки – тоа мора да го отфрлиме“.

 

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото