Четири и пол, пред неколку дена

03.04.2018 14:08
Четири и пол, пред неколку дена

Се запали зелено светло за пешаците. Сите ја заобиколивме разнесената утроба на кучето во широк лак.

Четири и пол. Невидена гужва низ градот. На раскрсницата кај поранешна НИП Нова Македонија, многумина нестрпливо чекаме на семафорите. На пешачкиот премин кон ЕУ Инфо центарот – прегазено куче со разнесена утроба. Некој го прегазил, а потоа коли и коли преминувале преку него.

Глетката е одвратна. Сите ги иставаме погледите, преправајќи се дека не забележуваме. Се џариме во семафорот небаре животот ни зависи од тоа дали е црвено или зелено. Ни се сретнаа погледите со неколку луѓе и кај сите нив го препознав оној израз на бегство од вистината, она слепило и ушушкување во лична незасегнатост, а сепак натоварена со најсмели и најрадикални претпоставки. Како што мене ме гледаа комшиите пред десетина години... Возев точак интензивно и еднаш толку лошо паднав што десната половина од лицето ми беше во отоци, модринки и струпчиња со денови и денови. Никој не ме прашуваше што ми е.

Комшиите избегнуваа да зборуваат со мене во лифт, ги вртеа погледите, врзуваа патики, мешаа по чантите, не барајќи ништо, само да не ме погледнат в лице. Не сфаќав зошто се преправаат дека не забележуваат. Потоа маж ми ми рече дека комшиите чудно се однесувале и со него и сфатив. Тие мислеле дека тој ме претепал. (Моите чудесни комшии со кои заедно остаревме во истата зграда, во истиот лифт.) И, нормално, не сакаат да ме погледнат в очи, да не им ја видам претпоставката, да не им видам дека би помислиле сѐ, ама не би презеле ништо дури и кога би било така, дури и кога би виделе како маж убива жена пред нив. Единствениот човек што со широко загрижени очи ме праша: Леле, Оливера, што ти се случило, беше Ненад од Или-Или, пред воопшто и да влезам во книжарницата.

Се запали зелено светло за пешаците. Сите ја заобиколивме разнесената утроба на кучето во широк лак. Не знам што треба да се направи во вакви ситуации, ама знам дека е прашање на ден кога на пешачки ќе има прегазен човек и дека и неговата утроба ќе ја разнесуваат колите што ќе поминуваат преку него, а сите ние ќе чекаме да се запали семафорот за да си ги продолжиме своите ништожни животи.

Слика: Masha Gusova

ОкоБоли главаВицФото