Ментално патување низ времето

04.04.2018 02:25
Ментално патување низ времето

Се смета дека времето не е апсолутен концепт, туку предмет на перспектива на набљудувачот. Во рамки на студиите за времето се смета дека туѓото доживување на времето не може целосно да се разбере, но постојат начини научно и нумерички да се измери.

Менталното „патување низ времето“ подразбира можност за присетување на сопственото минато и замислување на сопствената иднина, но невралните механизми кои се во основата на овој феномен, па и воопшто доживувањето на времето, не се до крај разјаснети.

Постојат настани во нашите животи кои ни се чинат како да се случиле одамна, а постојат и оние што се случиле во исто време, а сепак ги доживуваме како да се случиле – вчера. Се претпоставува дека карактеристиките на настанот, вклучувајќи го и тоа колку е значаен, емотивен, но и колку навистина е временски далеку – влијаат на нашето поимање на тоа кога се случил одреден настан.

Една студија се занимавала со тоа како луѓето го концептуализираат временскиот период помеѓу „сега“ и одредени настани. Основната хипотеза била тоа што бројот други настани помеѓу целниот настан и сегашниот момент влијае на нашата перцепција на времето. Студентите ги испитувале за тоа како се сеќаваат на денот кога ја добиле веста дека се запишани на факултет или го положиле приемниот.

Од една група студенти било побарано да се сетат на конкретен настан кој бил предизвикан од запишувањето на факултет – на пример, земањето пари за школарина или купувањето маица со лого од колеџот, додека од друга група било побарано да се сети на четири такви настани. Потоа, од сите нив било побарано да проценат колку време поминало откако ја добиле веста дека се примени, но не се работело за прашањето за проценка на реалното време, каде точниот одговор би гласел, на пример, 19 месеци или нешто слично. Прашањето се однесувало на проценката колку време им се чини дека поминало, на скалата која имала неколку степени од се чини многу далеку до се чини мошне блиску.

Резултатите покажале дека студентите добиле писма речиси во исто време, но нивното субјективно чувство било поинакво. Очекувано, оние кои се присетиле на четири настани оцениле дека поминало повеќе време отколку оние кои се присетиле само на еден настан. Немало разлики кај луѓето кои се присетувале на неповрзани настани, на пример, вести. Значи, за да влијаат на проценката на времето, настаните морало да бидат поврзани. Резултатите биле значајни дури и кога останатите фактори биле држени под контрола, како на пример колку емотивен бил моментот на добивање потврда за прием.

Перцепцијата на времето е поврзана со тоа како се однесуваме спрема животот и иднината. Да речеме, фокусирањето на трауматското искуство придонесува за полошо разбирање на моменталните околности на личноста. Временската дезинтеграција во момент на траума, во која сегашниот момент станува изолиран од континуитетот на времето и просторот, подоцна придонесува за таканаречена „временска ориентација на минатото“. Некои истражувања исто така покажуваат дека депресијата влијае на нашето доживување на времето, во смисла на таканаречениот ефект на депресивен реализам кој подразбира дека луѓето кои страдаат од депресија ги перцепираат нештата, па и концептите како што е времето, на пореалистичен начин од луѓето кои го немаат овој проблем.

Од друга страна, не е јасно дали доживувањето на времето дури и кај една личност е единствено, или се работи за одвоени неврални механизми кои под одредени околности можат да се раздвојат. Стетсон и соработниците се занимавале со лаичката претпоставка дека „кога сме во опасност, времето застанува“, и дошле до наод дека испитаниците навистина го проценувале временското траење на слободниот пад на висина од 31 метар за 35 проценти подолго отколку што тој навистина траел. Меѓутоа, наодот од истражувањето покажува дека субјективното доживување на испитаниците дека застрашувачкиот настан траел бескрајно долго не е последица на нивната перцепција на времето, туку на сеќавањето на испитаниците. Впрочем, сеќавањето на настанот прави да се чувствуваме дека тој траел подолго отколку што тоа навистина е случај. Авторите ова го објаснуваат преку вклученоста на амигдалата во процесирањето на емотивното доживување кое бара многу, вклучувајќи ги и оние настани што нè плашат, а не со дисторзиите во доживувањето на времето.

Токму заради ова, во последно време, во студиите се комбинираат различни техники како електрофизиологијата, психофизичките мерења, ЕЕГ и функционалната магнетна резонанца. Значи, времето останува мистерија, но науката не престанува да се обидува да го сфати – најпосле, важно е да разбереме нечија перцепција на времето за да го сфатиме самиот човек.

_________________

Zauberman, G. et al. (2010). 1995 Feels So Close Yet So Far: The Effect of Event Markers on Subjective Feelings of Elapsed Time. Psychological Science, 2(1).
Holman, E.A. & Silver, R.C. (1998). Getting „stuck“ in the past: temporal orientation and coping with trauma. Journal of Personality and Social Psychology, 74(5).
Kornbrot, D.E. et al. (2013). Time Perception and Depressive Realism: Judgment Type, Psychophysical Functions and Bias. PLOS One.
Stetson, C. et al. (2007). Does Time Really Slow Down during a Frightening Event?PLOS One.
Eagleman, D.M. et al. (2005). Time and the Brain: How Subjective Time Relates to Neural Time. The Journal of Neuroscience, 25(45).

Извор: https://psihobrlog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото