Невидливи места на женската историја

05.04.2018 12:27
Невидливи места на женската историја

Кога на крајот на 2016 година актуелната хрватска Влада ја најави претстојната ратификација на Истанбулската конвенција, во јули минатата година на јавна расправа го испрати и Законот за ратификација, започна мобилизација на активисти од неоконзервативни организации, а потоа и на самите политичари од владејачката партија, со цел да се запре ратификацијата на документот со кој во хрватското општество, наводно, се воведува „родова идеологија“. Така, под притисокот од клерикално-конзервативните струи опсесивното занимавање со прашањата на родот и полот во непостоечките конструкти од маргините на општеството се прелеа во официјалната политика, а на параноичниот дискурс се приклучи и Научниот совет за образование и наука на ХАЗУ со изјава во која се вели дека „очигледно е дека делови од Конвенцијата се темелат на родова идеологија“, која за воспитно-образовниот систем на Република Хрватска ја сметаат за неприфатлива.

На таквите манипулативни и неуки толкувања на Конвенцијата, но и на родовата теорија и терминологија во отворено писмо предупредија членките на Центарот за женски студии во Загреб и Ријека, а Хрватското социолошко друштво во својата реакција укажува дека членовите на највисоката хрватска научна институција треба да знаат дека поимот род, освен во постоечкото хрватско законодавство, исто така, е вкоренет и во областа на општествените и хуманистичките науки. Освен негирањето на научните достигнувања на родовите студии, академиците во својата изјава констатираат и дека „хрватскиот воспитно-образовен систем се темели на хрватската и средноевропска образовна традиција, со што се зачувува идентитетот на хрватскиот народ, земја и култура“, така зацврстувајќи уште една фиксација - онаа за бегството на Хрватска од Балканот.

Токму со поимите род и Балкан, секој на свој начин проблематичен и идеолошки неподобен, во својата студија се занимаваа Марина Матешиќ и Светлана Слапшак (Marina Matešić i Svetlana Slapšak), понудувајќи некои нови теориски предлози во нивното истражување. Книгата „Родот и Балканот“ (Rod i Balkan, Durieux, 2017), претставена минатата недела во Центарот за женски студии во Загреб, е резултат на заеднички авторски потфат и продолжување на архивските истражувања на докторантката Матешиќ, надополнети со менторските коментари и анализи на Светлана Слапшак. Како што на промоцијата истакна Рената Јамбошиќ Кирин, не станува збор за класичен однос ментор-докторант, туку за „вистинска феминистичка размена на знаење" што отвора простор за нови читања и теориски инпут.

Основата на студијата ја сочинува анализата на историските пракси на прикаување на Балканот во делата на мажи патници и на нив спротивставените патеписи кои во текот на 18-тиот и 19-тиот век ги објавувале патничките - авантуристки, активистки, филантропки од Запад, кои пократок или подолг временски период престојувале во балканските градови или села. Иако жените патеписци пред себе го имале „машката патека за откривање на Истокот“, нивните искуства биле поинакви - првенствено поради можноста да навлезат подлабоко во домаќинството и интимата на Истокот, во женските и семејни подрачја, каде што машките патници немале пристап. Секако, важни се и сопствените (родови) искуства на писателните, кои им овозможиле животот на жените во Истокот да го доживеат преку објективот на сопствените искуства на угнетување, а претворајќи ги своите искуства во записи, го кршее и поимањето на патеписната литература како машки канон.

Но, во подробната анализа на патеписите на Мери Вортли Монтeгју (Mary Wortley Montagu), Емили Странгфорд (Emily Strangford), Дора д'Истрија (Dorа d’Istriа), Јелена Димитријевиќ (Jelene Dimitrijević), Марија Карлова (Maria F. Karlovа), Паулина Ирби (Paulina Irby) и Џорџина Мекензи (Georgina Mackenzie), авторките укажуваат на тоа дека нивниот поглед, иако е делумно и маргинално субверзивен, Истокот и понатаму гледа преку својот потчинет однос кон Западот. Интерпретирајќи ги допирните точки и разидувањата кај патеписите, авторките истакнуваат дека токму меѓуодносот помеѓу родот и културата значително го одредува есенцијалистичкото разбирање на Балканот како европскиот „неосвестен друг“. Теорискиот предлог за анализа на тој поглед авторките пронаоѓаат во крипто-колонијализмот, термин кој потекнува од Мајкл Херцфелд (Michael Herzfeld), а означува нов начин на читање на просторот на Истокот, како своевидна тампон зона помеѓу колонизираните и уште нескротеното, но во подготовка за колонизација.

За епистемолошката продукција на знаење за Другата, како клучна се покажува улогата на женските практики на гостопримство. Како што посочува Слапшак, овде гостопримството не означува само културна практика, туку „заедништво во одрекувањето од патријархатот“. Поради тоа, во него препознава и изразен бунтовен набој што се сотои во „пронаоѓањето на ниши“, односно порозните места на патријархалните структури. Сепак, во приказот на овие односи авторките ги откриваат дискурзивните механизми во кои не-западните жени најчесто се претставени како безгласни субјекти чие пасивно постоење, всушност, служи за еманципација на западните жени. „Пишувајќи за Истокот и нудејќи и на локалната и глобалната публика стереотипни слики на дивјаци и разбојници, односно субмисивните балкански жени кои тивко страдаат, многу авторки ја остварувале споствената еманципација во рамки на клубовите традиционално затворени за жени“, велат Матешиќ и Слапшак. Потенцирајќи ги империјалистичките елементи на на женскиот поглед, според зборовите на Билјана Кашиќ, авторките го позиционираат „домашниот“ наспроти западниот феминизам, па ги разоткриваат во него присутните хиерархиски модели на моќта. Така одат „надвор од каноните и кодовите воведени од постколонијалните и деколонијаните теории“.

На самиот крај на книгата, наместо семантички испразнетиот „род“ се предлага воведување на поимот „сој“. „Што се однесува на 'родот', терминот опасно се приближи до националистичките, па дури и еугенички конотации, а во јавниот дискурс толку се маскулинизираше, што повеќе нема вистински вредности за феминизмот. Треба да се смисли термин кој во многу поголема мера и политички поизразено ќе го покрива подрачјето на родовите, барем онолку политички напнато како што тоа некогаш го правеше полот“. Иако турцизмот „сој“ со припадноста на некоја одредена група претпоставува и мултиполовост, и како таков отвора простор за некои нови теоретски пробиви, општествениот контекст во кој се зборува за полот, како што можеме да видиме од воведот, е далеку од политичка неоптовареност за да се откажеме од него.

Како што заклучува Кашиќ, „Родот и Балканот истовремено функционира и како теориско-критички диптих што од една страна донесува низа конкретни женски книжено-патеписни антрополошки и историски примери, додека од друга страна нуди имагинативни, духовити, возбудливи епистемолошки предлози за тоа како да се растресе структурата на моќ која се крие зад произведувањето на официјалното или телеолошкото знаење и со него сраснатата култура на претставувањето“. Дека станува збор за канонска студија во областа на истражувањеето на балканизмот се согласија сите говорнички, со унисона желба за превод на текстот на некои од големите европски јазици, со цел да се зголеми корпусот на феминистичкото знаење и да би се одржуала женската култура на преведувањето.

Извор: kulturpunkt.hr

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Теорија
Општество / Балкан / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото