Фрагменти на љубовниот говор (5)

05.04.2018 14:38
Фрагменти на љубовниот говор (5)

HABIT / ОБЛЕКА

Секој афект побуден или зајакнат со облеката што субјектот ја носел за време на љубовната средба, или ја носи со намера да го заведе саканиот објект.

Синиот фрак и жолтиот елек

1.
Поради претстојната средба ‒ која ја очекувам со восхит ‒ се облекувам многу внимателно, грижливо ѝ се посветувам на тоалетата. Овој збор има само дражесни значења; настрана неговата скатолошка употреба, тој исто така ги означува „подготовките на кои осуденикот на смрт им се потчинува пред да го одведат на губилиште“; или, пак, ја означува „проѕирната и масна мембрана со која месарите прекриваат одредени парчиња месо“. Како да е, на крајот на секоја тоалета, запишано во возбудата што ја буди, секогаш некакво усмртено, миропомазано, сјајно тело, украсено небаре жртва. Облекувајќи се, го разубавувам она што, со желбата, ќе се расипе.

2.
Сократ: „Се украсив, значи, за да бидам убав кога одам кај убав младич“. Морам да бидам налик на оној што го сакам. Јас тежнеам (и во тоа уживам) во суштинското поклопување меѓу другиот и себеси. Слика, имитирање: работам колку што е можно повеќе работи како другиот. Сакам да сум другиот, сакам другиот да е јас, како да сме соединети, затворени во иста кожена вреќа, додека фустаните се само глатка обвивка на таа слепена материја од која е направено моето љубовно Имагинарно.

3.
Вертер: „Многу ми требаше додека се решив да го симнам својот едноставен син фрак, во кој прв пат играв со Лота; беше веќе премногу неугледен. А дадов да ми направат друг, ист како претходниот...“ Во таа облека (син фрак и жолт елек) Вертер сака да биде покопан, а ги има врз себе и кога, на умирање, го наоѓаат во неговата соба. Секој пат кога ја носи таа облека (во која ќе умре) Вертер се камуфлира. Во што? Во маѓепсан заљубен: магиски ја повторува епизодата на маѓепсаноста, моментот кога прв пат го скаменила Сликата. Тоа сино одело толку ефективно го лишува од слободата што светот околу него исчезнува: само ние двајцата: со тоа одело Вертер себе си создава детско тело во кое се здружени фалусот и мајката, без ништо друго надвор од тоа*. Тој перверзен костим ширум Европа го носеа обожавателите на романот, и беше познат како „вертеровскиот костим“.

ETREINTE / ПРЕГРАТКА

Гестот на љубовна прегратка како за момент да го исполнува субјектовиот сон за потполно соединување со саканото суштество.

„Во благиот мир на твојата прегратка“

1.
Освен коитусот (а тогаш, по ѓаволите и Имагинарното), постои и онаа друга прегратка, која е неподвижна испреплетеност: очарани сме, маѓепсани: во сон сме, а не спиеме; во сласното сме, детинско, во успивањето: тоа е момент за раскажување приказни, момент на гласот кој ме приковува, скаменува, та е враќање кон мајката („Во благиот мир на твојата прегратка“, вели една песна на музика од Дипарк). Во тој обновен инцест сè се укинува: времето, законот, забраната: ништо не се исцрпува, ништо не се сака: сите желби се укинати, оти се чини дека се конечно исполнети.

2.
*Среде детинската прегратка неминовно избива гениталното; тоа нагло ја прекинува дифузната сетилност на инцестуозната прегратка; проработила логиката на желбата, се враќа желбата за поседување, возрасниот со телото го прекрива детето. Во мене тогаш има два субјекта истовремено: ги сакам мајчинството и гениталноста. (Заљубениот би можел да се дефинира: дете со ерекција: таков бил младиот Ерос.)

3.
Моментот на афирмација; тој за некое време е завршен, попречен, нешто вродило со успех: бев исполнет (сите мои желби се укинати со полнотијата на нивното задоволување): исполнетоста постои, и јас и понатаму ќе настојувам да ја вратам: низ сите меандри на љубовната приказна, ќе истрајувам во своето сакање повторно да ја пронајдам, обновам контрадикцијата ‒ контракцијата ‒ на две прегратки.


Слики: Alberto Gálvez
Избор и превод: П. В.
Barthes Roland, Fragments d'un discours amoureux, 1977.
 

ОкоБоли главаВицФото