Од кокаин до модафинил: Сите митови за супермозокот

06.04.2018 03:15
Од кокаин до модафинил: Сите митови за супермозокот

Кога главниот лик во филмот „Limitless“ Еди Мора ќе проголта НЗТ пилула, тој не станува Супермен, но успева да достигне 100 проценти од капацитетот на својот мозок.

За разлика од флуоресцентната сина пилула од филмот „Луси“, фиктивната супстанца НЗТ не доведува до телепатски или телекинетички моќи, ниту до конечна дематеријализација. Впрочем, НЗТ е некако повеќе базиран на реалноста, нема надчовечки супермоќи, едноставно му дава пристап на секој дел од мозокот на Еди и неговите функции ги зголемува на максимум.

Кога ќе ја испие пилулата, Еди добива пристап до сето она што некогаш го прочитал, видел или слушнал (зашто сето тоа некаде е складирано во нашиот мозок, само немаме пристап). Тој ги обработува и ги користи информациите многу побрзо од порано – пишувањето книга го завршува практично за еден ден, филмовите за Брус Ли од детството му помагаат да се бори како вистински мајстор за боречки вештини, успева да ја излаже соседката присетувајќи се на книгата по филозофија со која се сретнал на колеџ, а благодарение на неверојатните аналитички вештини манипулира со берзата и станува милионер.

Да се разбереме, секако дека во реалноста не постои никаква магична пилула која ги следи ефектите на НЗТ. Меѓутоа, тенденцијата да се засилат човечките потенцијали постои од памтивек и е дел од безбројните митови и легенди. Во различни историски периоди различни супстанци се претставувале како засилувачи на мозочните функции. На пример, кокаинот е првата фармацевтска супстанца која се промовирала како „когнитивен засилувач“. Зимунд Фројд е еден од луѓето кои кокаинот го претставувале на ваков начин – како дрога со низок ризик, која слободно може да се зема редовно за да се ослободиме од заморот, да станеме поиздржливи или генерално да имаме подобар когнитивен учинок.

Од триесеттите до седумдесеттите години на минатиот век, оваа улога ја преземале амфетамините. Фармацевтските компании тврделе дека амфетамините го засилуваат „менталниот учинок“, а студентите ги користеле кога подготвувале и полагале испити, но и за подобро да си поминат на универзитетските забави. Студентите и денес, судејќи според актуелните академски статии, и натаму се најголеми потрошувачи на „паметните таблети“.

Истражувањето во научното списание Nature во 2008 година покажа дека еден од пет читатели (а, се претпоставува дека во поголем дел тоа се академиците и научниците) пробале барем некоја супстанца за бустање на мозокот. Значи, филмот „Limitless“ е рефлексија на интересот на јавноста за „неврозасилувачите“, кои со децении не ја губат популарноста.

Денешните „паметни таблети“ главно се однесуваат на лековите што се препишуваат за лекување деменција или АДХД, само што ги користат здрави луѓе без никакви психијатриски или невролошки нарушувања, со надеж дека ќе ги засилат своите когнитивни функции, или барем вниманието, учинокот или фокусираноста.

И на нашите медиуми во изминатите години вниманието им го привлече лекот модафинил, како чудотворна супстанца – паметен лек кој навистина ја зголемува моќта на мозокот. Модафинилот првобитно се користел за лекување нарколепсија, претерана поспаност и нарушување на сонот. Текстовите нагласуваат дека ги поминал сите ригорозни тестови и дека неговата моќ е потврдена. Меѓутоа, експертите не се сигурни ни како точно функционира модафинилот ниту какви се долгорочните ефекти, што секако не го прави наивен.

Најстариот и најпопуларен стимуланс е кофеинот. Секој што пие кафе знае дека кофеинот ја зголемува будноста и вниманието, но сепак ефектите се краткорочни, а и брзо доаѓа до толеранција на неговите ефекти. Истражувањата покажуваат дека кофеинот не влијае на нашето достигнување поврзано со задачите што ги учиме и памтењето, значи не влијае во ситуациите кога намерно сакаме да запамтиме нешто. Ефектите се поврзуваат само со памтењето на пасивно претставените информации, а исто така не влијае ни на долгорочното памтење. Во мали дози може да ја намали анксиозноста, додека во поголеми дози ја зголемува возбуденоста, анксиозноста и нервозата. Сè на сè, кофеинот е мошне слаб стимуланс и не може да се смета за „когнитивен засилувач“.

Со кофеинот како природен стимуланс се споменуваат и комплексот витамини Б и Ц како невропротектини, но и екстрактот на растението гинко билбоа. Многу студенти своевремено пиеле чај од гинко кога учеле за испит. Сепак, резултатите од студиите се разочарувачки и заклучокот е дека нема убедливи докази за позитивни ефекти од билбоата на која било когнитивна функција, па ни памтењето.

Како што покажува и самиот филм преку примерот на Еди, „паметните пилули“ не се без ризик. Некои од несаканите ефекти од земањето лекови што ги наведовме и уште осумдесетината кои се споменуваат во литературата и на интернет сајтовите, се анксиозност, несоница, вознемиреност, манија, срцева аритмија, висок крвен притисок и секако - зависност.

„Limitless“ нагласува дека НЗТ има подобри и поголеми ефекти кај луѓето кои се попаметни односно имаат поразвиени когнитивни капацитети – затоа, меѓу другото, Еди станува милионер додека лихварот од кој позајмува пари дури и со НЗТ останува во доменот на своите капацитети. Спротивно на НЗТ, студиите покажуваат дека ефектите се минимални кај високо интелигентните. Суштината е дека паметните луѓе веројатно веќе функционираат оптимално. Исто така, постарите луѓе немаат многу корист од когнитивните засилувачи. На пример, Риталинот, најпознатиот лек со кој се третира хиперактивното нарушување – АДХД, го подобрува памтењето и вниманието кај младите, но не и кај возрасните. Отворено е и дали воопшто имаат влијание кај одморените и здрави возрасни лица, зашто доказите се контрадикторни и сè уште контроверзни.

Најголемиот проблем е претпоставката дека засилувањето на одредени когнитивни функции им штети на другите функции (секоја магија има своја цена!), а прашање е дали воопшто доаѓа до подобрување или виновник е плацебо ефектот. Земањето лекови кои се претставуваат како „паметни“, може да ја зголеми самодовербата, а самото очекување дека ефектите постојат може да го подобри достигнувањето.

Ејми Арнстерн, професорка по невробиологија на Јеил, тврди дека постои расчекор, сива зона помеѓу апстрактните, теоретски концепти на когницијата и нашето знаење за тоа како функционира мозокот физиолошки, а когнитивните засилувачи треба да дејствуваат токму во таа сива зона.

„Мислам дека луѓето за паметните лекови размислуваат како за стероидите во атлетиката, но тоа не е добра аналогија, зашто со стероидите правиме нови мускули. Со паметните лекови, сè што се случува е дека го користиме мозокот што го имаме и го ставаме во оптимална хемиска состојба“.

Факт е дека засега не постојат убедливи докази дека која било популарна супстанца навистина тоа и го прави.

__________________

Nehlig, A. (2010). Is caffeine a cognitive enhancer? Journal of Alzheimers disease, 20.

Laws, K. R. et al. (2012). Is Ginkgo biloba a cognitive enhancer in healthy individuals? A meta-analysis. Human Psychopharmacology, 27(6).

Hall, W.D. & Lucke, J.C. (2010). The enhancement use of neuropharmaceuticals: more scepticism and caution needed. Addiction, 105(12).

Извор: https://psihobrlog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото