1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
СРЕДБА
Најцврстиот корен врз кој расте плодот на женското тело, на нејзините процеси на дејствување е љубовта. Кога љубовта не може да го најде својот објект, тогаш ТАА станува клопче на метафори. На љубовта треба да ѝ се пристапи од два агли. Првиот е раздвојување, потреба од разлика, од концептот за „двајца“. Но, кога во мигот ќе настапи на историската сцена разлаченоста, се појавува потребата да се искуси светот на нов начин, што ќе му даде неизвесен облик. Тоа е средбата.
Жената постои за средбата. Средбата со заедницата, со себеси. Во средбата љубовта се исцрпува, се истоштува, прегорува, но од пепелта се раѓа зајакната. Тоа е настан на рамниште на чудо. Тоа е оној хероизам кога концептот за „двајца“ впловува во нарацијата на „еден“, „за-едно“. Токму вербата во средба, преку која се креира сопствениот простор на слобода и дејствителност, е нарацијата на вонисториската борба на жената на овие простори. ТАА е љубов која треба да се именува како средба во постојано изградување.
И на крајот, љубовта е оној модус вивенди, што од неа прави тело што верува и се надева дека светот може да биде подобар и поправеден.
ГОВОРОТ НА СЕНКАТА
1.
Везилке, кажи како да се роди
проста и строга македонска песна
од ова срце што со себе води
разговор ноќен во тревога бесна?
Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.
Судбинско нешто се плело за века
од двете ниски, два созвучни збора,
едната буди темница што штрека,
другата буди вкрвавена зора.
(Везилка, Блаже Конески)
Во дијалогот, толку копнежливо посакуван, а вековно отсутен, ТАА е целокупноста на животот – говор што разјаснува, што обелоденува, што нуди и гарантира решение, што создава безбедност, што ја повикува нужноста за соочување. ТАА говори со јазикот преку кој ја одредува сопствената позиција на ехо. Говори гласно кога некој ќе му го даде говорниот апаратус на општественото прифаќање. ТАА е заднински глас на јазикот „кој знае“. И, со тоа, парадоксално, станува водечки, доминантен глас – подадена рака за Другиот, која ќе му го покаже излезот од конфузијата на времето, од збунетоста на интимното и на колективното.
Нејзиниот говор низ историјата, па до денес, е говор што храбро се соочува со фактот за клучните наличја на животот – љубовта, маката, тагата, смртта, прифаќањето, борбата. Тоа е телото на везилката, тоа е вистината за светот, што ТАА сака да ја сподели. Зборовите како такви не се вистинити или лажни. Говорот не е секогаш исказ што говори за вистината или лагата. Тој имплицира потрага за смисла, но не и за вистина. Оти ТАА не сака да ја прифати еднозначноста на вистината. Така и жената – ТАА не е ниту нешто вистинито ниту лажно. Нејзиното значење не можеме да го збороформиме додека не се открие што означува во одредена поврзаност, во одредена синтакса. Нејзината синтакса е ризом од сенки, кои сакаат да се преобразат во политичко тело. Нејзината тивкост е звук чија семантика е помоќна од доминантната врева на заедницата.
Затоа, ова е приказна за она што било, е, и сака да биде, не како аргумент на вистината и лагата, туку како течение на логосот, на кохерентните говор и дејствување низ кои смислата за едно постоење сака да ја согледа својата целовитост, неретко исполнета со болка, но секогаш овенчана со волја и посветеност, кои историјата или воопшто не ги согледува или ги согледува како чуда, како отстапки, како исклучоци – никогаш како нејзин ’рбет.
Говорот на сенката успева да се втурне во процесот на конституирање на мислењето, на „прифатениот и одобрениот јазик“, слушајќи го своето ехо низ вековите како одѕвонува, често во празнотијата на историскиот метеж.
СОЗНАВАЊЕ НА ЦРНОТО СОНЦЕ
„Кукам со години, кукам со векови и никако не можам да превтасам со кукање. Само во кукањето болката ми се одѕива. Овдека насекаде ко порачано за кукање: за живите нема место, а за гробови и кукање место колку сакаш. Кукам и се греам на црните солзи, на црното сонце. А нема поширока земја од оваа за кукање, одовде најдалеку се слуша кукањето.“ (Кукавица, Петре М. Андреевски)
Меланхолијата, според некои дефиниции, е свртување кон себеси, пресврт кон внатре поради она што е надвор, поради она што е резултат на динамиките на заедницата. Но, тоа свртување кон себеси подразбира аскетски и критичко-мислечки модалитети на рефлексивност. Како што забележува Фридрих Ниче, свртувањето кон себе подразбира порекнување на нешто со кое длабоко не сме согласни – борба, отпор против наметнатото. Чекор кон освојување на слободата украдена од конвенционалните воспоставености на времето. Генеалогијата на слободата е, на некој начин, генеалогија на отпорот изразен преку парадоксите на меланхолијата. Меланхолијата во јазикот, во тишината, во говорот стои тивко или гласно наспрема имплицитно или експлицитно присутното насилие. Насилие како прифаќање на ултиматумите на културата.
Од една страна, постои порекнато и неразрешено јазлиште на болката, а од друга страна, самосвесниот субјект е во поход во кој себеси секогаш одново се пресоздава. Амбиваленцијата на меланхолијата е поврзана со агресивно поставената препрека кон изгубеното друго. Забраната создава идеализации, при што еднакво создава идеализација и на болката како чиста и света практика. Од културата на тишината се раѓа сенката на жената која е исполнета со меланхолична амбиваленција.
Таа меланхолична амбиваленција патува цел век, а и малку повеќе од тоа низ општествените регулации на психичкиот живот што почива врз нејзината сенишност што е производ на мноштвеноста на психичките, интимните, јазичните и општествените слоеви поставени во заемен однос.
Меланхолијата е постисториска тага на отсутната смисла. Конмеланхолија се наклонети епохите во кои се одигрува колапс на религиските и политичките идеали. Таа произлегува од институционалната и од јазичната отуѓеност.
Светот е исполнет со интимни и колективни/политички прекршувања. Лицето на македонската жена се огледува во две нијанси – меланхолијата на општествениот живот и општествената регулација што ѝ го доделува местото крај огништето. Но, што значи огништето? Дали е тоа прекаријатна артикулација или можеби е контекст од кој извираат сите значења што ТАА ги слои до денес?
(продолжува)
Овој текст е резултат на истражувањето спроведено на територијата на Прилеп, Битола и Крушево, а со фокус на жената, нејзините идентитетски, општествени поставености, клучни внатрешни и надворешни идентитетски одредници и еманципаторски заложби во периодот од 1900 до 1945 година, односно крајот на 19 и првата половина од 20 век. Текстот се потпира на историски и архивски податоци, усни искази, но не претендира да биде историски запис, туку феноменолошка арматура за социо-културните поставености на жената во овој период. Во прибирањето на историската и архивската граѓа еднакво учество земаа Христина Иваноска, Виолета Качакова, Билјана Тануровска-Ќулавковски и Искра Гешоска.
Фотографии: Nan Goldin
Извор: Музеј на женски приказни - Локомотива, New initiative, 2016.