Уметноста што Фејсбук ја претвори во порнографија

07.04.2018 00:34
Уметноста што Фејсбук ја претвори во порнографија

Познати уметнички дела, изложени во музеите, исто како и афирмирани знаменитости се мета на Фејсбук. Социјалната мрежа повремено ги блокира фотографиите на славните културни и уметнички дела со делумно чудни образложенија, за кратко потоа да се извини.

Слобода го предводи народот
Жртва на интерните правила на Фејсбук беше дури и националната фигура на Француската Република: бидејќи жената која ја симболизира слободата на сликата на уметникот Ежен Делакроа е со разголени гради, Фејсбук избриша пост во кој беше ставено уметничкото дело. Подоцна компанијата се извини и го врати постот.

Потеклото на светот
Приказот на женски гениталии, масло на платно од уметникот Густав Курбе од 1866 година од своето настанување предизвикува контроверзи и со децении беше скриено од очите на јавноста. Во 2011. година еден учител го постирал на Фејсбук, а по блокирањето на профилот, бараше надомест на штета и го тужеше Фејсбук за цензура. Судот во март годинава (2018) донесе одлука во полза на Фејсбук.

Венера од Вилендорф
Праисториската статуа „Венера од Вилендорф“, која често е трн во окото на „чуварите на моралот“, Фејсбук ја цензурираше како „опасна порнографија“, а потоа се извини. Фигурата со големина од 11 сантиметри, а стара околу 30.000 години, прикажува гола жена и е еден од најзначајните експонати во Природно-историскиот музеј во Виена.

Нептун
Фејсбук не е строг само кон приказите на женските тела: на почетокот на 2017. една италијанска авторка сакала својата страница за историјата на Болоња да ја рекламира преку фотографија на тамошната статуа на Нептун, поставена на Пјаца Нептуно. Фејсбук реагираше - прикажувањето на содржини недозволени за лица под одредена старосна граница и на лица во двосмислени пози се коси со неговите правила.

Малата сирена
Бронзената фигура на крајбрежното шеталиште во Копенхаген уште од 1913. година е симбол на љубовта. Поранешна данска министерка за земјоделство со фотографија од статуата сакала да привлече внимание на текст на својот блог. Фејсбук го избришал постот, со образложение, внимавајте! - фотографијата прикажува премногу гола кожа! Кај бронзена фигура! И по ова следеше извинување од страна на Фејсбук.

 Извор: DW

Слични содржини

Активизам / Фотографија / Свет / Уметност / Око
Свет / Култура / Теорија
Свет / Култура / Теорија
Општество / Свет / Култура
Свет / Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото