Леб, идеали и навистина голем Театар

07.04.2018 01:23
Леб, идеали и навистина голем Театар

Франција 1796 година: Жан Валжан е уапсен и пратен на робија на галиите во Тулон. За кражба на векна леб за седумте гладни деца на својата сестра, протагонистот на Иго поминува 19 робијашки години. Пет години за извршената кражба и 14 години за обидите за бегство.

Македонија 2015: Велешанец во затвор за 150 ќебапчиња.
Македонија 2016: 150 евра казна за пензионираниот дедо кој за да го прехрани семејството продава коприви и марули кај Бисер.
Македонија 2018: За долг од 1 денар, 12.439 денари за наплата од извршители

Режисери прочитуваат книга од стотина страници и велат: „Eј, ќе направам од ова претстава“. Други режисери прочитуваат дело од илјада и деветстотини страници и претпоставувам го прочитуваат и втор пат и можеби долго потоа стои по еден примерок на наткасната, а друг на работната маса додека да стигне времето истото да се сподели со поширок круг на луѓе.

Во 1970 издавачката куќа „Македонска книга“ од Скопје ја издава книгата „Козета и Гаврош“. Книгата „Козета и Гаврош“, всушност, претставува извадок од романот „Клетници“ на Виктор Иго. Од вкупно 1900 страници, оваа книга содржи 149 страни поделени во два дела – Козета и Гаврош. Следното издание на „Клетници“ овојпат на 496 страници е на издавачката куќа „Матица македонска“ и е издадено во 2003 година.

На 27 и 28 декември, 2017 година на сцената на театарот „Војдан Чернордински“ во Прилеп во режија на Мартин Кочовски се случи првото сценско поставување на романот „Клетници“ од Виктор Иго во македонски театар.

„Кога препрочитуваш класик, не наоѓаш во книгата нешто што го немало во неа претходно. Наоѓаш нешто во себе, што не било таму претходно.“

На денот на осмата изведба се качив во автобус тргнувајќи накај Прилеп да ја гледам претставата. На следната станица се качи средновечна жена. Веднаш започна разговор со друга жена која седеше на седиштето зад мене. На жената и требаше минута и половина од качувањето и тон како да беше повикана да ни раскаже на сите што имало на кичевскиот панаѓур, како некој комшија „кутриот си умре на ден пред Божиќ“ и тоа да го заокружи сo: „Дојдов тука (мисли од соседната општина) да купам риби, тука се 105 денари, а кај нас 170-180. Посно е малку да смениме“.

Си велам, пари, смрт и религија и живот кој ете за неа беше да ги нахрани домашните со риба наредниот ден, недела на Цветници. Нејзиниот тон е веќе прилагоден и останатиот дел од разговорот не го слушаме, се до оној момент кога им ѕвони дома да ја пречекаат затоа што торбите и се тешки да ги носи сама од автопатот до домот.

Колку сиромаштијата е повисока, толку луѓето се порелигиозни. Овој податок го покажуваат анализите на Галуп и Еуростат, кој ги објави „Рефлектор“ во јануари оваа година. Македонија споредена со останатите земји во Европа, рангира највисоко на оваа листа. Се покажало дека религијата игра особено важна улога во посиромашните земји која на населението му служи како надеж во секојдневните битки, за разлика од развиените земји каде што материјалните средства се помал проблем.

Во автобусот се качува и еден дедо кој картата од 60 денари од едно до друго село ќе ја плати со ситни пари. Долго пребарува по џебовите па почнува да брои двојки, петки и некоја десетка. Кондуктерот е сталожен и вели: „Не се брзај чиче, имаме време“. Мислам дека не ги ни брои парите кои му ги подаде дедото туку само ги пушти во џебот и му ја подаде картата. Подоцна влегува друг средновечен маж. За билет од 110 денари, во автобус во кој другите плаќаа со ситни пари тој вади илјадарка. Кондуктерот љубезно го прашува: „Немаш можеби нешто поситно?“ - „Немам“- одговара човекот тивко. Барем 10 денари прашува повторно кондуктерот, за да ти вратам 900. „Ова ми се последните пари“ - одговара уште потивко гледајќи во подот.

Иако поминаа повеќе од двеста години супериорноста на интелегенцијата и пристапноста на информациите не доведоа до помалку сиромаштија, неправди и број на уништени животи низ светот. Денес за жал немаме ниту пера како она на Виктор Иго, кои можат да насликаат монументална фреска на општеството. Денешниот роман има меѓу осумдесет и двестотини страници и тоа во Македонија е доволно добро за добивање на државни книжевни награди. Тоа е така бидејќи она што општеството твори и чита е во дијапазон од 140 твитер карактери.

Но, фала богу затоа го имаме ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

Театар со СТАВ и интерпретиран на најгласно

Кога се најави процесот за преставата „Клетници“ јасно беше дека режисерот Кочовски и актерската екипа нема да бегаат од темата дека сите сме клетници и дека секој ден стоиме пред еден универзум од наши, нечии трагедии, конфликти, проблеми, фатални опасности. (ова стои и во објавата кон претставата). Продолжуваат велејќи: „И покрај тоа ние ја туркаме нашата шанса, ние знаеме да покажеме заби. Ние го бараме нашето место во овој луд свет како и местото на нашите најсакани, најблиски, пријателите итн. Никој не е морално чист, целосно чесен и добар или, пак, апсолутно злобен и нечовечен.“

Во точно три часа триесетчлената актерско-музичка екипа не заробува кога влегуваме како набљудувачи на Битката кај Ватерло, а не ослободува дури откако ќе посведочиме на жртвите кои ги проголтала Француската револуција.

Музиката на „Фолтин“ и костимите, сценографијата и дизајн на светлото на Јулијана Војкова-Најман не прават компромис во ниту еден момент. Музиката која ја изведуваат Фолтин директно на сцената започнува предупредувачки уште на првиот мизансцен во кој се појавува поголема група на актери. Потоа следува звукот на заробување. Ајде војувајте со нас, за на крај да стигне најрадосно поканата: славете со нас!

Во неколку сцени, Бранко од Фолтин никнувајќи со гитарата на сцената помеѓу ужасите кои се одвиваат во сцените пред и потоа, со својата појава и глас потсетува на стих од Миљковиќ:

„Један малени цвет
још ни проговорио није
а већ је знао све тајне сунца
и све што земља крије.“

Одамна не сум гледала претстава со толку брутална, а складна сценографија која низ своите трансформации го ангажираше апсолутно секој од актерите на сцена. Сценографија за чие поместување требаше сила и повеќе од две раце. Сценографија која и прилега на претстава за револуцијата, затоа што на револуцијата и требаат и сите раце и сето железо, сето сребро, и сите душеци и сите перници. Сценографија која знае дека револуцијата е состојба на будност, па затоа повикува на жртвување на сите кревети.

Како претстава за револуцијата, а тргнувајќи од општопознатото дека револуцијата ги јаде своите деца, Кочовски се одлучил за груба подела на ликовите. Па така веќе докажаните соработници ги добиваат улогите на Валжан (Ѓорѓијоски), Жавер (Степанулески), Мариус (Тодески) и Тенардие (Трпчески) кои иако успеваат да ја пренесат пораката на ликовите, овојпат понудија за доза посталожена игра.

Помладиот дел од ансамблот покажуваа дикциска точност дури и во сцените во кои не испуштаат глас, но телото им е целосен опис на менталната и физичка скршеност, но и на младалачкиот ентузијазам и своеглавост да се оди до крај за она во кое се верува.

Валжан не го убива Жавер во приликата која ја добива, исто како Хамлет кој не го убива Клаудиј кога гледа дека се моли. Ако го убие тогаш, не би ја погодил суштината. Тоа е проблем можеби и најголем кај револуционерите: Како да се нападне она што е повеќе од обичната власт како таква, а не само да се урне власта и на тој начин да се спречи стариот поредок да се врати во нов облик? [Жижек, есеи: Боженскиот нагон на смртта]

Револуцијата носи промени. Носи промени во домот. Носи промени во тоа со кого веќе не пиеш кафе. Затоа што го нема.

Ништо не е да се умре; страшно е да се живее без да се изгледа престава во театар кој нема зграда со услови, ама има СРЦЕ од старите штици да направи големи ПРЕТСТАВИ.

 

 

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото