Фејслифт на фашизмот

07.04.2018 01:07
Фејслифт на фашизмот

Ленин и други симболични споменици од времето на социјализмот, Парк Мементо, Будимпешта

Антифашистите во Полска минатата година одржаа комеморација за полските учесници во Меѓународните бригади на 80-годишнината од Шпанската граѓанска војна. Нивниот собир беше нападнат и низ врата беше фрлена димна бомба. На проектилот беше напишана фразата „ha pasado“, односно „поминавме“, одговорот на Франко на паролата „no pasaran“ на Долорес Ибарури на денот кога падна Републиката.

Уште една иконична фраза која се поврзува со граѓанската војна многу му должи на полското влијание. „A las Barricadas“, химната на анархосиндикалистичката федерација CNT, стана најпознатата песна во војната – но не беше сосема оригинална. Мелодијата ја напишал Јозеф Плавински, а зборовите Вацлав Свечицки, двајцата полски социјалистички музичари. Нивната „Warszawianka“ стана химна на полската револуција од 1905 година, кога работничките милиции се обидоа да ја урнат руската царска влада.

Денес прогресивната историја не е нападната само во Полска, туку и широм Источна Европа. Од своите почетоци „декомунизацијата“ не целеше само на советската ера, туку и на претходната социјалистичка и републиканска историја. Во деведесеттите унгарската влада започна со комплетно укинување на комунистичките споменици, одлучи сите да ги погреба на едно место.

Се роди Мементо Паркот во Будимпешта, а архитектот Акос Елеод кој после освоениот конкурс требаше да го проектира беше јасен околу целта. „Во овој парк“, рече, „се работи за диктатура“.

Но, има интересна постава како за еден парк за диктатура. Покрај спомениците на политичарите од комунистичкиот период – и Маркс, Енгелс и Ленин – стојат левичарите од претходните генерации. Таму свое место за комеморација најдоа и личности од Унгарската Советска Република со краток век од 1919 година, вклучувајќи ги Тибор Самуел и Јене Ландлер, како и Еде Хлепко и Бела Кун, кои се убиени во чистките на Сталин. Статуите на Роберт Кројц и Ендре Сагвари, кои ги убиле нацистите и унгарската фашистичка влада за време на Втората светска војна, исто така се во паркот. Ним им се придружуваат и Миклош Стајнмец и И. А. Остапенко, капетани на Црвената Армија кои загинале ослободувајќи ја Будимпешта од германската окупација. И, секако, тука е меморијалот на унгарската меѓународна бригада во Шпанија.

За жал, не изненадува што иницијативите кои тврдат дека ја преиспитуваат диктатурата, впрочем ги демонизираат оние кои се бореле против фашизмот. Декомунизацијата стана оружје со кое повторно оживеаните националистички движења го рехабилитираат сопственото минато – што често подразбирало и колаборација со нацистите.

Во 2015 година, јавајќи на бранот на националистичките сентименти после конфликтите на истокот од земјата, Украина започна интензивен процес на декомунизација. Оттогаш се преименувани илјадници улици и стотици градови, во секој дел од земјата се срушени спомениците на Ленин, а политичките партии за кои е проценето дека негуваат премногу симпатии за комунистичкото минато се забранети – вклучувајќи ја Комунистичката партија на Украина, која редовно добиваше милиони гласови.

Советски војник се поздравува со Унгарец, Парк Мементо, Будимпешта

Законот кој беше на гласање во украинскиот парламент не се однесуваше исклучиво на комунизмот. Неговиот текст ветуваше борба против величењето и на „комунистичките и националсоцијалистичките тоталитарни режими“. Но, во 2015 година, во време на усвојувањето на овие мерки, украинската влада впрочем ги институционализираше фашистичките паравојски во рамки на сопствените вооружени сили. Тоа лето Азовскиот баталјон, кој го основаа членовите на неонацистичкото Социјал-национално собрание, формално беше претворено во Полк за специјални операции на Украинската војска. Неговите членови тоа го прославија со фотографии на кои ги покажаа своите тетоважи СС, симболи кои владата наводно ги забрани.

Институционализацијата на фашизмот не е ограничена на војската. Екстремната десница сè повеќе е застапена и во официјалната историја, што е дел од ревизионистичкиот проект што го спонзорира државата, осмислен за воздигнување на украинскиот национализам.

Најпозната личност за рехабилитација претставува Степан Бандера, националистички водач кој соработувал со нацистите за време на Втората светска војна и чија Украинска востаничка армија учествувала во Холокаустот.

Но, далеку од тоа дека Бандера е единствената личност која е подложена на овој ренбрендинг. Во октомври 2017 година украинскиот град Виница го откри споменикот на Симон Петљури кој го предводел антикомунистичкото востание против болшевичката револуција. Под негово владеење, за време погромот во Украинската Народна Република, биле убиени 50 000 Евреи. Ова не е приказ на настан кого градот се обидува да го прикрие – локалните власти најпосле одлучија да го постават неговиот споменик во историската еврејска четврт, недалеку од една од малубројните преостанати синагоги.

Декомунизацијата и на други места послужила како маска за напади на источноевропските Евреи. Литванската влада, желна за градење на националистичкиот наратив кој ја оправдува соработката со нацистите, ги обвини еврејските партизани за воени злосторства. Споменикот на нивната борба, некогаш поставен на истакнато место во главниот град на земјата, скриен е од погледите во уште еден парк на „диктатурата“. Неговата плакета денес бележи дека партизаните кои се бореле против нацистите – во земја во која речиси 200 000 загинале во Холокаустот – „повеќето биле Евреи“. Литванците, како што пишува, „не ги поддржувале комунистите“.

Досието на Советскиот Сојуз во Источа Европа е тмурно – трансферите на населението, политичката репресија и присилната колективизација во голема мера придонесуваат ресантиманот да не затајува. Но, обидот за декомунизирање има слаба врска со изградбата на подемократско општество. Во својата срж, тоа е проект создаден со цел повторно испишување на историјата, простување на фашизмот и осудување на оние кои се бореле против него.

Ронан Бартеншо е уредник на Јакобин за Европа.

Извор: http://slobodnifilozofski.com

ОкоБоли главаВицФото