Како Кристофер Ноулс стана неочекувана уметничка ѕвезда

07.04.2018 15:39
Како Кристофер Ноулс стана неочекувана уметничка ѕвезда
Кристофер Ноулс, The Sundance Kid Is Beautiful, 2013, Институт за современа уметност, Филаделфија

 

За личност со аутизам, како што е уметникот Кристофер Ноулс (Christopher Knowles), надворешниот свет може да биде толку бучен, толку тежок, преполн со информации, што станува оптеретувачки, а понекогаш и застрашувачки. Одговорот на Ноулс за вознемирувачкиот свет околу него е да изгради острови на визуелна и аудитивна игра во неговото средиште. Во неговата уметност -која опфаќа текст, звук, сликарство, скулптура и перформанс - конкретни факти, броеви и шеми се основните елементи кои не само што го врзуваат за светот, туку се извор на радост. Неговото дело може да биде вознемирувачко и чудно, но е толку проткаено со веселата енергија на Ноулс, што секогаш е волшебно - и забавно.

Сценографскиот сет за моно-перформансот на Ноулс од 2012 година, The Sundance Kid Is Beautiful - е во средиштето на неговата најнова ретроспектива насловена „Во еден збор“ (In A Word) во Музејот за современи уметности Хјустон (Contemporary Arts Museum Houston) - нуди просветлувачки увид во светот на уметникот. Ѕидовите и подот се покриени со страници од New York Times; насловите, фотографиите и печатените блокови формираат црно-бела мешаница која опкружува три светло обоени конуси и неколку други едноставни предмети: неколку столици, маса со конзерва од Кока-Кола и една чаша на неа, црвен будилник и зелена прозорска рамка. Тоа е едноставна тврдина во светот на преоптовареност со информаци.

Невообичаената 40-годишна кариера на уметникот започна во неговите тинејџерски години, кога тој беше откриен од страна на експерименталниот театарски режисер Роберт Вилсон; Ноулс почнал да придонесува и да настапува во епските авангардни сценски дела на Вилсон, како што е операта „Ајнштајн на плажа“ (Einstein on the Beach, 1976), за која Ноулс го напишал либретото. Иако работата на Ноулс со Вилсон е широко признаена, сепак, неговата сèстрана практика доби помалку внимание; во текот на годините, ретки се неговите галериски и музејски изложби.

Кристофер Ноулс, Њујоршката берза (New York Stock Exchange), 2017

 

Но, со ретроспективната изложба во Хјустон, отворена до крајот на март, неодамнешните реномирани изведби на The Sundance Kid Is Beautiful во Њујорк и Филаделфија, и издавањето на нов винилен запис на неговите аудио дела, ова е возбудливо време за Кристофер Ноулс.

Му се придружив нему и на неговата сопруга, уметницата Силвија Нецер (Sylvia Netzer), на вечера во Village Den, на еден блок од нивниот стан во West Village. Со своите 58 години, Ноулс е во средна возраст; неговата коса е проседена, и тој е поотворен од тивкиот тинејџер со поглед како прогонуван, што првпат го сретнав во средината на 1970-тите. Тогаш, тој живееше во стан целиот во црвено, обично наведнат над преносна машина за пишување Оливети, опсесивно типкајќи и слушаше две различни AM-радио станици во исто време.

Начинот на којшто Ноулс комуницира е уникатен, но тој се чувствува удобно кога го интервјуираат и јасно е дека ужива додека зборува. Пред да седнеме, тој истакнува дека датумот е 19 јануари 2018 година. Датумите и времето се еден од начините на кои тој се ориентира и има исклучителна способност да се потсети на датумот, времето и денот во неделата кога се случиле историски и лични настани. „Денес е 44-годишнината од кога првпат дојдов до 147 Spring Street, станот мансарда на Боб Вилсон“, вели тој. „Тоа беше 19 јануари 1974 година. Живеев со Боб, и станавме соработници и пријатели. Имав 14 години.“

Ноулс првпат го привлекол вниманието на Вилсон кога еден пријател на семејството по име Џорџ Клаубер, кој му предавал на Вилсон во Институтот Прат, му дал лента што ја снимил Ноулс.

Ноулс, како што се сеќава, првпат се впуштил во снимање ленти кога неговите родители на него и неговите сестри им подариле магнетофон за Божик, кога тој имал 11 години. „Мајка ми ми покажа како да снимам нешто. Го пуштав наназад, го пемотував, и повторно го притискав копчето за вклучување. Секој пат излегуваше многу поинаку“, ми кажува тој. За Ноулс, кој не зборувал до 10-годишна возраст, ритмичките варијации на неговите снимени зборови биле фасцинантни.

Кристофер Ноулс во „Куќа“ (House), 2011, перформанс во режија на Ноа Хошбин.

 

На снимката, Вилсон го слушнал Ноулс како повторува варијации на фрази за неговата сестра Емили која гледа телевизија, во нешто што се чинело дека се многу организирани секвенци („Емили сака телевизија затоа што гледа телевизија затоа што ја сака. Емили сака телевизија"). Заинтригиран од уникатната употреба на јазикот на Ноулс, Вилсон го поканил момчето и неговите родители да присуствуваат на премиерата на неговата нова опера, „Животот и времето на Јосиф Сталин" (The Life and Times of Joseph Stalin, 1973), на Бруклинската музичка академија (Brooklyn Academy of Music). Пред почетокот на претставата, тој го замолил Ноулс да излезе со него на сцената, и неколку пати во текот на изведбата, тие се појавија заедно, без подготовка, импровизациски разменувајќи реплики од „Емили сака телевизија“, на целосно изненадување на останатите од одлично уиграната актерска екипа.

„Тогаш го запознав Боб Вилсон“, ми раскажува Ноулс. „Го изведовме Емили сака телевизија. Но, стануваше доцна. Па, моите родители дојдоа зад сцената и рекоа дека е време да си одам дома. Па, морав да си одам. Но, тогаш татко ми го повика Боб и рече дека е во ред да бидам во другите четири изведби. Беше во ред, бидејќи јас сакав да комуницирам со Боб Вилсон“.

Желбата да комуницира со другите била невообичаена за интровертното дете, а во следните месеци, Вилсон се спријателил со семејството. Во тоа време, Ноулс одел во O.D. Heck school, државно училиште за деца со пречки во развојот, во близина на Скенектади, Њујорк. Вилсон го посетувал таму, како што подоцна се присетува во едно интервју за New Yorker: „Отидов таму горе да го набљудувам ... и си помислив, Зошто се обидуваат да го поправат неговото однесување кога тој е очигледно интелигентен? Предизвикот беше да ви биде дозволено да влезете во неговото лично царство“.

Кристофер Ноулс, Без наслов (Untitled), 2012.

 

По наговор на Вилсон, родителите на Ноулс се согласиле да му дозволат да живее во неговата мансарда, каде што ќе може да има простор за работа, а Вилсон ќе може да помогне да ги негува уникатните дарби на момчето. Вилсоновиот т.н. "Byrd Loft", конвертираната индустриска зграда во SoHo, беше вител на креативна активност кога Ноулс се преселил таму во 1974 година. Големиот отворен простор на првиот кат (просторите за живеење беа на вториот кат) функционирал не само како простор за проби на Училиштето за птици на Бирд Хофман (Byrd Hoffman School of Byrds) - како што Вилсон ја именуваше трупата на уметници, музичари и танчери кои работеа на неговите масивни продукции - туку беше место за собирање на уметничката сцена од центарот на градот за време на отворените вечери во четвртоците.

Во таа динамична средина Ноулс процвета и стана клучен учесник во следната креација на Вилсон, „Писмо за кралицата Викторија“ (A Letter for Queen Victoria), која имаше ограничен број изведби на Бродвеј, во театарот ANTA, во 1975 година. Таблоата и голем дел од звукот и дијалогот беа конструирани околу колажните аудио-снимки на Ноулс, а тој исто така и настапуваше во претставата (The Sundance Kid is Beautiful, неговата неодамнешна претстава за еден актер, е насловена според дел од „Кралицата Викторија“, во која тој и Вилсон папагалски разменуваат повторувачки фрази за Санденс Кид напишани од Ноулс).

Во исто време, тој вадеше зачудувачки дела исчукани на неговиот пренослив Оливети во апартманот во Челзи, кој го делеше со Синди Лубар Бишоп (Cindy Lubar Bishop), која ја играше кралицата Викторија во продукцијата во 1975 година и остана негова придружничка во раните 1980-ти. Со неверојатна способност за смислување шеми во неговиот ум, без да прави белешки или подготвителни скици, тој можеше да испише редови од црни и црвени букви "к" (како Кристофер) во совршено изведени сложени слики, од дигитален часовник до кулата „Космичка игла“ во Сиетл (Seattle Space Needle). Неговите типкани дела, кои вклучуваа и повторувачки блокови од понекогаш бесмислени зборови и фрази, наликуваа на конкретната поезија на Дик Хигинс (Dick Higgins) и Арам Саројан (Aram Saroyan) и текстуалната уметност што ја создаваа Лоренс Винер (Lawrence Weiner) и Ед Рушеј (Ed Ruscha). Две самостојни изложби во галеријата Холи Соломон (Holly Solomon Gallery), во 1978 и 1979 година, како и книга од неговите типкани дела, го издигнаа во статус на неопеана уметничка ѕвезда. „На возраст од деветнаесет години, без да има таква намера“, пишува поетот Џон Ешбери во критика за магазинот New York, „Кристофер Ноулс стана значајна фигура на њујоршката авангарда“.

Ноулс се насочил и кон цртежот во 1980-тите. Во 1984 година, тој се заинтересирал за керамика и се пријавил за часови во Greenwich House Pottery, каде што Нецер (сега негова сопруга) предавала. Неговите часови завршувале во 10 часот навечер. За да остави доволно време да се исчисти и да се преслече, Ноулс, кој собира будилници на навивање какви што ги има десетици во својот стан, ќе донесел еден, а понекогаш и два часовници со него, наместени да ѕвонат околу 9:30 часот.

Кристофер Ноулс, „Парсивал бр.12“ (Parzival #12), 1989

 

„Тој ќе ги оставеше да се исклучат во салата. Беше навистина вознемирувачки“, се смее Нецер, потсетувајќи се. „Така се запознавме“. Нецер се восхитувала на претходните дела на Ноулс и била заинтересирана за цртежите што ги изработувал. Тие станале пријатели, а потоа и партнери, а на 15 август 2015 година биле во брак, на церемонија која ја водел Роберт Вилсон.

Но, во голема мера, следните децении беа помирни за Ноулс. Кога во 2004 година имаше соло изведба во Gavin Brown's Enterprise, тоа беше негова прва во САД за 25 години. Неговите цртежи и типкани дела биле изложени во Музејот Бојманс Ван Бенинген (Museum Boijmans Van Beuningen) во Ротердам во 1985 година; тој продолжил да настапува, и во 1987 година го напишал текстот и ја играл главната улога во претставата на Вилсон, „Парсивал“ (Parzival) во Хамбург, Германија, и во неколку помали продукции во текот на 1990-тите. Ова побавно темпо му одговарало на Ноулс. Концептите за кариера и успехот во уметничкиот свет не биле важни за него. Тој едноставно ги следел неговите креативни импулси.

Овие импулси, од 1990-тите, се повеќе го доведувале до сликарството. Тој користи маслени маркери за да ги пополни деловите на платното, работејќи со слободна рака, без скица, на ист начин како што ги конструирал сликите со помош на машината за пишување. Темите се многу идиосинкратски: семафори, Прославите за „4 јули“, тенисерот Пит Сампрас. Сликата „Животот и времето на Флоренс Хендерсон“ (The Life and Times of Florence Henderson, 2016) е во чест на актерката која играше Керол Брејди во The Brady Bunch, една од омилените телевизиски емисии на Ноулс. „Мојата сестра и јас ја гледавме. The Brady Bunch, започна, мислам дека беше во петок, на 26 септември 1969 година“, вели тој. (Го проверив датумот подоцна и, се разбира, тој беше во право).

Кристофер Ноулс, Rack, Reck, Rick, Rock, Ruck, 2017

 

Кристофер Ноулс, Без наслов, од портфолиото „Типканици“ ("Typings"), 1986

 

Играта Scrabble, која Ноулс ужива да ја игра, била инспирација за Rack, Reck, Rick, Rock, Ruck, слика со текст, во која титуларните зборови се напишани со црвена боја на кафена позадина. „Рик е име, но исто така е и збор во речникот. Reck без W е, исто така, збор во речникот“, објаснува тој.

„Кога Крис игра Scrabble, тој секогаш победува“, додава Нецер.

Живописната фигуративна слика на Ноулс, „Вол Стрит“ (Wall Street, 2017), била насликана по сугестија на Гевин Браун, кој сметал дека уникатниот сензибилитет на Ноулс ќе функционира добро со историските места во Њујорк. Ноулс никогаш не го посетил Вол Стрит, туку работел според црно-бела новинска фотографија, преобразувајќи го тмурниот градски пејзаж во поле со вибрантни бои.

Тоа е таа трансформатива енергија која Кристофер Ноулс ја внесува во лудиот свет околу него. Таа е присутна во неговите слики. Таа е присутна во неговите типкани дела. Таа е таму додека тој танцува во место, тропкајќи со прстите според музиката од системот, чекајќи да прочита од неговите текстови на забавата за промоцијата на неговата винилна снимка, The Typing Poems, продуцирано од Метју Хигс, директор на галеријата White Columns во Њујорк.

А таа енергија беше таму кога го видов како потскокнуваше, се влечеше и ползеше низ сценскиот сет со весници во Whitebox Art Center, за време на изведбата на The Sundance Kid is Beautiful. „Делото на Кристофер е комплексно, не е толку едноставно како што можеби мислите", вели Ноа Хошбин, кој го режираше Ноулс во таа изведба. „Има некои темни нијанси. Но, тој едноставно ја има таа аура околу себе“.


Слики: Christopher Knowles

Извор: artsy.net

 

ОкоБоли главаВицФото