Иднината на Фејсбук

09.04.2018 00:04
Иднината на Фејсбук

Фејсбук ѝ дозволи на компанијата „GSR“ да преземе 50 милиони кориснички профили и податоците да ги продаде на друга компанија „Кембриџ Аналитика“, која потоа ги искористила за да манипулира со избирачките преференци на гласачите во корист на Доналд Трамп. Тоа, во една реченица скандалот што ги полни медиумите низ светот.

Компанијата „Кембриџ Аналитика“ се најде на удар на јавноста затоа што ги лажела членовите на британскиот парламент, па сега е под истрага во Масачусетс, каде што е регистрирана. За Фејсбук ова е само последниот во низата скандали што отвораат важни прашања за иднината на најголемата светска корпоративна социјална мрежа.

Еве зошто: пазарната капитализација на Фејсбук од 200 милијарди долари не е одраз на тековната профитабилност на компанијата. Пазарната вредност на Фејсбук, пред сè, е одредена од идната добивка, од „монетизацијата“ на корисничките податоци.

Всушност, како и кај сите технолошки гиганти, нејзиниот долгогорочен успех зависи од способноста за развој на апликации кои употребуваат вештачка интелигенција (AI) врз огромни количини податоци за корисниците.

На највисоките менаџерски кругови на сите технолошки гиганти веќе од поодамна им е јасно дека прво: сегашната состојба не може долго да потрае второ: дека идната добивка не може да се оствари без промена на односот помеѓу корпорациите, корисниците и државите кои ги регулираат тие односи.

Споменатите 50 милиони профили биле собрани и користени без дозвола на корисниците. Фејсбук тврди дека немало кршење на договорениот однос, што веројатно значи дека еднострано формулираните услови за користење кои сите корисници се принудени да ги прифатат – дозволуваат таков вид трговија.

Фејсбук придонесе кон проблемот со одбивањето да признае дека податоците биле користени на опишаниот начин, сè додека новинарите со упорно инсистирање не ја натераа компанијата одеднаш да ја повлече дозволата за пристап до податоците, дадена на Кембриџ Аналитика.

Ако таквата пракса навистина не претставува кршење на обврска од договорот, тоа значи дека деловниот модел на Фејсбук може да се опише како наметнување на корисниците договор што е во спротивност со нивните интереси. Тоа не е добро за Фејсбук затоа што би можело да доведе до губење на довербата и загрозување на она што се нарекува „општествена деловна лиценца“. Прашајте ги тутунските и нафтените компании што точно значи тоа.

Мене лично ми се гади од производите што ги нуди Фејсбук. Мојот тајмлајн е толку хаотичен и толку здодевен што веќе речиси и да не го отворам. Но, не сакам да додавам сол на раната додека Фејсбук поминува низ оваа криза. Мислам дека наместо тоа, е многу поважно е да започнеме зрела расправа меѓу технолошките компании, државите што ги контролираат и луѓето чии што интереси треба да се заштитат.

Скандалот отвори проблем со кој ќе мора да се соочат сите технолошки компании на патот на натамошната автоматизација и сè пошироката примена на алгоритмите и вештачката интелигенција.

Клучните информации за сите AI програми се наоѓаат во регистерот на идентитети. Лесно ќе откриете дека младите татковци во супермаркет купуваат пиво и пелени, само врз основа на податоците за продажбата. За тоа не ви се потребни имињата и адресите на купувачите. Но, на вештачката интелигенција ѝ е потребно да го знае вашиот точен идентитет.

За да развивате и продавате прилагодено здравствено осигурување, финансиски и други услуги – што е вистинското богатство по кое трчаат сите компании – потребен ви е регистер со проверени податоци на милиони корисници и потребна ви е експлицитна дозвола за користење на тие податоци.

Сепак, во првите 10 години на социјалните медиуми, Фејсбук, како и сите технолошки гиганти се задоволи со манипулирање со податоците на корисниците за краткорочен доход.

Истовремено применуваа класична монополистичка стратегија и ги купуваа сите технологии што би можеле да создадат алтернатива за оној облик на социјална мрежа и тајмлајн какви што ни сервира Фејсбук.

Оние на кои им здодеа Фејсбук, па преминаа на Инстаграм или WhatsApp, всушност само се преселија од еден во друг дел од империјата на Фејсбук.

Дури и во класичниот монополистички капитализам било вообичаено во секој сектор да доминираат три или четири големи компании, кои истовремено се натпреваруваат и војуваат со регулаторните тела за да, со време, развијат продуктивен симбиотички однос со нив.
Во банкарството наменето за граѓаните, на пример, постојат четворица големи играчи; исто е во сметководството, меѓу малопродажните компании и производителите на мотори за млазни авиони.

Но, технолошкиот сектор не сака да го толерира дури ниту тоа ниво на конкуренција. Големите технолошки компании – Фејсбук, Епл, Гугл, Самсунг, Амазон, Тенцент и Алибаба – градат секторски монополи. Инфокапитализмот не поднесува повеќе од една компанија за пребарување и една за онлајн трговија. Кога велам – не поднесува, заправо мислам дека не поттикнува, затоа што регулаторните тела во САД, ЕУ и во Кина не направија ништо за да ја зауздаат таа огромна агломерација на моќ и богатство.

Технолошките компании ја употребуваат политиката на „напад и пљачка“: на пазарот воведуваат нови технологии, за кои, се разбира, уште немаат соодветни правила за нивно користење, уверени дека „никој ништо не им може“, зашто парламентите и државните службеници не поседуваат ниту знаење, ниту волја, ниту интерес да им се мешаат во работата.

Скандалот во кој се вмешани Фејсбук и Кембриџ Аналитика покажува дека дека е време на тоа да му се стави крај.

За среќа, капитализмот на располагање има три проверени методи за завршување на таа работа. Тоа се регулацијата, разбивањето на монополистичките компании и национализацијата. Техолошките компании многу добро знаат што ги чека и нивните шефови на приватните средби веќе разговараат за тоа.

Еве како би можело тоа да функционира. Ако веќе на секој пазар мора да имаме 5 или 6 банки, авио компании или големи градежни фирми – благодарение на законите за заштита на конкуренцијата – не гледам што нè спречува и Фејсбук да го поделиме на шест делови на секој пазар на кој е присутен.

Како што можам своите пари да ги земам од банката „Natwest“ и да ги префрлам во „HSBC“ банката во рок од 24 часа, би требало да биде овозможено своите кориснички податоци од Фејсбук да ги земам од еден провајдер и да ги префрлам кај друг. Тие фирми ви морале да ги почитуваат стандардите како и досега, а би можеле и да се натпреваруваат, на пример, со намалувањео на количините на реклами и глупости на мојот тајмлајн или со одбивањето моите податоци да ги предаде на политичката партија што не ја поднесувам. Исто така, една од тие конкурентски компании би можела да биде во сопственост на своите корисници.

Тоа е природна пазарна разноликост која дури и високо концентрирани пазари успевале да ја произведат, пред да им дозволат на технолошките гиганти да ги диктираат правилата на игра.

Ако ова ви се чини дека е пренагло, ве уверувам дека луѓето во управните одбори на гигантските корпорации одлично знаат дека тоа е минимумот што ќе мора да го прифатат.

Има и други решенија: на пример, општествена сопственост на дел од техничката инфраструктура потребна за функционирање на новите мрежни технологии.
Ако помисливте: „Не сакам владините агенции да имаат пристап до моите податоци“, сосема сте во право. Но, единствената работа што го спречува Фејсбук да ги продаде вашите податоци на Русија или Кина е демократската држава во која живеете.

Ако сакаме да бидеме сигурни дека технолошките корпорации нашите податоци ги користат на фер и одговорен начин, тогаш врз нив мора да се воспостави цврста контрола што може да се спроведе од страна на државата – она што недостигаше во случајот со Кембриџ Аналитика, затоа што власта во Британија, ЕУ и САД не ги спроведуваат законите за заштита на податоци.

Но, во блиска иднина, кога ќе ни биде потребно да го искористиме максималниот потенцијал на вештачката интелигенција за лично и јавно добро, најоптималното решение за тој проблем веројатно ќе биде регистер на лични податоци во јавна сопственост за кој гарантира државата.

Ако Кембриџ Аналитика веќе има по 5000 податоци за милиони поединци, веројатно може да се пресмета кога и од што ќе умрете. Ако почнеме да ги споделуваме здравствените и други лични податоци со давателите на услуги на вештачка интелигенција, потенцијалната корист би била огромна. Прашањето е чија корист би било тоа: на осигурителните компании кои би ви ускратувале здравствена заштита или на поединците, кои знаењето генерирано врз основа на искуството на милиони луѓе, од сегашноста и минатото, би го искористиле за да водат поздрав живот?

За да оствариме најголема можна корист и на минимум да го сведеме ризикот од трговија со голими количини лични податоци, можеби подобро решение од разбивањето на монополот и примена на регулатива со која компаниите се обврзани на конкурентски однос е некој облик на општествена сопственост и контрола на централниот регистер.

Еве како би можело да се изведе тоа: секој граѓанин би имал на располагање опција да склучи договор за користење на податоците со централизираното тело. Тоа би бил договор кој може да се раскине во секој момент. Инфраструктурата за размена на податоци би била во општествена сопственост – со целосна контрола на јавноста – како што се железничките шини во полуприватизираниот железнички превоз во Британија.

Потоа, корпорациите би можеле меѓусебно да се натпреваруваат во иновативно користење на таквите податоци. Но, крајниот сопственик и управител на нивното користење би бил секој член на заедницата – со права што ги гарантира државата.

Тоа не е исто со целосна национализација на Фејсбук. Но да не заборавиме дека низ историјата на капитализмот токму тоа им се случувало на компаниите кои граделе критично важно, но непрофитабилна структура.

Општествената сопственост на регистерот на идентитети во комбинација со строга демократска контрола и можност за повлекување на дозволата за користење на податоците – ако се изведе како што треба – ќе биде поттик за технолошките компании да работат со иновации; тоа би овозможило и влез на нови актери на пазарот кој досега беше организиран да спречи нивен влез.

И тоа би го зајакнало и најслабиот играч во трилатералната технолошка економија – корисникот – доволно за да излезе на крај со корпорациите и со државата.

Извор: Novara Media

 

ОкоБоли главаВицФото