Гласот на сенката (3) (есеј за македонската жена)

09.04.2018 11:44
Гласот на сенката (3) (есеј за македонската жена)

 

МОЛИТВА

Сѐ што се уништуваше беше заради неа
и сѐ што се обновуваше беше заради неа.
Така светот се делеше на видлив и невидлив,
на неослободени земји и на земји во развој,
но немаше земја кај што не ја сретнав неа.
Петре М. Андреевски

ТАА се чини како молитва, како сеопфатност на умот и на срцето, како сосредоточеност на раѓањето и на умирањето. Молитвата е логос (кохерентен говор) кој не претпоставува сведување на светот и на појавите само на вистина и лага. Тоа е преплетување на сите зададености, на сѐ што е, што било и што сака да биде. ТАА како молитва е нешто заради кое светот постои или исчезнува. Но, дали е ова пасивна позиција? Дали ова ја одредува како безвучен говор кој постои само низ културата на тишината, како конгломерат на туѓи желби?

Молитвата на македонската жена е молитва за безвучност, за безвучен говор во сета оваа развревеност што ни е потребен за да го согледаме сето она што ни е дадено, а со кое не можеме да се помириме.

ТЕЛОТО И МОЌТА

Ова тело има цел да ја опише генеалогијата на сегашноста, значењето на целокупноста од случувања што ги овозможиле битките во сегашноста. Низ тие фрагменти и сигнатури на жената во еден зададен, но растеглив период низ минатото, сегашност и иднината ги откриваме значењата и механизмите на моќта не само како патерн на функционирање во историјата на жената туку и воопшто. Низ тој патерн ја разбираме нејзината сторија подобро. Откриваме како моќта, апаратусот на моќта влијае во просторот меѓу телото и сознанието. Телото е книга во постојана дезинтеграција.

Постои инскрипција на општествената моќ врз телото. Телото е објект, цел и инструмент на моќта, област во која операциите на моќта најмногу инвестираат. Тоа е влог во битката за контрола на симболичките значења на материјалноста, од кои моќта најмногу стравува. Телото е закана за моќта токму затоа што е непредвидливо и може да се користи на потенцијално безброј начини, според бесконечно разновидните културни диктати.

Сите односи се односи на доминација, на владеење и покорување, на потчинувач и потчинет. Првата лекција на цивилизацијата е лекцијата на покорувањето. Инстинктот на потчинетост е меморија што е силна и почива врз научениот копнеж да се биде послушен. Тоа е сигурниот начин за трасирање на насилството. Политичката моќ, пак, не е ништо друго освен „организација на насилството“ – таа е ублажено и прикриено насилство.

Она што се случува денес е одговор на прашањето дали жената била подготвена на потчинување на тиранијата, воспоставувајќи го привидот на пасивната позиција? Критиките на патријархатот, испитувањето на односот помеѓу јавното и приватното, проблемите на сексуалноста, стереотипите за жената, се тематските траги што не го заобиколуваат нашиот регион. Тие упатуваат на медиумска манипулација со женското тело во рамките на класата и различните општествени групи, укажувајќи на тоа дека, особено во модерниот свет на нееднакво распределена моќ, е нужно да се вклучат проблемите на родот во разни сегменти на културниот живот и на процесите на културното означување.

Дали треба да постои прифаќање на групен, роден идентитет што важи за сите жени? Не може да се третира односот на дискриминацијата, а да не се земат други параметри во вид како што се политичката, културната, религиската одреденост на контекстот. Овие аспекти претставуваат конфликтен јазол на женскиот идентитет.


Културните трансформации нудат различни трасирања на теренот во овој период, но едно е клучно – невидливо раскрилената жена сама патува низ политичките, културните, религиските одредености на регионот, на заедницата. ТАА се обидува да закрепне низ разни формати на споделена или делегирана моќ, приближувајќи го својот слободен дух, кој е затскриено заробен во премолчените архиви, кон животот, кон легитимноста на отпорот. ТАА се бори да го редефинира зададениот, наметнатиот идентитет во бележењата на народното творештво, на оралната историја, во книжевноста и во дијаграмот на времето од дамнина до иднина.

Потчинување, отпор, преозначување – постои имплицитен систем чии затвореници сме. Секој сака да го разбере тој систем на исклучувања и ограничувања што го користиме, понекогаш и без да знаеме за тоа. Таквиот систем е доминантен за искуството на жената која овде обитува во една историска хоризонтала повеќе од еден век. Токму затоа ТАА сака културното несвесно да го направи очигледно.

Постои инвазија, опсада врз телото на жената која е стратешка синергија на опресивните институционални културни кодови, зададени во целокупноста на дисциплинираната заедница и на она што го воспоставува својот јазичен, дискурзивен модел како конечен производ на потчинетост. Заедницата дејствува врз телото на жената, присилувајќи ја да се доближи до идеалот, до нормите на однесување, до моделите на послушност. Така, жената станува дискурзивна сопственост на заедницата – ТАА станува принцип на сопственото потчинување. ТАА е потчинета на еден темелен начин.


Заробена е нејзината душа како политичка, општествена перспектива. Но, лицето кое говори, кое мисли е лице кое се бори, кое дава отпор. И жената говори, мисли, дава отпор. Ја трасира својата вклученост и го активира својот нотен систем и виолински клуч, во заедницата на глувите. ТАА е во постојана битка, што трае и по сите завршени историски битки.

Нејзиното тело е медиум врз кој оперира и преку кој функционира моќта. Моќта преку своите дисциплинирачки форми го користи телото за да ги контролира знаењето, желбите и задоволствата.

Телата се посредници на знаењата, на моралните и на интелектуалните артикулации. Телото функционира како црна кутија – врз него се втиснуваат видливата и скриената трага на времето, се дејствува, од него се извлекуваат информации. Сепак, нејзиното тело е место на модалитет на активен отпор кон интервенциите на моќта, локус на интензивна енергија на целата социокултурна продукција.

А телата, често, се жигосани за да креираат спомен, меморија според начелата на оној што ја поседува моќта. Затоа нејзиното тело постојано, во дијахрониска и синхрониска перспектива, создава непослушност заради воспоставување на слободата.

КОГА СЛОБОДАТА СЕ КОПНЕЕ

Слободата се случува само преку ставање на сопствениот живот на коцка, симболички, но и фактички, ако треба. Може да постои само кај оние што имаат сила да ја издржат тегобноста на смртта. Ставањето на животот на коцка е миг на конституирање на смислата на самосвеста што ја одредува позицијата на говорот и на дејствувањето.
Македонската жена е сторија на „науката за слободата“.

ТАА како да изникнува од школката на заедницата во која како скапоцен црн бисер е скриена слободата. Се разбира, постои алијанса помеѓу „науката за слободата“ и репресивните практики.

Иако смислата на зборот слобода останува неодредена и затворена во рамките на онтологијата на субјективитетот, во тој збор, сепак, постои едно бреме на историјата и традицијата, односно пренос на еден порив, што никогаш не престанал со својата силина да повикува на нужност, не престанал да инсистира дека судбината не треба да се соочува со ништо друго освен со идејата и копнежот по слободата.

Станува збор за традиција на радосниот повик, што е тешко да не се препознае, иако постојано се изневерува и се злоупотребува. Но, можеби не треба да говориме за слобода, туку за великодушност, како нешто првобитно, како што запиша некаде Адорно.

Ако говориме за великодушност, тогаш ќе ѝ го ослободиме местото на слободата. Оти вака ја задушуваме, ја дефинираме. Жената не сака да ја дефинира и да ја врами идејата за слободата – ТАА плива, нурка низ нејзините лавиринти на великодушноста во семејството, во политичкото, во градењето на културните идентитети.

И покрај тоа што заедницата сака да ја умртви и да ја механизира, ТАА има храброст да им погледне еднакво и на животот и на смртта во очи. Да ѝ се погледне на смртта во очи значи да се дојде до слободата, до признанието.
(продолжува)

кон првиот и вториот дел

Фотографии: Eva Rubinstein

Извор: Музеј на женски приказни - Локомотива, New initiative, 2016

 

Слични содржини

Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Квир / Книжевност / Теорија
Книжевност / Теорија / Историја
Општество / Книжевност / Живот
Психологија / Теорија / Историја
Книжевност / Култура / Теорија
Општество / Книжевност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото