Не се намалени казните за навреда и клевета на едно евро

11.04.2018 00:29
Не се намалени казните за навреда и клевета на едно евро

Ќе го смениме Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и ќе ја намалиме висината на надоместот на штета за изречена навреда или клевета во Република Македонија. Надоместокот за клевета и навреда сторена од страна на новинарите, уредниците и медиумите до влезот на Македонија во ЕУ, ќе биде симболичен и ќе изнесува 1 евро

[Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (стр.36, стр.44 и стр.233); датум: декември 2016]


ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во предизборието за предвремените парламентарни избори кои се одржаа во декември 2016 година, СДСМ вети дека во првите шест месеци од мандатот „ќе биде изменет Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и ќе биде намален надоместокот на штета за изречена навреда или клевета“. Исто така, тогаш беше ветено и дека „надоместокот за клевета и навреда сторена од страна на новинарите, уредниците и медиумите, до влезот на Македонија во ЕУ, ќе биде симболичен и ќе изнесува 1 евро.“ Ова ветување на социјалдемократите досега (5.04.2018), не е исполнето.

Споменатото изборно ветување на СДСМ е дадено во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ и го има на три места. Најнапред, тоа се споменува на самиот почеток од Програмата – на стр.36, во поглавјето „Контрола над власта“, во делот „Човекови права“, потоа на стр.44 – во делот „слободни медиуми“ и истото е составен дел од „ПЛАНОТ 180 – ИТНИ РЕФОРМСКИ ПРИОРИТЕТИ НА НОВАТА ВЛАДА ВО ПРВИТЕ 6 МЕСЕЦИ“, во делот „Правда, сигурност, контрола на власта“( стр.233).

Според рокот за реализација наведен во Изборната програма (првите шест месеци од мандатот), казните за навреда и клевета требаше да се намалат најдоцна до крајот на ноември 2017 година (имајќи предвид дека новата Влада предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 г.).

Сепак, наспроти ваквите планови, досега (05.04.2018) тоа не се случи, а нема ниту најави дека се пдоготвуваат законски измени за пониски казни за навреда и клевета, кои за новинарите би имале и симболична вредност од едно евро. Сѐ уште се на сила казните предвидени во Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета, донесен 2012 година кога беше направена декриминализацијата на навредата и клеветата. Во врска со казните, во поглавјето „Надоместување на штетата за клевета“ во Член 18 од овој Закон е предвидено дека:

(1) Судот не може да досуди како надоместување на нематеријална штета предизвикана со навреда или клевета од новинар во вршење на новинарска професија износ поголем од 2.000 евра во денарска противвредност.

(2) Судот не може да досуди како надоместување на нематеријална штета предизвикана со навреда или клевета од уредник или лицето кое го заменува износ поголем од 10.000 евра во денарска противвредност.

(3) Судот не може да досуди како надоместување на нематеријална штета предизвикана со навреда или клевета од правно лице износ поголем од 15.000 евра во денарска противвредност.

ИЗВОРИ:
Изборна програма на СДСМ: План за живот во Македонија (стр.26 и стр.233) [Пристапено: 05.04.2018]
Здружение на новинарите на Македонија – Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета [Пристапено: 05.04.2018]

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Фото: flickr.com - Ванчо Џамбаски

Извор: Вистиномер