Младата девојка како општествен однос (1)

11.04.2018 15:15
Младата девојка како општествен однос (1)

Младата Девојка е само бессодржинска конкреција од апстрактни општествени норми кои се на сила, произлезена од миметичката асимилација на сите доминантни конвенции. Спектаклот ѝ е целата стварност, исто како што таа нему му е најважната фигура.

Младата Девојка е доминантниот општествен однос, централниот облик на копнеж внатре Спектаклот.

Во меѓувреме, љубовта се стрмоглавила во најгнасната од спектакуларните игри на улоги.

Младата Девојка никогаш не се дава самата себе, таа само го дава она што го има, значи збир на својства кои ѝ се припишани. Затоа Младата Девојка е невозможно да се сака, туку единствено да се конзумира.

- а тие се реалисти дури и во љубовта -

„Не сакам да се врзам.“

Заведувањето е облик на труд, труд на Младата Девојка.

Секоја Млада Девојка се држи зад телото без органи на Младата Девојка.

Импотенцијата или фригидноста на Младата Девојка конкретно манифестира дека нејзината еротска моќ е одвоена од неа и осамостоена до таа мера да владее со неа.

Кога Младата Девојка се кикоти, таа и понатаму работи.

Отуѓувањето на Младата Девојка толку добро зазема место во светот на авторитарната стока, што би требало да се смета за нејзина темелна професионална компетенција.

За Младата Девојка заведувањето никогаш не завршува, односно Младата Девојка завршува со заведување.

Сета врска со Младата Девојка се состои во тоа да се биде избран во секој момент одново. Тука како и во работата се наметнува истата договорна несигурност.

Младата Девојка не сака никого, односно таа само ја сака безличноста на светот. Таа го открива Спектаклот секаде каде што е тој, и онаму каде што го наоѓа, таа го обожува.

А во овој свет дури и „телесната заедница“ опортуно ја зголемува одвоеноста.

Диктатурата на „убавината“ е диктатура и на грдотијата. Таа не ја означува насилната хегемонија на одредена парадигма на убавината, туку нешто сосема порадикално: хегемонијата на физичкиот симулакрум како облик на објективност на битијата. Сфатена така, јасно е дека ништо не ја спречува диктатурата да се прошири на сите луѓе, убави, грди и просечни.

Младата Девојка е пластифицираното Јавно.

СЕКСУАЛНОСТА НЕ ПОСТОИ. Тоа е апстракција, одвоен и хипостазиран момент кој станал фантомски во односите меѓу луѓето.

Младата Девојка е производство и фактор на производство.

„Женскоста“ на Младата Девојка постои само во фактот дека Спектаклот ја преиначил легендарната интимност на „жените“ со природата во апсолутна интимност со „втората природа“ на Спектаклот.

Младата Девојка на зборот „копнеж“ му дава една посебна смисла. Да нема забуна, во нејзината уста копнежот не значи склоност која едно смртно битие би можело да ја чувствува кон друго смртно битие или кон нешто друго, туку единствено, на безличниот план на вредностите, една разлика на потенцијали. Тоа не е напонот на едно битие кон објектот на неговата копнеж, туку напон во плитко електричната смисла на нееднаквост.

Во очите на Младата Девојка, Спектаклот ве гледа.

Стварноста на Младата Девојка е надвор од неа: во Спектаклот, во сите изопачени репрезентации на идеалите со кои тргува, во сите непостојани конвенции кои ги пропишува, во обичаите кои мораме да ги следиме. Таа е само празна конкретизација на сите тие апстракции кои ѝ претходат и кои ги следи. Со други зборови, таа е чисто идеолошка креатура.

Заведувањето е најсоодветниот однос кои монадите можат да го имаат меѓу себе. Довршеноста и непропустливоста на обете страни е неговата темелна хипотеза. Таа непропустливост во однос на она што го приграбува, Младата Девојка го нарекува „почит“.

Заведувањето е најочигледниот домен на механичкото функционирање на стоковите односи.

„Модата е игралиште за поединците на кои им недостига внатрешна автономија и на кои им требаат упоришни точки, но кои сепак чувствуваат потреба да се истакнат, да им се даде внимателност и да се издвојат од другите... модата го воздигнува безначајното правејќи го претставник на тоталитетот, преку посебно олицетворување на заедничкиот дух. Нејзината функција е да овозможи еден вид општествено потчинување кое истовремено е индивидуална диференција. (...) Станува збор за мешавина на потчинетост и чувство на надмоќ“ (Георг Зимел, Филозофија на модерноста).

Сите однесувања на Младата Девојка оддаваат опседнатост со пресметливоста.

„Треба да се зачува изгледот.“

„Да е моја, никогаш не би била само моја, ниту би можела да биде. Убавината е тука за сечии очи: таа е јавна институција“ (Карло Доси/Carlo Dossi, Љубов, 1887).

Слики: Xue Wang
Превод: Стефан Симоновски
Извор: Pour Une Théorie De La Jeune Fille

Слични содржини

Книжевност / Теорија
Книжевност / Теорија
Книжевност / Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото