Конкурс за учесници на работилници за филмска и театарска критика

11.04.2018 23:17
Конкурс за учесници на работилници за филмска и театарска критика

Младински културен центар од Скопје објави конкурс за учесници на циклус работилници за филмска и театарска критика, како дел од проектот Гледај.мк.

Работилниците ќе се реализираат во периодот од април до октомври 2018 година, ќе бидат еднодневни и ќе се одржуваат еднаш месечно. Во периодот меѓу работилниците, учесниците ќе работат на развивање на своите вештини за креативно пишување и критичко размислување заедно со тим од ментори.

Право да учествуваат на конкурсот имаат сите лица, кои на денот на објавување на овој конкурс имаат помеѓу 16 и 30 години и кои можат да учествуваат на сите работилници. Предност при селекцијата на учесници ќе имаат лица, кои до сега немаат објавувано сопствени рецензии и кои ќе имаат доволно слободно време за да учествуваат на работилниците, но и на активностите вон работилниците – следење на филмови и претстави, фестивали, скрининзи.

Работилниците ќе се одржуваат во Скопје, во просториите на МКЦ, во неработни денови – сабота или недела, и ќе бидат најавувани барем една недела пред нивното одржување.

Одбраните учесници ќе добијат:
● Учество на 5 еднодневни викенд работилници во наредните неколку месеци
● Развивање на вештините за креативно пишување и критичко следење на филмски и театарски дела, под будното менторско око на проф. Ана Стојановска, Влатко Галевски и Васко Маглешов.
● Редовно објавување на рецензиите на gledaj.mk
● Објавување на најдобрите рецензии во месецот во печатеното издание на Филм+
● Бесплатни карти за филмови и претстави
● Дружење со останатите учесници-вљубеници во театарот и филмот и гости-предавачи од Македонија и странство..
● Можности за посета на домашни и странски филмски и театарски фестивали и поврзани настани.

Од одбраните учесници ќе се очекува:

● Учество на сите 5 работилници
● Пишување на најмалку 3 рецензии месечно
● Учество на месечни состаноци на групата, заеднички скрининзи
● Посетување на скрининзи, премиери, фестивали.

Секој одбран учесник ќе треба да уплати сума за котизација од симболични 500 денари и да пополни изјава за учество. Средствата од прибраната котизација ќе се искористат за да се понудат дополнителни содржини и активности на учесниците. Сите заинтересирани треба да го пополнат формуларот (ОВДЕ) и да испратат кратка рецензија (1-2 страни, фонт 11) за филмско/театарско дело објавено во последните 3 месеци, на gledaj@mkc.mk, со назнака „Гледај.мк – конкурс за учесници“. Крајниот рок за пријавување на конкурсот е понеделник, 23 април, до 12 часот напладне. Првата работилница од циклусот ќе се одржи во сабота, 28 април.