Сезона за лов на активисти

12.04.2018 00:43
Сезона за лов на активисти

Воените репортери и борците за човекови права се вообичаени и познати жртви на општествените конфликти со поголем или помал интензитет, заради што овие занимања се вбројуваат меѓу некои од најризичните. Но, помалку е познато дека секоја година просечно се убиваат и двеста луѓе кои, активистички или професионално, се занимаваат со заштита на околината, природата и дивите животни. Најчести жртви на такви егзекуции се конзерваторите и ренџерите во националните паркови, кои ги убиваат вооружени милиции и организирани банди шверцери и ловокрадци. Но, чести мети се и обичните луѓе, припадниците на староседелските народи кои гинат во конфликти со мафијашки увезените корпорации и локалните политичари, во обиди да ги запрат штетните „развојни“ проекти за околината.

Убиството кое особено ја потресе еколошката заедница и го означи своевидниот врв на оваа криза се случи на почетокот од февруари во Кенија, кога беше убиен Есмонд Бредли Мартин, американски конзерватор кој речиси половина век се занимаваше со илегалната трговија на слонови коски и чие дело придонесе за забрана на лов на слонови. Мартин беше еден од најугледните светски конзерватори воопшто, пионер во борбата за заштита на слоновите уште од седумдесеттите години, во време кога ловокрадството за кратко време ја преполови популацијата на овие животни. Беше најдобриот светски познавач на глобалната илегална трговија со слонови коски, се инфилтрираше на црните пазари, ги анализираше цените и побарувачката и разви методологија за следење на шверцот која денес се користи рутински.

Иако имаше 75 години, Мартин последното свое теренско истражување го направи само неколку месеци пред смртта, кога заедно со колешка замина во Лаос, каде после забраната во Кина, најголемиот светски пазар на прозиводи од слонова коска, се пресели илегалната трговија со оваа суровина. Во извештајот кој потоа го објави организацијата Save the Elephants ги опишаа луксузните одморалишта кои изникнаа во џунглите на Лаос, исклучиво за шверц на слонова коска. Френк Поуп, извршен директор на организацијата Save the Elephants, во изјава за L. A Times рече дека Лаос, со Камбоџа и Виетнам, стана најбрзо растечки пазар за слонова коска на светот и дека таму постојат 'ничии земји каде кинеските бизнисмени купуваат цели делови од џунглата и ги претвораат во енклави во кои часовниците се наместени на пекиншко време, а кинеските посетители им се препуштаат на работите што не смеат да ги прават дома: дрога, проституција, коцкање и трговија со диви животни'. 'Мартин и колешката таму биле единствените западњаци кои се истакнувале како болен прст', додаде Поуп. Но, и покрај тоа кениската полиција одлучи фактот дека Мартин бил избоден до смрт во својот дом, да го третира како кражба, за што сè уште не е приведен никој.

Есмонд Бредли Мартин

Како кражба се смета и минатогодишното убиство на уште еден важен конзерватор, јужноафриканецот Вејн Лотер. Тој е убиен во танзаниското пристаниште Дар ес Салам, додека се возел со такси од аеродром до хотел. Двајца непознати сторители ја отвориле вратата на автомобилот и пукале во Лотер, човекот кој исто така се бореше против ловокрадството со помош на доушници и користење разузнавачки податоци, а благодарение на неговата организација ПАМС танзаниската единица за организиран криминал уапси стотици ловокрадци. Со работењето на ПАМС истребувањето на танзаниските слонови беше значајно намалено, но колкави се размерите на ловокрадството покажува податокот дека во седумдесеттите во тамошните резервати живееле околу 110 000 вакви животни, а денес има само 15 000.

Убиствата на активистите за заштита на природата системски се бележат во последните петнаесетина години, а организацијата Global Witness објави извештај за тоа минатата година на почетокот од февруари. Според нивните податоци, минатата година секоја недела се убивале просечно четири лица кои се бореле против активностите на шверцерите и ловокрадците или пак против изградбата на рудници, плантажи или инфраструктурни проекти. Индустриите кои се занимаваат со експлоатација на ресурсите се најголеми двигатели на насилството, па така 36 лица биле убиени заради активности поврзани со рударството, а дел од нив со глобалната побарувачка за градежни материјали. На пример, во Индија се убиени тројца членови на исто семејство кои се противеле на црпењето песок од локалната река, а во Турција брачна двојка која со судска пресуда затвориле каменолом за снабдување на градежните работи за елитните летувалишта. Во конфликти на локалните заедници заради црпење руда се гинело во Перу и Колумбија, а во земјите од Латинска Америка заради пораст на побарувачката во индустријата за храна со соја, палмино масло, шеќерна трска и говедско месо, чести се масакри и на фармерите од страна криминалните банди кои настојуваат да дојдат до евтина земја за скапо да им ја препродадат на компаниите.

Организацијата Environmental Justice Atlas минатата година забележала 2355 случаи на вооружено насилство околу сопственост над вода и земја, црпење ресурси и масовно загадување на околината и објави дека убиствата главно остануваат неказнети, дека најчести нарачатели се локалните политичари и бизнисмени, а жртвите сиромашни припадници на автохтоните народи, без правна заштита и пристап до медиуми.

Вејн Лотер

Според податоците на Global Witness, бројот убиства на активисти за заштита на природата двојно се зголемил во однос на периодот од пред пет години, а повеќето жртви, вкупно 105, се ренџери во национални паркови. Меѓународната федерација на ренџери забележала речиси илјада убиства на чувари на паркови во последните десет години, од кои 80 проценти од тие убиства ги извршиле професионални ловокрадци и вооружени милиции. Најголемо зголемување на бројот убиства на ренџери е забележано во азиските земји, но со години најлоша е состојбата во Демократската Република Конго, каде во 2017 година се забележани 13 такви убиства.

Во тамошниот национален парк Гарамба, инаку место на светско наследство под заштита на УНЕСКО, живеат ретки заедници слонови и бели носорози, а ловокрадството таму се мери во милионски заработки. Паркот Гарамба се наоѓа на порозните граници на ДР Конго со Чад и Јужен Судан, од каде, на рутите на кои во минатото се воделе робови, се слеваат војници, дезертери и припадници на разни бунтовнички групи, од кои најноторна е христијанската Милиција на божјиот отпор позната по масовни силувања, осакатувања и користење деца како војници и сексуални робови. Со паркот, во соработка со владата на Конго, управуваат Африканските паркови, невладина организација со седиште во Јужноафриканската Република под чија ингеренција се 12 најважни национални паркови на африканскиот континент. Пред две години во Гарамба беа убиени извршниот директор и четири ренџери, по што вработените биле вооружени со калашникови и обучени од страна на пензионирани британски офицери со искуство во воени конфликти.

Претставувајќи го извештајот на својата организација, водачот на кампањата на Global Witness, Бен Ледер изјави дека заштитниците на природата ширум светот и натаму ќе бидат изложени на злоставување, затворање, закани и убиства 'сè додека локалните заедници не се вклучат во одлучувањето за користење на земјиштето и природните ресурси'. Слична изјава даде и Џон Нокс, независен известувач на ОН за деградација на околината, кој е на таа позиција од нејзиното основање во 2012 година. Во интервју за L. A Times, Нокс како главни причини за ескалација на насилството спрема заштитниците на природата ги наведе зголемената побарувачка за ресурси како што се минералите, дрвната граѓа и земјата за плантажи, потоа фактот дека на таквите подрачја живеат ранливи групи, во голем дел рурално, сиромашно и маргинализирано население кое не се бори само за земјата на која живее туку и за сопствениот опстанок, и отсуството на владеење на правото и неказнивноста.

Излевање нафта во реката Нигер

Од околу 1000 убиства за десет години процесирани се само десет убиства, еден процент од злосторствата, што се доживува како зелено светло за егзекуции. Неказнивоста, вели Нокс, е последица на корупцијата на локалните елити, а проблем е и фактот дека борците за заштита на околината се дискредитираат како противници на развојот, нешто што тој го смета за фундаментална грешка зашто во сите овие случаи не се работи за одржлив развој туку за чиста експлоатација.

Меѓународната правна заштита во случаите на еколошко насилство или злосторствата поврзани со нив практично е непостоечка, а последниот голем чекор наназад во таа смисла се случи во 2013 година, кога американскиот Врховен суд ја укина можноста во тамошните судови да се процесираат кршењата на човековите права сторени во странство, без разлика дали се работи за корпорации или соборени диктатори.

Судот се занимаваше со конкретен случај од почетокот на деведесеттите, кога нигериската влада во серија полициски насилства ги загуши протестите против компанијата Royal Dutch која црпела нафта во делтата на реката Нигер. Во насилствата имаше и мртви, а група тамошни граѓани во Америка поднесе тужба против нафтената компанија заради учество во репресија. Меѓутоа, пролетта 2013 година Врховниот суд едногласно ја отфрли не само таа, туку и секоја идна слична тужба, со образложените дека практиката за процесирање насилства сторени на странско тло би создала проблеми во надворешната политика, а американските државјани и компаниите би ги изложила на прогон во други држави. Американските организации за заштита на човековите права беа разочарани од одлуката, но затоа ја поздравија здруженијата/асоцијации од бизнис заедницата, со тврдење дека обвинителите во таквите постапки 'го злоупотребуваат инситутот човекови права' за да се дограбаат до парите на компаниите. Пред укинувањето на оваа можност, најважна слична пресуда беше донесена во американскиот суд на Хаваите во 1996 година против наследникот на покојниот филипински претседател Фердинанд Маркос. Со пресудата беше досудена отштета тешка 1,9 милијарди долари заради тешки кршења на човековите права, и тоа по командна одговорност.

Меѓутоа, иницијатива се појави од Меѓународниот кривичен суд во ХАГ, каде 2016 година тамошното обвинителство објави таканаречен policy paper, во кој предлага случаите за одземање земја и масовните уништувања на околината да се категоризираат во опсегот на дејствувањето на судот, зашто според Римскиот статут тоа спаѓа во кругот на неговите овластувања. Во предлогот се наведува желбата на обвинителството да се процесираат злосторствата како што се илегалната експлоатација на природните ресурси, грабежот на земјата и уништувањето на околината, со што би се овозможил судски прогон на корпорациските челници за злосторства кон околината и кршењата на човековите права поврзани со нив.

Извор: https://www.portalnovosti.com

Слични содржини

Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Свет / Екологија
Активизам / Свет / Екологија
Свет / Екологија
Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото