Детството на режисерот на патните филмови

12.04.2018 17:21
Детството на режисерот на патните филмови

– Тоа ти се најдобри години, дванаесет, тринаесет – тврди Франци – со дваесет си веќе стар.

Седат на паркиралиштето зад основното школо, Мариица, Тања и тој. Почеток е на летните празници. Калта се претворила во жешка прашина, во која Франци ги закопал табаните. Успеа незабележано да ја пикне главата во Тањиниот скут, таа малку се сепна, но не го оттурна. Среќен е.

Блескавото сонце го гори по челото и образите, зборува ли зборува, а девојчињата слушаат. Колку е само среќен!

Сестрите нешто уплескале дома, па за казна не смеат подалеку од зградата. Парчето небо помеѓу облакодерите го прелетуваат галеби и тоа е сè, освен нивните крици нема ни звук. А сите други се веќе на плажа. Се фрлаат од големиот мост во плиткото, фрлаат морски краставици по жените кои врескаат. Секое лето исто, си шепоти Франци во себе дека ништо не пропушта. Добро му е тука кај што е.

На пладневното сонце светкаат каросериите на автомобилите, металната мазна кожа на силните грла.

Мариица лиже сладолед на стапче, чоколадото се топи и се впива во прашината. И ништо не се мрда освен црвените мравки под ѕитчето на кое седат тие тројцата. Франци го слуша своето срце во слепоочницата која го притиска Тањиното кафеаво колено. Тања го гледа Франци.

– Имаше нешто за тоа и во новини, ама не многу. Тој тип од тринаесет години, Џони, украл јагуар. Знаеш, јагуар, најјако ауто?! Црно, металик – прав пантер, лудило. Тоа било у Австралија, скоро. И замисли! Со него биле две женски, баш ко вас две, на ваши години: едната дванаесет, другата скроз мала, осум. И тројцата, не знам како, ама пази, успеале да го украдат тоа ауто, шибале низ она пустињата пре- ку двеста на саат. Знаеш ли ти ш’о е аустралска пустиња?! Замисли, ова сега, оваа температура кај нас, тоа кај нив ти е ко среде зима; гумите од вруќина пукаат на асфалт, нигде никој, ни вода, ни ветер. Само мртви кенгури. Замисли, Тања. А они, тројцата, песто километри ѝ бегале на полицијата. Спиеле у мотел у некој пичковац, аутото го покриле со церада цајканите да не го снимат. У мотелот дошла локалната банда. Сакале да ги силуваат женските, ама дечкото Џони ги зезнал, им киднале. После ги препознале на пумпа, дошол таму некој ко нивни шериф и сите други со џипови. Била брканица низ пустината. Јагуарот бил цел црвен од земја. И џиповите по него, полицајски. Тука им снемало бензин, нешто така, и после ги однеле дома.

– Па кај иделе? – прашува Мариица, очите ѝ се големи, устата чоколадна.

– Па битно ли е кај иделе!? – Франци набрзина ја погледнува Тања, да го провери ефектот на своите зборови.

– Возењето е важно по себе, тоа е слобода. Уш’е си мала па не разбираш. А ние да имаме некоја пустиња, и ја исто ко тој Џони би ... ние сме географски оневозможени, сфати. Нас тројцата полицајците би нè фатиле пред Неориќ.

Тања се смее. Тоа го плаши и му дава храброст. Ја гледа в очи, вели:

– Ама тоа ќе го направиме во следните неколку дена. После е веќе касно. Не ти се прави, остаруваш.



Истата таа вечер Мариица го извлече својот електричен боби од дрварницата, а некаде пред зората весело брмчеше низ уличките на предградието кон излезот на градот.

Малку им свиреше на мачките кои претрчуваа преку патот, ги испеа сите рефрени на кои можеше да се сети, а потоа паркира покрај работ од асфалтот и го изеде сендвичот со сирење, го испи сокот.

Уличните светла почнаа да се гаснат, небото се забели, поминаа и два автомобили. Еден возач го спушти прозорското стакло:

– Еј, девојче, што правиш?

– Надалеку патувам.

– Така ли?! А каде ти е домата? Не би смеела да бидеш далеку од дома...

– Ма тука ми е куќата, еве ја! – се снајде малата и покажа со прстот некоја куќа покрај патот, околу која растеше зелка.

Возачот се насмеа, малку заврти со главата и продолжи по патот.

На раскрсницата реши да вози по покусиот пат, низ маслениците и лозјата, таму нема да има големи аута...

Сонцето веќе стана врело, па го наби шапчето на глава, а потоа, за да се забави, повторно запеа на цел глас. Црвениот боби малку се закашла, па сопре. Попусто ја притискаше пластичната педала за гас. Ни да мрдне.

– Што би направил храбриот Џони? – помисли Мариица, го протри носот, ги размачка солзите, воздивна два-три пати, ги извади врвците од чевлите, цврсто ги врза една за друга, а потоа за аутцето. Го повлече неколку метри, па сопре. Уште неколку метри, па пак сопре и конечно клапна на земја покрај својот болид.



Тука патчето завршуваше. Влегуваше во рид. А од десната страна, оградена со жица, се простираше жешка румена земја со по некој чик и џбун на дива ружа.

Последното што девојчето го виде низ маглината беа чудни големи кокошки кои трчаа по црвената прашина на пустината држејќи ги исправено ситните главчиња на долгиот, долгиот врат. На обесената шперплоча со мали букви пишуваше: фарма, а под тоа, со големи: АВСТРАЛИЈА. Весело се насмеа, ја пикна зашеметената глава под аутцето и така, донекаде скриена од горештината, заспа.

Пладневното сонце се завлече под затворените клепки, некој го крена бобито и во блескавото светло над себе Мариица здогледа лице на непознато момче во карирана кошула и две-три збунети оклести птичји глави врз долги вратови.

– Што прафело ти тука, литл грл?

– Мај нејм ис Мариица. Ај ду мај слип. Дремкам.

Девојчето неочекувано бргу се исправи на нозе и се тргна малку подалеку од птичиштата:

– Какви ви се тие луди чикн?

– То е ној. Офа е фарма на ној. А ја су барба Метју, Мате од Сидни, Острелија.

– А нојот во Австралија живее?

– У Острелија шивее ему, то ти е слично на ној – рече момчето во карирана кошула, пред да ја однесе под сенка и да ѝ даде да пие.

Ја голташе водата заедно со воздухот, толку жедно што ја болеа вилицата и грлото.

– Сеа ќе дојдат џиповите по мене?

– Аа? Шо кашало?

– Џип, џип од полис, тину-нину...

– Леле, ти литл грл, богати, какфа полис... Ајде јафило ти тфоја мама дојде, ефе мај мобил...

Мариица се смурти, но веднаш се досети... Ја обеси брадата, ја испрчи долната усна, а очите во миг ѝ се пре- творија во езера тага:

– Аааа, ја не, не, не го зна-аааа-ам б-б-бро-о-оој-от... не го зна-аа-ам б-б-б...



По неполни дваесет минути, пред фармата за ноеви на Метју Шегота го паркираше службениот џип инспекторот Џирлиќ. Им приоѓаше во измаглицата на пладневната омарнина, како фатаморгана, а џипот баш беше црвен од прашината.

– Дуј у спик инглиш, ср? – сериозно го праша Мариица.

****
Веќе утредента Мариица и Тања седеа на затворената трафика покрај паркиралиштето. Казнети. Пак забрана за капење поради вчерашната авантура. И за Тања, за секој случај.

Франци помина во влечки и гаќи за капење со пешкир преку рамото, целиот згоден. Свиркаше, гледаше право, помина бргу, промрмори поздрав.

– Еј Франци! – викаше од трафиката убавата Тања, кафеава како чоколадо. – Слушна ли?! Мариица возеше до Австралија, ја видела црвената пустиња! И птиците ему! ... И мртов кенгур! – додаде за секој случај.

– Аха, само ш’о не умрев у пустињата! А после ме спаси мистер Метју и џипови дојдоа по мене, полицајски... Ако сакаш, можам да ти покажам јајце од птицата ему! – му довикна Мариица важно, лижејќи сладолед.

Франци одмавна со раката:

– Брзам! – го засили чекорот.

Ја слушна тој таа приказна, сите само за тоа збореа. А воопшто и не е права Австралија, глупости.

Зад аголот ги стисна дланките со сета сила, па побрза уште пожестоко влечејќи ги папучите врз врелиот асфалт, газејќи ги без милост црвените мравки.

Превод: Игор Исаковски
Извор: Оља Савичевиќ Иванчевиќ, Да се насмее пес; Блесок, 2009.

ОкоБоли главаВицФото