Повеќе од популизам

13.04.2018 00:01
Повеќе од популизам

Кога Марио Монти го замени Силвио Берлускони на премиерската функција во 2011 година, за момент се чинеше дека во Италија се повлекува бранот на популизмот.

Потоа, минатиот јануари Жан-Клод Јункер во Брисле му посака добредојде на Берлускони, кој ќе ја ослободи Италија од популизмот на Движењето пет ѕвезди на Бепе Грило. Во межувреме, Берлускони влезе во сојуз со популистичката (десничарска) Северна лига на Матео Салвини и подеднакво популистичката (практично неофашистичка) група „Fratelli d’Italia“. На изборите на 4 мар победи Движењето пет ѕвезди, а Северна лига успеа да го надигра Берлускони во внатрешните борби за поделбата на пленот во изборната коалиција „centro-destra“ (десен центар).

Ако ги прифатиме популарните толкувања кои сите политички проблеми ги објаснуваат со баучот на популизмот, би можеле да заклучиме дека на изборите во Италија популистите им се спротивставија на популистите, за да на крајот победат популистите...Можеби е време да се откажеме од обидот баш сè да објаснуваме со универзално применливата дихотомија „популизам и антипопулизам“.

Поимот на популизмот е теоретски калеидоскоп со кој, без да се прави разлика се објаснуваат и Доналд Трамп и Берни Сандерс, Џереми Корбин и Марин Ле Пен, Алексис Ципрас и Виктор Орбан, па дури и Барак Обама, или некогаш одамна Марагарет Тачер. Таквиот поглед на светот е утешен и нуди сигурност: во време на општа конфузија, кога сè што е цврсто и постојано се претвора во чад (политичките традиции, идентитетите, наративите), најголем проблем е што гласачите на погрешен пат ги наведуваат демагозите што громогласно си даваат оддишка од стравовите од непознатото. Но, популизмот е само еден политички стил кој се користи за промовирање на различни програми и стратегии. Тој не е поглед на свет или идеологија сама по себе. Да се обидеме да не ги мешаме појавите и суштината, симптомите и причините.

Живееме во време на епидемија на ирационалноста; „Иако е тоа лудило, сепак во него има метод“ (Хамлет). Шокантните изборни резултати во Италија е последната манифестација на трендот кој веќе го видовме во Америка со победата на Трамп, на референдумот за Брегзит во Британија, како и со подемот на лепенизмот во Франција или на екстремната десница во несомнено просперитетната Германија. Тоа е лудило што цвето меѓу аутсајдерите, особено меѓу младите луѓе кои се први на удар на ефектот на дерегулацијата на пазарот на труд и гасењето на социјалната држава, но и во регионите со висока стапка на невработеност и ниско ниво на образование. Нема директна корелација со присуството на имигранти, но очигледно е дека социјалната мобилност која води само надолу предизвикува страв. Заедно со тоа секогаш оди и евроскептицизмот, честопати оправдан – Италија е држава која прими диспропорционално голем број бегалци што другите држави во ЕУ одбија да го сторат, односно да ги примат бегалците.

Тој „културен противудар“ (термин што го користат Пипа Норис и Роналд Инглехарт) најсилно делува врз првите жртви на нееднаквиот развој, откако ветувањата за прелевање на богатството на отворените и дерегулирани пазари се покажаа како лажни. Губитниците од процесот на глобализација се чувствуваат сè поодалечени, во материјална и симболична смисла, од космополитските групи на висококфалификуваната елити, кои во ултра модерниот глобализиран свет се чувствуваат како дома и ја објавуваат победата на прогресивните вредности и отворените општества.

Прогресивните постматеријалистички вредности се производ на „трите славни децении“ (1945 - 1975), период кога западните општества успеале да обезбедат единствен спој на просперитет и прилично правична распределба или дистрибуција на богатството – што е историски придонес на социјалдемократските сили. Изворот на денешната неоконзервативна реставрација е општото чувство на лична и колективна несигурност.

По либералното прилагодување на доцниот капитализам, социјалдемократијата губи контакт со аутсајдерите и губитниците. Затоа во Италија доживува тешки порази, во Германија живурка во пат позиција, во коалиција со проповедниците на ордолиберализмот и се носи со последиците од пасокификацијата во цела Европа. Таа падна како жртва на сопствениот триумф кога премногу им се приближи на средниот пат и на политиките на консензус. Во последните мигови на својата хегемонија („Третиот пат“ на Блер и „новиот центар“ на Шредер), социјалдемократија потполно се прилагоди на пост-фордистичкиот капитализам и така ја пропушти шансата да влијае на европските интеграции.

Наместо тоа, ја усвои програмата на своите противници. Никогаш претходно социјалдемократите толку цврсто не верувале во пазарната саморегулација. Кога изби кризата во 2008 година, социјалдемократијата не беше во состојба да понуди евро-кејнсијански одговор и така да ги избегне политиките на штедење или да ги неутрализира неденаквостите настанати со дејствувањето на „економијата на прелевањето“. Материјалната сигурност е темел на прогресивниот реформизам, заедно со политиката на идентитет. Всушност, социјалдемократијата денес со леснотија ја добива поддршката на „глобализираните“ либерални гласачи кои работат на елитни работни места.

Она што е изгубено е поддршката од работниците, младите прекаријатни работници, од луѓето заробени во напуштените пристаништа и некогашните индустриски центри.

Сè додека социјалдемократите, сè погласните барања за државен протекционизам, не ги претворат во прогресивен постнационален фронт и нова рамнотежа помеѓу материјалната и културната сигурност, тој проблем ќе им биде препуштен на лешинарските сили, не на некој апстрактен „популизам“, туку на специфичниот тип десничарска политика – агресивна верзија на неоконзервативизмот. Токму тоа го покажува ветувањето на Трамп за авторитарни заштитни механизми во еден развиен свет. Трамп го оживеа типичниот репертоар на конзервативизмот: економски протекционизам насочен кон жителите на деиндустријализираните зони („вратете ни го јагленот и челикот“), интровертниот и агресивен национален идентитет на исклучивост и расизам („подигнете ѕид“), реставрација на традиционалните општествени хиерархии во кои големите пари и работниците ги наоѓаат своите „природни“ места во хармонично белата Америка.

Наместо ламент над плимата на наводно ирационалниот популизам, левицата треба да застане во одбрана на своите темелни вредности – пред сè на идејата за приматот на политиката во однос на економијата, централното начело на социјалдемократската традиција. Како што Шери Берман елоквентно покажа, потребна ни е политичка интервенција, а не пасивно прифаќање на дејствувањето на „глобалните пазарни сили“, нов социјалдемократски компромис помеѓу капиталот и трудот, без големи жртви во доменот на економската стабилност и поголема заштита на губитниците.

Новата рамнотежа на просперитетот и правичноста е клучот за обновување на прогресивните вредности во опкружувањето на „културен противудар“. Всушност, материјалната сигурност е предуслов залична еманципација и отоврен самоуверен национален идентитет,овојпат надвор од рамките на националната држава (како што беше во текот на трите славни децении), затоа што денес реформата е возможна единствено на наднационално, европско, федералистичко ниво.

Фактот дека левицата речиси секаде е во распад, додека екстремната неоконзервативна десна интернационала е во подем – не значи дека старата поделба на левица и десница треба да се замени со „популизам и антипопулизам“. Можеби треба да се направи токму спротивното, зашто ова не е судир на различни политички стилови (демагози против умерени) , туку на различни погледи на светот.

Вистински предизвик за левицата е на популистичкиот конзервативизам загледан во себе да му спротивстави егалитарен и прогресивен проект, повторно да ја преземе улогата на исцелител на општествените трауми во нашиот поделен, несигурен и наизглед бесмислен глобализиран свет.

Слики: Arend Van Dam, Sergej Tunin

Извор: Social Europe

 

 

ОкоБоли главаВицФото